Ципрас: Преспанскиот договор-пример за Бугарија и за Србија
Димитра Кирануди
24 април 2023
Без Преспанскиот договор, Западен Балкан ќе беше во многу полоша ситуација, а северниот сосед веројатно ќе беше земја во која што ќе доминираа трети сили, вели Алексис Ципрас, лидерот на Сириза, во интервју за ДВ.
Реклама
Поранешниот грчки премиер и лидер на партијата Сириза, Алексис Ципрас, кој неодамна беше во Берлин, во интервју за грчката редакција на Дојче веле зборуваше за повеќе актуелни теми, меѓу кои и за ситуацијата на Западен Балкан и актуелните конфликти.
„Многу сум среќен и горд на овој Договор, бидејќи тој навистина претставува модел за решавање на споровите заснован на заеднички прифатливи решенија. Ми давате можност да кажам дека доколку го немавме овој договор, Западен Балкан ќе беше во многу полоша ситуација. Европската перспектива (на Северна Македонија, н.з.) немаше да биде одмрзната, а на северната граница на Грција би имале земја која што би потонувала во нестабилност. Веројатно тоа ќе беше земја во која што би доминирале трети сили, но истовремено и земја под исклучително силни притисоци да се приклучи на НАТО со своето поранешно уставно име.
Би ги советувал и другите балкански лидери да го следат овој пат. Продолжувањето на разликите и конфликтите не може да доведе до стабилна иднина во регионот и во никој случај не може да биде дел од европската перспектива, која е единствената перспектива што обезбедува стабилност за балканските земји. Значи, мој совет би бил да се следи овој пример, да се седне и да се преговара, како и да се најде пат за меѓусебни отстапки, но и за заеднички чекори напред“, вели Ципрас.
Во интервјуто за Дојче веле, на прашањето дали можеби би го признал Косово доколку стане премиер по претстојните парламентарни избори во Грција, Ципрас истакнува дека Грција треба да игра конструктивна улога во напорите за изнаоѓање заемно прифатливи решенија.
„Ги поддржуваме разговорите Косово-Србија или Белград-Приштина и ги поддржуваме сите напори за изнаоѓање заемно прифатливо решение“ вели Ципрас.
Преспански договор
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 во местото Нивици на грчката страна на Преспанското езеро. Тој му стави крај на спорот кој траеше цели 27 години.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, имаше и неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите немаше.
Во Грција исто така се протестираше. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Придобивки
Со ратификацијата на договорот во двете земји беше надминат деценискиот спор, поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија веќе стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и се наоѓа непосредно пред почеток на пристапните преговори со ЕУ.