1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четири години војна: Зошто Украинците остануваат отпорни?

Лилија Ржеутска
24 февруари 2026

Ова е најсурова зима за Украина во изминатите 4 години војна. И покрај гранатирањето, уништувањето на инфраструктурата и неизвесноста околу преговорите, Украинците не сакаат да се предадат. Од каде црпат толкава сила?

Украина Киев 2026 | Жени вклучуваат генератор на улица во Киев
Жени вклучуваат генератор пред продавница на улица во КиевФотографија: Thomas Peter/REUTERS

На почетокот на февруари, Меѓународниот институт за социологија од Киев (КИИС) ги објави резултатите од анкета спроведена кон крајот на јануари, односно во време кога по масовни руски напади врз енергетските објекти, делови од земјата, а пред сѐ главниот град Киев, се соочуваа со акутен недостиг на струја, греење и вода и тоа на температури до -25 степени Целзиусови.

Според 88 проценти од испитаниците, Русија сака со нападите врз енергетскиот систем на земјата да ја принуди Украина на капитулација. 65 проценти од испитаниците изјавиле дека се подготвени да ја издржат војната колку што е потребно. Во септември и декември 2025 година, 62 проценти биле со таков став.

„Месецов не ме направи ниту порешителна ниту побесна, бидејќи уште од 2022 година сум максимално одлучна и бесна. Ова едноставно е уште една фаза во исклучително тешка борба што ќе ја добиеме на еден или друг начин“, вели за ДВ Јулија од Киев. Нејзиниот сопруг, со кого има една ќерка, од 2024 година е во војната. „Бесот најмногу ми помага да останам цврста, но и сознанието дека нема друг избор. Сè друго освен да останам цврста, би било значително полошо“, вели таа.

Луѓето се греат во загреан шатор во Чернихив и ги полнат своите мобилни телефониФотографија: Maksym Kishka/Anadolu/picture alliance

„Не станува збор само за правда, туку за опстанок“

Антон Хрушецкиј, директор на КИИС, во разговор со ДВ објаснува дека еден од најважните фактори за отпорноста на луѓето е сознанието дека војната на Русија против Украина е егзистенцијална. Според него, за Украинците не се работи за правда, туку за гол опстанок.

„Отпорноста на Украинците и натаму е на високо ниво. Од една страна се исцрпени и отворени дури и за тешки отстапки. Од друга страна, и покрај сè, тие не се подготвени да ги преминат 'црвените линии'“, вели Хрушецкиј.

Дури и обидите на Русија за време на зимата да создаде неподносливи услови за живот во Украина, не смениле ништо во тој поглед. Социологот додава дека Украинците веќе зборуваат за „холодомор“, збор што на украински значи „убиство со глад“, а се користи за периодот меѓу 1932 и 1933 година, кога сталинистичкиот режим во Украина систематски предизвикал глад. По аналогија, „холодомор“ сега се користи за „убиство со студ“.

И психологот Катерина Кудржинска посочува дека Украинците се исцрпени од хроничен стрес. „Тоа си го зема данокот во телото, нервниот систем и психата“, вели таа. Според неа, отпорноста на Украинците се должи и на психолошки ефект, имено - по толку многу загуби, тие не сакаат да се откажат од она што им останало.

Технологијата ѝ помага на Украина во војната против Русија

00:59

This browser does not support the video element.

„Сакам да ја обновам мојата земја“

„Сакаме да издржиме затоа што ако се предадеме, ќе биде многу полошо под руско водство“, вели студентката Наталија за ДВ. Таа дојде на Плоштадот на независноста во Киев за да постави мало знаме во чест на својот татко на импровизиран споменик за паднатите војници. Тој неодамна го загубил животот во регионот Доњецк.

Младата жена признава дека некогаш многу тешко ја поднесува ситуацијата - загубата на татко ѝ, екстремните услови за живот и свесноста за тешката состојба во земјата.

„Мојата сила произлегува од фактот дека живеам за мојот татко, кој сакаше да живее и да си изгради иднина со своето семејство. Заради него не можам едноставно да се откажам. Украина има иднина, убедена сум во тоа“, вели Наталија, која првично избегала во странство кога почнала војната, но подоцна се вратила. „Украина е моја татковина, не сакам да си одам. Сакам да ја обновам мојата земја“, вели таа.

И Олга од Киев сака да остане таму. „Не можам да си го земам детето и да си заминам. Тоа би било предавство на мојот сопруг, кој е во војна“, вели таа за ДВ.

Нејзиниот сопруг како доброволец се бори уште од самиот почеток на руската инвазија и моментално е распореден во регионот Покровск. Тој многу ретко се враќа дома, вели Олга, која работи и сама го гледа двегодишниот син. Таа вели дека многу Украинци се надеваат дека ќе дојде крај на војната. Тие забележуваат знаци на економски проблеми во Русија и ја црпат својата надеж од фактот дека на Русија не ѝ успеа да постигне никакви значајни воени победи за четири години. Токму тоа, според неа, ја потхранува вербата дека на крај исходот ќе биде добар.

Украина: Дедото се грижи за внучето, сираче од војната

01:50

This browser does not support the video element.

Расположението меѓу украинските војници на фронтот

Сергеј (името е сменето) пред четири години доброволно се пријавил како медицинско лице во редовите на украинската војска. Тој смета дека мотивацијата и внатрешната сила страдаат од неколку причини - нема фиксно време кога се ангажирани, речиси и да нема можности за демобилизација, а и финансиската поддршка за војниците кои не се на фронтот, е многу слаба.

Кирило (името е сменето) од копнените сили, известува дека неговите другари веќе се помириле со недостатокот на одмор. „Толку се навикнавме на ова овде што веќе и не се  сеќаваме како беше порано. Ако на почетокот имаше планови за иднината, сега веќе нема ништо. Тоа не е песимизам, ве молам не разбирајте ме погрешно. Повеќе е во стилот дека што и да дојде, ќе дојде“, вели тој и додава дека „тоа е еден вид понизност, а не очај“.

Кирило се жали дека моралот во армијата е опаднат поради корупциските скандали во владата и случаи на проневера на средства наменети за одбранбената индустрија. Во такви моменти чувството дека се измамени е особено изразено, раскажува Кирило за ДВ.

„Мене лично, кога мотивацијата опаѓа, ми преостанува само дисциплина и сознанието дека Украина, оваа нација, овој идентитет, во иднина можеби веќе нема да ги има, ако не истраеме и не се бориме“, објаснува „Мос“, војник во украинска единица за беспилотни летала. И тој се борел со префорсираност и апатија. Но, свеста дека нема алтернатива му помогнала.

Мајка и ќерка од Украина најдоа мир во Струмица

03:41

This browser does not support the video element.

Визија за успешна иднина на Украина

Според социологот Антон Хрушецкиј, отпорноста на Украинците на крајот од четвртата година од војната се базира и на сознанието дека европските партнери продолжуваат да ја поддржуваат Украина и дека прогресивниот свет стои зад Киев.

„Сегашното страдање се смета за инвестиција во иднината“, вели тој и додава: „Нашите најнови податоци покажуваат оти повеќе од 60 проценти остануваат оптимисти и веруваат дека Украина за десет години ќе биде просперитетна членка на ЕУ“.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми