Четиридневна работна недела - про и контра
8 мај 2023Прво - нема само еден модел на четиридневна недела, туку два. Во првиот, 40-те часа во работната недела се распоредени на четири дена наместо на пет, што резултира со четири дена со по 10 работни часа. Овој модел е воведен на пример во Белгија. Со него вработените можат да одлучат дали сакаат да ја вршат својата работа четири дена во неделата. Но, тоа не значи дека имаат помалку работни часови неделно.
Вториот модел изгледа малку поинаку и го следи принципот 100-80-100, т.е.100 проценти од работата во 80 проценти од времето за 100 проценти од платите. Голем број европски земји веќе спроведоа тест фази за четиридневната недела во последниве години.
На пример, Исланд помеѓу 2015 и 2019 година тестираше колку би била ефективна скратената работна недела со иста плата.
И Шпанија пролетва ќе започне тест-фаза со мали и средни компании. 30 отсто од вработените во овие компании треба да работат најмалку десет отсто помалку часови притоа добивајќи цела плата.
Франција сака во администрацијата да тестира скратена работна недела од 35 часа, распоредена на четири дена. Овој модел исто така долго време е тестиран ширум светот: на пример во Нов Зеланд, Јапонија и САД.
Кои се предностите и недостатоците на четиридневната недела?
Предности на четиридневната работна недела
Помалку стрес со иста продуктивност
Сознанијата од претходните пилот проекти покажуваат позитивни ефекти. На пример, резултатите од една британска студија објавена во 2023 година велат дека вработените биле помалку под стрес и имале помал ризик од ментални болести, како што е исцрпеноста. Анксиозноста, заморот и проблемите со спиењето кај испитаниците исто така се намалиле во текот на студијата. На тестирањето учествувале 61 компанија со околу 2.900 вработени.
Мнозинството компании се изјасниле дека сакаат трајно да ја продолжат четиридневната недела. Велат дека зголемената благосостојба на вработените е причина за ваквата одлука.
Вработените се разболуваат поретко
Во исто време, вработените поретко оделе на боледување. Според експертката по трудова психологија Хана Шаде од Лајбниц-институтот за истражување на работата при ТУ Дортмунд, доволно време за опуштање и помал стрес се причините поради кои се намалува веројатноста од разболување на вработените. Според Шаде, тоа е важно и за прашањето како може да се финансира четиридневната недела. Затоа што, треба да се размисли колку високи би биле трошоците доколку нивото на боледување остане високо и доколку во компанијата има многу вработени со ментални болести.
Поголема рамноправност и помал недостиг на квалификувани работници
Четиридневната недела може да игра и важна улога во промовирањето на поголема рамноправност. Во интервју за ДВ, психологот Шаде посочува на уште еден резултат од британското истражување. Утврдено е дека мажите се повеќе вклучени во делот на грижата во текот на четиридневната работна недела, на пример во грижата за своите деца или роднини на кои им е потребна грижа.
Бернд Фиценбергер, директор на Институтот за истражување на пазарот на труд и на професиите во четиридневната работна недела гледа и решавачка предност во борбата против недостигот од квалификувани работници. „Тоа ги прави работните места попривлечни и го зголемува бројот на апликанти за области во кои компаниите очајно бараат работници.“ Така би било полесно за семејствата да ги усогласат работата и грижата за децата, а на жените кои во германските домаќинства често сè уште мора да ги запоставуваат своите кариери, би им било полесно да се вратат на работа со полно работно време.
Дали помалку работа е добра за климата?
Тешко е да се измери дали намалувањето на работното време има конкретно влијание врз климата. Тинк-тенкот „Концепт за работа нова економија“ на својата веб-страница, на пример, пишува дека со четиридневна недела „може да се намали и потрошувачката на енергија и ресурси на натаму постоечките бранши и работни правци“. Сепак, како ќе се намали еколошкиот отпечаток на вработените зависи од нивниот индивидуален животен стил.
Компаниите попривлечни за апликантите
Иако четиридневна недела посакуваат првенствено оние што се вработени, корист може да имаат и компаниите. „Секоја компанија има конкурентска предност ако нуди четиридневна недела“, вели Шаде. Но, не е моделот со ист број работни часови тој што ги прави компаниите привлечни, туку реалното намалување на работните часови. „За возврат, луѓето се подготвени да трпат други работи“, вели Шаде.
Недостатоци на четиридневната недела
Можеби повеќе стрес?
Според економистот Бернд Фиценбергер, еден недостаток на моделот може да биде згуснувањето на работата во одреденото работно време. Треба да се завршат повеќе задачи за помалку време - што исто така може да доведе до поголем стрес.
Со четиридневниот модел во Белгија, на пример, вработените продолжуваат да работат 40 часа неделно, распоредени на само четири дена. Алтернативно, тие можат и да го намалат бројот на часови, но во овој случај, сепак, би добиле и помала плата.
Продуктивноста не е јасно мерлива
Скептицизам за четиридневната недела доаѓа и од бизнисот. Од гледна точка на Холгер Шефер, економист во Германскиот економски институт во Келн (ИВ), не е јасно како воопшто треба да се мери продуктивноста. „Не можеме со сигурност да утврдиме како се развивала продуктивноста во компаниите“, вели ИВ.
Новиот модел може да доведе и до зголемување на трошоците на компаниите, и тоа „онаму каде што намаленото работно време или концентрацијата на работното време во четиридневна работна недела не водат до зголемување на продуктивноста“, додава Фиценбергер.
Загриженост за конкурентноста
Во Германија, за конкурентноста на индустријата е особено загрижена либералната партија ФДП: „Со оглед на очигледниот недостиг на квалификувани работници, предлогот за четиридневна недела е неразбирлив“, оценува лидерот на пратеничката група на ФДП, Кристијан Дир за весниците од медиумската група „Функе“. Намаленото работно време нема да ја зајакне конкурентноста на Германија, туку да ѝ наштети, уверен е тој.
Според економистот Фиценбергер, пак, ова може да се компензира доколку компаниите преку технички иновации ги направат работните процеси попродуктивни. Тој гледа поголем проблем во тоа до кој степен четиридневната недела би можела да се спроведе во одделни сектори.
Не е исто во сите сектори
„Тоа би било предизвик за областите во кои сега и веднаш, во фиксно време, треба да се пружи услуга за клиентите, за луѓето на кои им е потребно згрижување“, објаснува Фиценбергер. Во делот на здравствената нега, во службите за обезбедување или во транспортните компании, четиридневната недела е потешка за спроведување отколку во други области. „Ако сакаме да спроведеме ригидна регулатива која на ист начин треба да се спроведе на сите сектори, тоа би можело да влијае на конкурентноста.“
Нова перспектива на работата
Од гледна точка на психологот Шаде, темата мора да се разгледува на долг рок. Од една страна, бидејќи помалиот број боледувања има позитивен ефект врз економијата на долг рок. И, луѓето и компаниите прво би морале да се прилагодат на нов начин на работа. „Промената секогаш значи ризик“, вели таа. Тоа предизвикува стравови.
Но, резултатите од една германска студија веќе покажуваат дека повеќе од три четвртини од анкетираните би поздравиле четиридневна работна недела во нивната компанија. Особено заинтересирани за овој модел се вработените помлади од 40 години.