1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГлобално

„Цивилна нација“ – Алајда Асман за новата идеја за нацијата

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
7 ноември 2022

Се прашувам, дали Македонија најдолго чека да стане ЕУ-членка затоа што можеби е пред времето, бидејќи во македонската национална држава уште од основањето се остварени еднакви права за сите малцинства? Пишува Кица Колбе

Кица КолбеФотографија: Privat

Кога Балканот би го погледнале од призмата на најновата книга на познатата германска теоретичарка на културата, Алајда Асман (Aleida Assmann), човек помислува дека „цивилната нација“, за која таа зборува, речиси е остварена во пракса само во Македонија. Според Асман, концептот на „цивилната нација” се пројавил во ЕУ како мировен проект за надминување на минатото, во кое многу ЕУ-членки беа држави со „милитантен” концепт на нацијата. Се прашувам, дали Македонија најдолго чека да стане членка на ЕУ затоа што, можеби, е пред времето, бидејќи во македонската национална држава уште од основањето се остварени еднакви права за сите малцинства? Чека ли Македонија уште на тоа ЕУ-членките да стигнат до тој стадиум, во кој и тие ќе почнат да го остваруваат во пракса концептот на „цивилната нација”? Вакви прашања разбудија во мене размислите во книгата на Алајда Асман, „Новооткривањето на нацијата. Зошто од неа се плашиме и зошто таа ни треба” („Die Wiedererfindung der Nation. Warum wir sie fürchten und warum wir sie brauchen"). Ја напишала во првиот пандемиски „локдаун” во 2020 година, а излезе од печат 2021-та.

Проф. д-р Алајда Асман, авторка на книгата „Новооткривањето на нацијата. Зошто од неа се плашиме и зошто таа ни треба”Фотографија: Arnulf Hettrich/IMAGO

Хомогена и хетерогена нација

Алајда Асман е втемелувачка на теоријата на културалното паметење во Германија. Како најголемиот број либерални германски интелектуалци, и таа долги години била уверена дека „нацијата” е надминат поим. Во денешна Германија многу луѓе се доживувале како Европејци, а со тоа се разликувале од граѓаните на многу членки на ЕУ. Меѓутоа, новите предизвици на времето, особено појавата на рекционерен национализам во некои земји-членки на ЕУ, ја натерале Асман да го преосмисли значењето на нацијата. Уште во поднасловот е истакнато главното сознание. Тоа што современиот либерален германски граѓанин го „плаши“ кај нацијата е „милитантната нација”. Тоа што „ни треба“ во секое модерно општество е „цивилната нација“. Повикувајќи се, меѓу другото, на еден есеј од 1994 на познатиот германски социолог, Ралф Дарендорф, зашто и тој разликува меѓу „хомогена” (цивилна) и „хетерогена” (милитантна) нација, Асман истакнува додека вторава во националната држава е „агресивна” кон малцинствата и кон соседите, а првата се обидува да оствари „еднакви права за нееднаквите”. „Цивилната” нација стана можна само во рамките на ЕУ како мировен проект на земјите кои во своето минато беа поминале низ диктатури (Германија во Третиот Рајх) и беа во потрага во сфаќање на нацијата кое не е ексклузивно, туку инклузивно кон етнички „поинаквите“ во својата национална држава. Затоа „цивилната нација” е незавршениот проект на ЕУ, смета Асман. Ако и од оваа перспектива помислиме на Македонија, сознаваме дека, иако таа е окружена и од ЕУ-членки, нејзините проблеми на патот кон ЕУ произлегуваат од тоа што овие земји-членки уште градат национални држави врз концептот на „милитантната нација“, па затоа не признаваат малцинства и често спорат со соседите за „кражба” на теми од ексклузивно само „нивниот” историски наратив, кој за нив започнува уште во предмодерното време, иако европските модерни нации (и германската!) се родија како идеја во 19 век.

Германските либерални интелектуалци во Западна Германија беа, секако, среќни кога „двете” Германии се обединија на мирен начин, но никако не ја замислуваа обединета Германија како силна национална држава. Многу од нив до ден-денес имаат „амбивалентен однос” кон нацијата, истакнува Асман. Амбивалентноста потекнува од свеста дека концептот на „хомогената”, „милитантната” или „расно чистата” нација во германското минато резултираше со Холокаустот. Тој е централен мотив во модерниот германски наратив. Затоа во последните три децении поимот на нацијата во германските академски истражувања беше речиси „замрзнат”. Меѓутоа, доколку во германското општество не се дискутира погласно концептот на „цивилната нација”, тогаш стариот милитантен национален концепт постојано ќе се пројавува во реакционерните кругови, смета Асман.

Поимот на нацијата во германските академски истражувања беше речиси „замрзнат” во последните три децении Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Не е мудро да се табуизира нацијата

Многу германски интелектуалци верувале дека во глобализираниот свет веќе се наоѓаме во постнационалната ера, смета Асман. Другиот аргумент против нацијата бил дека тој поим е „опасен” затоа што порано или подоцна тој водел до национализам. Контрааргументотот на Асман е дека токму затоа што досега постоеја демократски, но и авторитарни национални држави, треба да се разликува меѓу двата вида национални концепти, за да не се отфрла поимот на нацијата паушално. Затоа што, според неа, засега никој нема измислено некоја друга форма за градење на правна држава, со еднакви права за сите граѓани, освен националната држава. Сите уште живееме во национални држави. Работата е како тие да станат (и останат) трајни демократии. Според Асман, идејата на „цивилната нација“ во ЕУ се темели врз четири принципи: мировен проект во однос на минатото, демократизација, историски наратив кој не се раскажува во модусот на гордоста, туку преку самокритика и одговорност за минатото и почитување на човековите права. Таму каде што се остварени овие принципи, таму е остварена „цивилната“ нација. Овие четири принципи треба да служат како ориентир за ЕУ-членките, зашто ЕУ не е само стопанска заедница, туку и заедница на вредности, истакнува Асман.Токму затоа што во моментов во ЕУ се зголемува национализмот, не би било мудро нацијата паушално да се табуизира од либералните интелектруалци, препорачува таа.

- повеќе од авторката: Западен Балкан – недовршен проект на ЕУ или нов стереотип?

За „цивилната нација“ е важно да се обликува на нов начин националното „ние“ во едно миграциско општество како денешна Германија. За Асман е клучно кој ќе ја раскажува приказната на нацијата, кој ќе припаѓа на таа приказна и ќе биде ли и понатаму Холокаустот, како сидро на германското културално сеќавање, значаен само за Германците или и за доселениците. Каква улога ќе играат во наративот на „цивилната нација“ миграните, но и нивните искуства во Германија, позитивни и негативни, се прашува таа. Германското општество денес се наоѓа во состојба на преобразба која се одигрува токму преку интеграцијата на доселениците.

- повеќе од аторката: Стари скопски и нови келнски есенски слики

Впрочем, една четвртина од германските граѓани има родители или предци кои не се родени во Германија, потсетува Асман. Миграцискиот бран не започна во летото 2015, туку уште 1961 кога пристигнаа првите турски „гастарбајтери“. Од некогашните 14 милиони гастарбајтери, 3,5 милиони останаа, чии деца, внуци и правници живеат во Германија веќе во трета или четврта генерација, истакнува Асман. Турските „гастарбајтери“ се двапати подолго од источните Германци дел од германското општество. Сепак, приказните на прадедовците на денешните деца со турско потекло уште ги нема во германските учебници, пишува Асман. Тоа била задачата на идниот наратив на „цивилната“ германска нација, која, според на, во себе мора да ги вклучи и искуствата на мигрантите и доселениците. Секојдневието за денешните германски граѓани е одамна поинакво од тоа на нивните предци по војната. Кебап и пица се дел од модерниот германски јазик и културен наратив, затоа што нацијата постојано се дефинира и низ културата на живеење. Нели овие сознанија се одамна насушни и на Балканот, каде што често уште преживува архаичниот, примордијалниот, биолошкиот и родовскиот концепт на нацијата?

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми