1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скратена работна недела - само пуста желба во Македонија

ДТЗ
5 февруари 2024

„Нас ни фалат денови, а не пак да ја кратиме работната недела“, порачуваат од преработувачката индустрија, која кубури со работна сила. Никој не е подготвен да се намалат работните денови, а да се задржат платите.

работник
Четиридневна работна недела - само пуста желба во МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa

Фабриката за конфекција „Мода“ од Свети Николе, но и други текстилни фабрики во Македонија, околу 60 проценти од своето производство го извезуваат во Германија. Но, да се пласираат производите на Запад и да се исполнат барањата на компаниите од надвор станува се поголем проблем. Додека во Европа на големо се зборува и се прават пилот проекти за воведување на четиридневна работна недела, со цел зголемување на продуктивноста, за македонската преработувачка индустрија ваквите најави се само „пуста желба“. Соочени со голем недостиг на работна сила, тие велат дека едвај успеваат да постигнат и да ги завршат нарачките однадвор и со шест работни дена во неделата. 

„Нас ни фалат денови, а не пак да ја кратиме работната недела“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик на фабрика за конфекција „Мода“ од Свети Николе.

Тој за ДВ коментира дека идејата за четиридневна работна недела е неизводлива работа за преработувачката индустрија, иако има одредени гранки во земјата кои можат тоа да го направат без проблем.

„На пример во дел од јавната администрација на тој начин може ќе се заштеди, но во производствениот процес е неизводливо. Не можат да се запрат машините и целиот процес, ќе има повеќе загуби отколку ќар. Ние немаме начин за да ја зголемиме толку продуктивноста за да оствариме исти приходи за помалку работно време. Тоа никој не може да го направи во преработувачката индустрија“, вели Димитров за ДВ. 

„Нас ни фалат денови, а не пак да ја кратиме работната недела“, порачуваат од преработувачката индустрија, која кубури со работна сила.Фотографија: Clean Clothes Campaign/Y. Belorusets

Пилот проект

Од 1 февруари 45 компании и организации во Германијавоведоа  четиридневна работна недела за период од шест месеци. Вработените ќе добиваат целосна плата, иако поминуваат значително помалку време во канцеларија (или работа од дома). Застапниците на оваа идеја велат дека  четиридневната недела би помогнала при недостиг од квалификувани работници, меѓу другото и затоа што ја зголемува продуктивноста на вработените. Аргументите се дека оние кои работат четири дена наместо пет се помотивирани и затоа се попродуктивни. Покрај тоа, ова може да доведе на работа луѓе кои не се подготвени да работат пет дена. Тоа би го намалило недостигот од квалификувани работници.

Четиридневната недела веќе е тестирана во пракса. Од 2019 година, организацијата 4DWG спроведува вакви пилот програми во Велика Британија, Јужноафриканската Република, Австралија, Ирска и САД. Ваквата идеја наиде на интерес и во Шпанија, Шкотска, Велс, Нов Зеланд, Исланд…Белгија е првата членка на ЕУ која официјално ја воведе опцијата за четиридневна работна недела. 

Да се намали работното време, а да се задржат платите 

„Целта е да се намали работното време, а да се задржат платите. Ама тоа не е можно ако не се зголеми продуктивноста, ако не се произведат иста количина на производи за помалку работно време. Од каде пари за да се исплаќаат исти плати. Тоа е невозможно“, вели Димитров. 

Текстилните фабрики често работат и во сабота, кога има кратки рокови и мора да се испорачаат производите. Но, поради одливот на млади од земјата, работници има се помалку, а полека снемува и работа. 

Димитров вели дека Тунис, Мароко и Египет им ја зедоа работата на македонските конфекции коишто работеа за извоз во Германија. „Германија има потреба од текстил, но ги селат пазарите во овие три земји, а како долгорочна дестинација се и Бангладеш и Шри Ланка“, вели тој.  

Со помалку работни денови до поголеми резултати 

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за ДВ велат дека вложувањето во примена на новите техники и технологии во компаниите, се поголемото учество на вештачката интелегенција и електронските комуникации создаваат услови со намалување на работните денови во неделата да се постигнат резултати кои ќе обезбедат пораст на економијата. А, истовремено ќе се зачува здравјето на работниците, ќе се намали стресот од работното место и активно ќе се вклучат работниците во општествените текови на државата, во грижата за семејството, ќе обезбедат повеќе време за одмор, рекреација и сопствена образовна надградба.

Новите технологии во компаниите, се поголемото учество на вештачката интелегенција и електронските комуникации создаваат услови со намалување на работните денови во неделата да се постигнат резултати кои ќе обезбедат пораст на економијатаФотографија: Reuters/A. Gea

„Синдикатот во расправите за донесување на нов Закон за работните односи се заложи за 35 часовна работна недела , како и за други форми и методи на флексибилност во работењето кои ќе значат прилагодување на принципите на Конвенцијата за работниците со семејни обврски. Таа упатува на потребата од создавање на услови и претпоставки во работните средини за баланс меѓу работата и семејството од типот, флексибилно работно време, скратена работна недела, работа од дома, работа на далечина, еднаква можност на родителите за користење на родителски права и отсуства за грижа за децата и семејството и др“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. 

Сето ова работодавачите и работниците можат да го уредат заеднички, преку социјален дијалог и по пат на склучување на колективни договори пред се во своите работни средини, така и ефектите од примената на флексибилни мерки ке бидат покорисни , поефикасни и целосно и доследно почитувани, велат од ССМ за Дојче веле. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми