1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вештаците собираат докази за пожарот во Универзална сала

ДТЗ
10 април 2024

Тројцата градежни работници коишто беа приведени во полиција, откако дале изјави за настанот, се пуштени дома. Од Обвинителството велат дека нема основ за нивно задржување.

Универзална сала пожар
Човечки фактор или несреќен случај - вештаците на терен по пожарот кај Универзална салаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По пожарот кој ја пеплоса Универзалната сала во Скопје, увидни екипи со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска (10.04) излегоа на терен. Локацијата е обезбедена, по што се создадени услови за да започне увидот. Контроли врши и трудовиот инспекторат. Во меѓувреме тројцата градежни работници, коишто беа повикани на разговор, се пуштени на слобода, бидејќи нема основ да бидат задржани. 

Се собираат докази

Од изутрината се собираат докази од објектот на Универзалната сала каде во вторникот (09.04) изби пожар, кој ја опустоши внатрешноста на објектот, а се урна и покривот. 

„Локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај“, велат од Обвинителството.

Ослободени тројцата работници

Државниот инспекторат за труд веќе извршил контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот и изготвил записник. Полицијата само неколку часа по пожарот информираше дека се приведени тројца градежни работници коишто биле ангажирани околу реконструкцијата на објектот. Бидејќи нема основ за нивно задржување, од Обвинителството велат дека тие се пуштени дома.

„Бидејќи сѐ уште трае фазата на прибирање докази, односно до овој момент не е утврдено дека пожарот настанал како последица на човечки фактор, во полициска станица беа земени изјави од три задржани лица, по што тие беа пуштени со оглед на тоа што во оваа фаза нема основ за нивно натамошно задржување“, велат од Јавното обвинителство.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми