Германија: Четири од пет руски конзулати мора да се затворат
1 јуни 2023Сојузната германска влада нареди Русија до крајот на годината да затвори четири од петте генерални конзулати во Германија поради што само амбасадата во Берлин и уште еден конзулат ќе може да продолжат со својата работа. Русија до сега имаше генерални конзулати во Бон, Франкфурт на Мајна, Хамбург, Лајпциг и Минхен. Портпарол на Министерството за надворешни работи рече дека Русија може да одлучи кој конзулат ќе го задржи.
Указот е реакција на сојузната влада на потегот на Русија со кој бројот на германски државни службеници во Русија беше ограничен на максимум 350 лица. Како последица на тоа, сега и руското присуство во Германија е значително ограничено. Во Русија се затвораат германските конзулати во Калининград, Новосибирск и Екатеринбург.
Германска влада: Русија прави „чекор кон ескалација"
Руската влада со таквиот указ направи „чекор кон ескалација”, рече портпарол на министерството во Берлин. Со работа ќе продолжат амбасадата во Москва и конзулатот во Санкт Петербург. Исто така ќе се задржи и минимален број на културните работници, на пример во германските училишта и во Гете институтите.
Рускиот указ кој беше објавен уште пред неколку дена, доведува до тоа повеќе стотици државни службеници како дипломати, наставници и вработени во Гете институтите во Русија, да мораат да ја напуштат земјата. Горната граница за германско присуство од денес, 1. јуни 2023, е на сила.
Русија најави „брза реакција”
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, најави скорешна реакција на германската одлука. Таа изминатиот викенд во разговор со новинската агенција ДПА се закани со натамошни мерки во ваков случај. Захарова на сојузната влада повеќекратно и` префрла дека води анти-руска политика и дека не Москва, туку Берлин започнал со „непријателските дејствија”, како што рече таа. Русија, според Захарова, со секој потег од Германија е присилена на контрапотег.
Спорот достигна нова кулминација
Позадина на спорот е руската војна во Украина. Германија јасно се позиционираше на страната на Украина и испорачува заедно со западните сојузници оружје за неа.
Со новите мерки спорот достигна нова кулминација - иако Германија и Русија во минатото во склоп на билатералните тензии постојано меѓусебно си протеруваа дипломати.
Дипломатските претставништва во Русија и онака се со намалени капацитети, услугите за германски државјани се лимитирани или поврзани со подолго чекање на пример кога е во прашање издавањето на документи.