1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Човекот на Путин за „валкани работи"- можен негов наследник?

Улф Маудер/дпа
7 јануари 2023

Евгениј Пригожин стана познат како „готвачот на Путин". Во меѓувреме го поврзуваат пред се со платениците од групата Вагнер кои војуваат во Украина. Некои тврдат дека овој поранешен бизнисмен има и претседателски амбиции

Евгениј Пригожин и Владимир Путин
Евгениј Пригожин и Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Druzhinin

Воочи почетокот на втората година војна во Украина, Евгениј Пригожин како шеф на озлогласената платеничка група Вагнер во последно време во јавноста настапува доста самоуверено. 61 годишниот Русин ги посети воените подрачја и го критикуваше руското раководство. Шефот на Кремљ го пушта да прави што сака, како неговата паравоена формација во која се активни бројни осудени злосторници, да е на власт. Путин во минатото дури и тврдеше дека руската држава нема никакви врски со групата Вагнер.
Путин и Пригожин се познаваат одамна. Кога поранешниот офицер на КГБ Путин се уште работел во градската управа во Санкт Петербург тој наводно го посетувал ресторанот на Пригожин. И затоа овој бизнисмен, кој се збогатил во хаотичните 90-ти во Русија, а кој, инаку, веќе одлежал казна за грабеж, го добилпрекарот „готвачот на Путин“.
Пригожин е познат и како шеф на бизнис империјата Конкорд, меѓу другото, и по неговите „фабрики за интернет тролови“ кои се специјализирани за дезинформации, а има сомнеж дека биле вмешани и во ширењето лажни вести за време на претседателските избори во САД.
Токму затоа американските истражители од ФБИ понудија парична награда за сите оние кои ќе помогнат во неговото апсење.

Пригожин го има прекарот „готвачот“ на претседателот ПутинФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Japaridze



Готвачот на претседателот

Пригожин долго време избегнуваше да се појавува во јавноста, пред се откако неговата платеничка група се активираше во 2014 во Донбас по падот на украинскиот претседател Виктор Јанукович.
Сепак, колку подолго трае инвазијата на Украина, која Путин ја започна на 24 февруари 2022 година, Пригожин, кого Украина го смета за воен злосторник, се понападно дејствува во јавноста. Пригожин ги посети руските затвори за таму да регрутира осудени криминалци за својата милитантна група,  со ветување дека по завршувањето на војната ќе им биде „избришан" остатокот од нивните казни. Притоа тој прави што сака, без никаква правна основа, а Кремљ не се меша.
Руското правосудство долго време се плаши од влијанието на недопирливиот близок соработник на Владимир Путин. Војската на Пригожин функционира независно од руската држава, како компанија со своја организација и структури на моќ. „Можам само да кажам дека приватната воена група Вагнер денес игра една од најважните улоги во зоната во којасе одвива специјалната воена операција“, напиша на „Телеграм" претприемачот Пригожин. Тој нагласи дека и понатаму стои зад критиките упатени на сметка на шефот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов. „Јас ја основав групата Вагнер и ги координирам платениците за Русија да биде успешна во војната," тврди Пригожин.

Колку припадници на групата Вагнер се активни во Украина?

Човекот на Путин за валкани работи речиси секој ден ги коментира воените настани. Тој го демантира шефот на Службата за комуникации на Белата куќа во Вашингтон, Џон Кирби, кој рече дека Русија добива и оружје од Северна Кореја и додава дека групата Вагнер купува значителни количини американско оружје, и покрај американските санкции. Не е секогаш јасно кога Пригожин го исмева Западот со своите објави на Телеграм, а кога е сериозен за тоа што го кажува.
Кирби неодамна рече и дека според американските проценки во моментов во Украина се активни околу 50.000 „Вагнеровци", односно меѓу нив се 40.000 кои пред да заминат на боиштата биле во затвор.
По правило, платениците се борат на ограничен временски период за оние кои им плаќаат за тоа, а тие не се интегрирани во редовните воени трупи. Според меѓународното воено право, тие не се третираат како членови на една од страните што учествуваат во војната, и затоа не ги уживаат правата за заштита што ги имаат воените затвореници - за разлика од странските доброволци кои се борат во редовите на украинската армија како редовни припадници на силите лојални на Киев.

Озлогласената руска платеничка група ВагнерФотографија: Dmitri Lovetsky/AP Photo/picture alliance



Корумпирана индивидуа"

Меѓународната новинарска истражувачка мрежа OCCRP, која главно се занимава со организиран криминал и корупција, неодамна го прогласи Пригожин за „личност на годината". По владетелите како Александар Лукашенко од Белорусија или Николас Мадуро од Венецуела, членовите на жирито оваа срамна „награда“ за прв пат му ја доделија на едно лице кое никогаш не извршувало никаква државна или официјална функција.
„Тој не е национален лидер, туку корумпиран поединец, кој може да поттикне терор и масовно кршење на човековите права во различни делови на светот“, објасни членот на жирито Луиза Шели, американска експертка за финансиски трансакции на Универзитетот Џорџ Мејсон. Пригожин ја симболизира најтемната страна на Русија, се вели во образложението на одлуката на OCCRP.
„Тој е борец за корупција,“ вели истражувачкиот новинар и коосновач на OCCRP, Дру Саливан. „Тој се бори и убива за да воспостави корупција. Вагнер не е ништо повеќе од организирана криминална група чии активности се одобрени од руската влада.“ Пред Украина, Вагнер беше активен во Сирија, а неговата крвава трага се протега и до Централноафриканската Република, Судан, Сомалија и Мали.

Убивања, силувања, измачувања..

Вагнеровата група се товари за убиства, силувања и измачување на луѓе, меѓу другото и во предградијата на Киев за време на војната во Украина, како што може да се види и од Извештајот објавен во текот на декември 2022 година. Во Африка Пригожин експертите го поврзуваат со рудници на злато и дијаманти и тврдат дека со оглед на заморот на војската на Путин на боиштата, Пригожин и неговите платеници во Украина и натаму играат пресудна улога. 
Активностите на Пригожин и неговите можни амбиции околу доаѓањето на власт во Русија во повеќе наврати ги анализираше и американскиот Институт за воени студии. Тинк-тенкот едно интервју на Пригожин за државната телевизија РТ неодамна го прогласи за обид со помош на силни зборови и популистички ставови да се зголеми влијнието во руското општество. Тој во интервјуто меѓу другото предложи на руските милијардери да им се одземе сѐ што имаат за да дадат свој придонес во војната. 
Во контекст на стотина илјади Руси кои избегаа од генералната мобилизација на Путин, меѓу кои и бројни прозападно ориентирани луѓе и членови на опозицијата, Пригожин рече дека сите такви треба да се стават во казнени комбинизони и да се пратат во војна. „Немојте воопшто да се сомневате дека сите тие не би умреле како херои”, рече тој.

Може ли Евгениј Пригожин да стане наследник на Путин? Фотографија: Imago/ITAR-TASS/M. Metzel



Наследник на Путин?

Растечкото влијание на Пригожин стручњаци го сметаат и како знак дека Путин ја губи контролатабидејќи него како врховен командант на руската војска го сметаат за одговорен за серија порази во војната во Украина. Дали Пригожин навистина е во “игра” како можен нов наследник на Путин како што сметаат некои? Политикологот Абас Галјамов смета дека “претседателскиот готвач” добро котира и тоа во ситуација кога сите во Москва вклучително и самиот Путин губат на рејтинг. 
„Сега се чини дека режимот се одржува пред сѐ благодарение на Пригожин”, вели Галјамов. Благодарение на неговиот медиумски ангажман може да настане впечаток дека Пригожин може да го заземе местото на Путин, додава овој стручњак. Претседателските избори во Русија се за околу една година. Галјамов смета дека Пригожин сепак нема никакви шанси. Стравот од семоќниот Пригожин според него ја обединува руската елита. Галјамов е уверен дека тие ќе знаат да најдат начин да го спречат изборот на Пригожин за претседател.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми