Мировни трупи во Украина без САД?
13 јануари 2026
Кога европските сојузници се собраа во Париз за да ги зацврстат безбедносните гаранции за Украина, таму беа и пратениците на Доналд Трамп. Тоа накратко даде надеж дека гласот на ЕУ ќе се слушне во Вашингтон, и покрај жестоката контроверзност околу Гренланд.
„Во голема мера ги завршивме безбедносните протоколи“, изјави Стив Виткоф, еден од двајцата пратеници, стоејќи покрај лидерите на Франција, Германија,Обединетото Кралство и Украина во претседателската палата во Париз. „Ова е важно за кога ќе заврши оваа војна, да заврши засекогаш“, додаде тој.
Иако Франција и Британија потпишаа декларација за решеност да распоредат трупи во Украина во поствоен период, САД не понудија гаранција дека ќе им помогнат ако Русија ја загрози нивната безбедност.
Како би изгледало распоредувањето?
Оваа недела Франција, Британија и Украина потпишаа декларација за намера да се формираат „мултинационални сили“ за поддршка на одбраната и обновата на Украина по завршување на војната. Експертите велат дека документот претставува формална гаранција за Киев.
На 6 јануари германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека Германија би можела да игра воена улога и да распореди „сили на територија на НАТО која се граничи со Украина“ по постигнување прекин на огнот. Првпат и шпанскиот премиер Педро Санчез изрази подготвеност да испрати трупи во рамки на мировна мисија, без да открие детали.
Јакоб Функ Киркегард, аналитичар од бриселскиот тинк-тенк „Бругел“, смета дека терминот „мултинационални“ намерно остава простор за приклучување и на други земји, како Австралија или Турција – голем играч на Црното Море.
Состанокот во Париз се одржа во рамки на „коалицијата на волните“, група од околу 30 земји кои ја поддржуваат Украина. САД не се меѓу нив. Во соопштението групата најави помош за изградба на „одбранбени утврдувања“ во Украина, можеби слични на оние во Финска – со мини и бодликава жица.
Лидерите исто така најавија учество во механизам за надзор на прекин на огнот што би го предводеле САД, со опрема и персонал за следење преку сензори, дронови и сателити. Украинците ќе останат „прва линија на одбрана“, додека европските трупи најверојатно ќе имаат улога на инструктори, а не борбена функција.
Многу прашања, малку одговори
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција би можела да распореди „неколку илјади“ војници на украинска територија. Но, добивањето одобрение од парламентот е неизвесно, особено во услови на политичка и економска криза.
Во Британија потписот на премиерот Стармер предизвика критики – експертите предупредуваат дека армијата е намалена и нема доволно сили за распоредување. Стратегискиот преглед на одбраната покажува дека само мал дел од трупите е подготвен за брза акција.
Во Германија, предлогот на Мерц за распоредување трупи во НАТО земји до Украина исто така мора да помине во парламентот. Други членки на коалицијата остануваат нејасни и веројатно нема да изнесат конкретни планови пред да се воспостави мир.
„Дали сите партнери би реагирале ако Русија повторно нападне? Тешко прашање. Ги прашувам сите и сè уште немам јасен одговор“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски на 7 јануари.
Недостигот на американска поддршка – најголема пречка
Најголемата пречка за европско присуство во поствоена Украина е изостанокот на американска гаранција. Пратениците на Трамп не успеаја да разјаснат дали САД би помогнале ако Русија го прекрши мирот.
„Незамисливо е европските сили да воспостават големо присуство во Украина без американска поддршка и гаранција за интервенција во случај на напад“, предупредува Маркус Рајснер, австриски воен историчар. „Особено додека Русија ги смета западните војници во Украина за легитимни цели“.