1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Четврто обвинение против Трамп

ЕМФ | агенции | Тагесшау
15 август 2023

Поранешниот американски претседател Трамп е обвинет за обид за фалсификување на исходот од изборите во 2020 година во сојузната држава Џорџија. Ова е четврто обвинение против Трамп. Обвинети се и негови соработници.

САД | Доналд Трамп
Четврто обвинение против поранешниот американски претседател Доналд ТрампФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет во сојузната држава Џорџија за обид да го поништи исходот од претседателските избори во 2020 година. 77-годишниот републиканец е обвинет по 13 точки, меѓу другото и врз основа на закон за борба против организираниот криминал.

Четвртото обвинение против Трамп

Ова е четврто обвинение против екс-претседателот - и второ обвинение поврзано со претседателските избори во 2020 година. Никогаш досега во историјата на САД поранешен претседател не се нашол на суд за кривично дело. Обвинети се и 18 други осомничени, меѓу кои и поранешниот шеф на кабинетот на Трамп во Белата куќа, Марк Медоус и поранешниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани. Трамп и другите обвинети сковале „заговор“, за „противзаконски да го променат исходот од изборите во полза на Трамп“, се вели во обвинението. „Заговорот имал заеднички план и цел.“ Според обвинението, Трамп, меѓу другото, давал и лажни изјави и поднесол лажни документи. Освен тоа, како што се тврди, тој и другите обвинети вршеле притисок врз носители на функции да ја прекршат дадената заклетва.

На почетокот на август Трамп беше обвинет од федералното правосудство за неговите обиди да го поништи изборниот исход по неговиот пораз од демократот Џо Бајден и со тоа да остане во Белата куќа.

Обвинителите во американската сојузна држава Џорџија водеа истрага паралелно со федералното правосудство.

Окружното обвинителство на округот Фултон, кој опфаќа голем дел од Атланта, ги истражуваше постизборните дејствија на Трамп и неговите соработници паралелно со федералното судство, фокусирајќи се на Џорџија. Во понеделникот (14.08), тоа ги презентираше своите докази пред поротата за обвинение, позната како голема порота.

Oбвинителството на округот Фултон ги истражуваше постизборните дејствија на Трамп и неговите соработнициФотографија: Robin Rayne/ZUMA Press Wire/picture alliance

Тесната победа на Бајден во Џорџија беше клучен фактор за исходот на изборите

Одговорната обвинителка во Џорџија сега цели кон брз почеток на процесот. Термин за рочиште треба да има веќе во следните шест месеци, рече таа на прес-конференција. Обвинетите имаат рок до 25 август да се појават во судот во Атланта и да се пријават. Сепак, за временскиот план одлучува судијата. Се смета дека е малку веројатно оти процесот би можел да започне толку брзо.

Џорџија одигра важна улога на претседателските избори во 2020 година. Државата во југоисточниот дел на САД е таканаречена свинг-држава, во која демократите и републиканците често имаат многу неизвесни трки. Тесната победа на Бајден во Џорџија, заедно со победите во други сојузни држави, како Аризона и Пенсилванија, беа клучни за исходот на сите избори.

Но, Трамп не го призна својот пораз и покрена обвинувања за масовна изборна измама - недокажани тврдења кои беа отфрлени од голем број судии и органи на власта и побиени од независни проверувачи на факти. Постапките на десничарскиот популист во борбата против исходот од изборите кулминираа со нападот на радикалните поддржувачи на Трамп на Капитол, на 6 јануари 2021 година, кога изборната победа на Бајден требаше конечно да биде потврдена од парламентот.

Изборниот тим на Трамп веќе коментира

Изборниот тим на Трамп се јави за збор уште пред да бидат потврдени дополнителните обвиненија против републиканецот. Непосредно пред одлуката, тимот преку писмено соопштение се пожали на „неодамнешниот координиран напад“ од пристрасна јавна обвинителка. Тајмингот на акцијата, како што се тврди, го покажувал политичкиот мотив зад тоа. „Тие можеа да го сторат тоа пред две и пол години, но избраа да го сторат тоа во средината на успешната кампања на претседателот Трамп од причини за мешање во изборите“, се вели во соопштението. Но, како што се додава, Трамп „никогаш нема да се откаже и никогаш нема да престане да се бори“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми