1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураГлобално

Човекот не е машина – ВИ и литературата

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
8 декември 2025

Светот на вештачката интелигенција (ВИ) е затворен систем, со бесконечни комбинации, но светот на уметноста, на литературата е незамисливо побесконечен затоа што човечката душа, ум и фантазија немаат граници.

Дури и кога ВИ би произведувала совршени текстови, во нив  ќе недостига тоа што во историјата на творештвото се нарекуваше „вдахновение” или испирација од „горе”. Фотографија: Cigdem Simsek/Zoonar/picture alliance

Отсекогаш во овој контекст се работеше за тајната на човечката душа и ум. Секако, и за контролата врз луѓето. Сонот за „човек-машина“ е многу стар. Го сонуваа први француските енциклопедисти, како Рене Декарт, филозофот и математичарот кој во 17-от век веруваше дека животните се машини затоа што немаат душа. Ламетри во 18-от век, векот на европското просветителство, тврдеше дека човекот е машина. Тоа беше време на пресврти,  многу слично на нашето,  во кое се чинеше ( а и денес се чини!) дека за науката нема граници во нејзиниот стремеж да ги открие сите тајни на природата и на човечкиот ум. Веројатно затоа, на почетокот на следниот век, деветнаесеттиот, во 1808, писателот Гете го напиша епохалното дело „Фауст“, во кое научникот Фауст ( историска личност) се наоѓа во длабока депресија затоа што ги изучил и истражил сите тајни на науката и на филозофијата под сводот небески, но уште не научил што е тајната на човекот, на душевниот мир и, конечно, на љубовта.

Треба да се истакне, дека сиве овие прашања беа  темите  во филозофијата на етиката на Имануел Кант. Иако токму  тој го дефинираше стремежот на просветителството, според кој човекот треба критички да просудува според својот разум и да се ослободи од авторитетот на црквата, Кант, сепак, својата етика ја втемели  врз моралниот закон, впишан во срцето,  кој е тешко замислив без Бог. На фрустраниот Фауст кај Гете  му притрчува на помош Мефистофел, ѓаволот, кој му ги ветува одговорите на неговите прашања, но за возврат ја бара неговата душа. Гете маестрално го покажува парадоксот на научниот напредок и дисонанцата помеѓу целите на умот и копнежот на човечката душа по спокој и љубов.

Интересно е што токму по големата катастрофа на 20-от век, во 1949, писателот Џорџ Орвел не напиша оптимистички, туку дистописки роман за иднината. Генијалниот „1984“. Во него во 1984-та „генератори на текст“ во земјата Океанија „продуцираат“  по налог на „министерството за вистина“, за манипулација со необразованиот пролетаријат, шунд-литература, жолт-печат, сентиментални шлагери и порнографски филмови. Текстовите ги произведува  една машина, алатка - „версификатор“. Ставете го на местото на „министерството за вистина“ некој од денешните моќни политички центри за производство на  лажни вести, теории на заговор и хибридни војни, и ќе се најдете во светот на Орвел, а неговото дело ќе ви се стори неверојтно реалистично.

Светот на ВИ е затворен систем

Се прашувам, што би рекол Орвел за оваа вест: откако во 2022 беше произведен од фирмата OpenAI виртуелниот асистент ChatGPT, толку многу луѓе со негова помош преку ноќ станале автори, што Амазон морал да ограничи еден автор во еден ден  да постира на платформата Kindle Direct Publishing само три книги. И три на ден не се малку! Уште почудно е, чуму три на ден? Затоа што тие автори не пишуваат книга поради егзистенцијална јанѕа, туку како спорт, како сензација, како остварување на разбирливата човечка желба, еднаш во животот да го прочитаат своето име во интернетот – како писател или писателка. Не е важно што книгата за 24-часа  ја напишал за нив ЧатГПТ. Важно е што тие во интернетот од тој миг постојат како писатели! ЧатГПТ за нив е невидливиот „дух” од бајките кој како со волшебна палка ја остварува желбата за творештво и на обичниот човек. А некои од нив сигурно ќе бидат откриени од издавачите. И ќе станат автори на бестселери!

Клучно е што на ВИ и‘ недостига тоа што во вековите досега писателите ги тераше да пишуваат. А тоа е потрагата по тајната на душата, како кај Гете, потрагата по тајната на времето, на минливоста, на човечкиот копнеж по бесмртност, како кај Пруст. Тој е авторот на најдолгиот роман во 7 делови, „Во потрага по изгубеното време”, кој го пишувал цели 13 години, од 1909 до 1922. Во тие години се случиле многу драматични нешта и во неговиот живот, но и во светот околу него. А Пруст ги опишал на неповторлив начин! Токму затоа литературата е сведоштво за изминатото време. Таа е еликсирот на вечноста во минливоста, затоа што од недостигот, од страдањето, од болката се раѓа големата литература. Гете го напишал „Страдањето на младиот Вертер”, само затоа што самиот во младоста имал суицидални идеи. И литературата му помогнала да ги надмине! Пруст немаше да го открие литературниот метод на „несвесното сеќавање”, да не паднеше во депресија по смртта на родителите, да не добиеше неврастенија и да не го лекуваа во болницата токму со таа метода. Прустовата генијалност му помогнала од неа да направи метод за раскажувањето во литературата. Таа непредвидливост не е еднаква со математичката комбинаторика на ВИ. 

Како би изгледал Охрид во 27. век?

03:30

This browser does not support the video element.

Оригиналното творештво се храни од животот, а не од  „банката со податоци”. Затоа виртуелните асистенти како ЧатГПТ  се толку „оригинални” колку што им дозволува „литературната граѓа” во нивната  „банка со податоци” од веќе постоечки дела. Тие можат да комбинираат само со готов материјал, а тоа е клише и манир. Тие не можат да создаваат фантастични приказни кои се раѓаат во срцето и умот на поетот, на писателот. Светот на ВИ е затворен систем, со бесконечни комбинации, но светот на уметноста, на литературата  е незамисливо побесконечен затоа што човечката душа, ум и фантазија немаат граници. Соновите на Кафка, од кои црпел инспирација, не може да ги имитира и најсовршената ВИ. Таа може да  произведе само сурогати на романите на Кафка.

Тајната на оригиналноста

Дури и кога ВИ би произведувала совршени текстови, во нив  ќе недостига тоа што во историјата на творештвото се нарекуваше „вдахновение” или испирација од „горе”. Тоа се чудните  феномени кога на писателот, на уметникот, на научникот одеднаш му „паѓа на ум” геенијална идеја. Моцарт е симбол за спонтаното вдахновение. Тој велел дека музиката ја слушал и морал да брза да ја запише. Салиери, епигонот, кој сигурно знаел многу за музиката, но не ја поседувал генијалната дарба на Моцарт, го погодил најмногу фактот што партитурите на Моцарт биле без поправки, како навистина да го запишувал тоа што „некој” му го диктирал. Според античките творци тие „генијални идеи” доаѓале од божествата или од музите, а  за христијанските творци од вдахновението на Светиот Дух.

Литературата создадена во целиот процес од ВИ би била дигитална перфекција по епигонското кредо на Салиери, на уметниците без талент. Без инспирација  „однадвор”, без тајните во творечкиот процес кои за многу од нас, творците, остануваат необјасниви. Па затоа е невозможно да се имитираат. Освен тоа, литературата напишана од ВИ би била  создадена во еден затворен свет во својата машинерија. Поинаку кажано, свет затворен во иманенцијата, во видливо постоечкото, без трансценденција, без тоа што ја надминува границата, го надминува хоризонтот, оној видливиот и оној симбличниот. Во затворениот свет на ВИ нема потреба од божественото вдахновение.

Од друга страна, тајната на оригиналноста е во тоа што ниту еден уметник не е совршен, туку неповторлив и единствен, затоа што е личност. ВИ, ЧатГПТ не се личност, затоа што не се живи суштества. Тие се алатки, како сите досегашни орудија со кои творците - живите суштества - создаваа творештво и уметност. Дигиталната технологија во моментов се развива со молскавично темпо, па затоа се чини дека ќе успее да ги перфекционира сите области од животот. И, сепак, останува фактот на смртта. А уметноста настанува од сознанието за смртта, за минливоста, за конечноста на човечкото постоење. ВИ не може да го успокои копнежот по вечност, за кој пишуваше Ниче, кој веруваше дека духот е вечно млад. Ние сме несовршени луѓе, но, според јудео-христијанската традиција, која е темелот на целата западноевропска култура, ние сме личности затоа што копнееме по Бога, чиј лик е „впишан” во нашите срца.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми