1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки за сплотеност од Мечкин Камен, Пелинце и Кале

ДТЗ
2 август 2023

Земјата е исправена пред одлучувачка одлука - европска иднина или слеп балкански колосек. Од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска - порача државниот врв на Илинден.

Илинден 2 август
На Илинден, пораки за обединетост, наминување на разликите и сплотеност со цел изградба на европска МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Пораки за обединетост, наминување на разликите и сплотеност со цел изградба на европска Македонија испрати државниот врв од Мечкин Камен, Пелинце и Кале, каде што денеска се чествува 2 Август – Денот на Републиката – Илинден. Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, претседателот Стево Пендаровски се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, претседателот на Собранието, Талат Џафери беше на Мечкин Камен во Крушево, додека премиерот Димитар Ковачевски повика на обединување за европската иднина пред Споменикот на Слободата - „Слава, сила и победа“ на Тврдината Кале во Скопје.

Премиерот Димитар Ковачевски повика „обединети да ја добиеме и следната битка за ЕУ“, а претседателот Стево Пендаровски смета дека „од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска“. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченоста во Крушево, им возврати: „И денеска македонскиот народ, граѓаните во Македонија покажуваат пркос и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина. Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите знајте дека под маса договараат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија“.

Пораки за сплотеност од Пелинце, Крушево и КалеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Обединети за следната битка

„Република Северна Македонија е успешна мултиетничка приказна која ѝ е подеднакво потребна на Европа, како што Европа ни е потребна нам. Обединети ја добивме битката за членство во НАТО, обединети можеме да ја добиеме и следната битка – полноправно членство во Европската Унија. Тоа го направивме со поуките од минатото и со поглед кон иднината, со чекори напред, а не назад“, рече Ковачевски.

Премиерот во своето обраќање потенцираше дека оваа Влада постапила по аманетот на илинденците и асномците, дека правата се штитат на рамноправен терен, седнати на иста маса заедно со останатите европски земји и светски сили и сите кои во следниот период ќе носат важни одлуки за граѓаните и државата, треба да постапат по истиот аманет. Според него, одлучноста и обединувачкиот дух од Крушевската Република и НОБ се патоказот за претстојните чекори напред.

„Денес Република Северна Македонија е 30. полноправна членка на НАТО-алијансата со отворени перспективи до 2023 година да ја оствари и другата стратешка цел – членството во Европската Унија. И денеска Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот“, рече премиерот, кој ја предводеше владината делегација во чиј состав беа вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и министерката за одбрана Славјанка Петровска. 

Да се надминат разликите

Претседателот Стево Пендаровски од Пелинце повика да се надминат разликите. „Да се сплотиме околу итно започнување на преговорите, во спротивно ќе ги изгубиме младите кои се иселуваат. Потребни ни се европски реформи, кои ќе помогнат да го оствариме виталниот национален интерес, да ги мотивираме младите да останат во државава“, порача претседателот на одбележување на 2 Август, во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Претседателот Стево Пендаровски од Пелинце повика да се надминат разликитеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Пред присутните Пендаровски кажа дека младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена, клучни за трансформациите во државата, но денес, вели, се загрозено малцинство. „Со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност многу бргу да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање. Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се забави со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов ја антиципираме“, рече Пендаровски, кој смета дека „од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска“. 

Претседателот е дециден дека добра алтернатива за европските реформи не постои. „Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државава и да се вклучат во изградбата на европска Македонија“, порача Пендаровски. 

Заедништвото нема цена

„Свртени сме еден кон друг и во добро и во лошо и верувајте, тоа заедништво - нема цена!“, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери кој присуствуваше на манифестацијата на Мечкин Камен. Европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет на сите е веќе на дофат, вели тој.

Според Џафери, земјата и граѓаните сега се исправени пред уште една голема и одлучувачка одлука. „Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето  во 1991 година, или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не нѐ води никаде, е избор кој што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина, која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана. Ова не се времиња за наивни надмудрувања кои ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече. Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните“, вели Џафери.

Симбол на македонската борба за слобода

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека борбата за Македонија никогаш нема да престане.„Горди сме на нашите предци и на нивната саможртва да ја изградат Македонија. Тие се нашиот пример дека со сплотеност и одлучност можат да се постигнат сите цели. И денес, како и пред еден век, се справуваме со внатрешни и надворешни предизвици, но минатото нѐ учи дека со обединетост, достоинство и верба во правдата ќе изградиме подобра иднина“, велат од партијата. 

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Илинден е симболот на македонската борба за слобода, тој е македонскиот темелник на државноста.  „Македонија и Илинден се две испреплетени нишки кои го означуваат идентитетот на секој Македонец“, вели тој.

„Борбата за Македонија никогаш нема престане. Таа е вечна исто како што е вечна идејата да изградиме татковина која е своја на своето, која е еднаква со сите под ова сонце и која ќе биде напредна и просперитетна. Тоа битисувало и во двата Илиндена, тоа битисува и денес“, порача Мицкоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми