Црн биланс: Не е доволно да жалиме, треба да делуваме
17 ноември 2025
Стотици и стотици граѓани годинава протестираа за случаи на одземни животи на македонските сообраќајници, но кога протестите ќе стивнат, атмосферата како да се враќа во старата рутина - се до следната жртва. Во почетокот на годинава со денови се протестираше за одземениот живот на младата Фросина Кулакова. Изгледаше дека таа трагедија ќе промени многу нешта во сообраќајната култура. Но, тоа не се случи, како што не се случи ни по изгубените животи на Фросина Цековска, Магдалена Иванова, Викторија Николова, Верица Белчовска и многу други жртви во сообраќајот.
За состојбата доволно говорат податоците: само во првите четири дена од ноември во сообраќајќи на патиштата низ Македонија загинале шест лица, а од почетокот на 2025 вкупниот број на жртви е 115. Во 2020 година 125 лица го загубиле животот како последица на сообраќајни незгоди, во 2021 - 116 лица, во 2022 година – 124. Во 2024 година 142 лица загинале во сообраќајни незгоди, а 7.156 биле повредени.
Разбуди ја совеста
Толку балони - 142, кои го означуваат бројот на загинати во сообраќајки во 2024 година, симболично беа пуштени вчера на одбележувањето на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди во градскиот парк во Скопје, под слоганите „Кажи стоп за смртта на патишта“ и „Разбуди ја совеста“. Но и во пресрет на овој ден што памети и опоменува, состојбата не помина поразлично - во Скопје едно лице загина, а четворица беа повредени во судир меѓу две возила на булеварот „Борис Трајковски“.
„По толку изгубени животи, и по толку протести, апели и повици, очекував барем малку да се зголеми ниското ниво на сообраќајна култура. Но, ако се следат билтените на МВР, за жал, кај нас тоа се уште не се случува“, вели скопјанка, која пред неколку години во сообраќајна незгода изгубила внук.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев вели дека тие животи не се бројки.
„Тоа се имиња, лица и индивидуални приказни што предвреме завршиле. Не смееме да дозволиме македонските патишта да станат поголемо бојно поле по згаснати животи отколку реалните воени конфликти. Токму затоа, сите ние како граѓани, родители, возачи, како дел од општеството и како институции имаме заедничка обврска да ја подигнеме свеста, да влијаеме со личен пример и со секојдневни разговори да градиме подобра сообраќајна култура“, порача Јанев.
Според претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди не е само момент на тага, туку е и повик.
„Повик до сите нас граѓани, возачи, институции да се соочиме со реалноста што секојдневно ги носи овие загуби. Секој живот изгубен на патот е трагедија што остава длабоки лузни не само во семејствата, туку и во целото општество. Не е доволно само да жалиме, треба да делуваме“, повика Ангеловски.
Бројот на жртви не се намалува
Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од мај годинава за безбедноста во сообраќајот на патиштата во Македонија, покажува дека според јавно достапните податоци на МВР, во периодот 2020- 2023 година се случиле 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 со потешки последици, а загинале 457 лица.
Анализите на податоците од базите упатуваат дека сообраќајните незгоди со последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува дека условите на патот не се главна причина за предизвикување сообраќајни незгоди.
Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, констатирани по спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесувале на брзо возење, поминување на црвно светло, неправилно престигнување и недавање првенство на минување. При спроведените контроли, најголем број возачи биле исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен број и поради возење по дејство на алкохол.
И покрај големиот број јавни кампањи на надлежните институции, сообраќајната култура и натаму е на ниско ниво, а годишниот број на загинати останува над европскиот просек. Сега сите надежи се насочени кон проектот „Безбеден град“ кој би требало да почне целосно да функционира од први јануари следната година, со камери кои автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци. Но главната одговорност за безбедноста во сообраќајот и натаму ја носат учесниците во него. Директорот на БЈБ потенцира дека полицијата е само една алка од целиот систем.
„Нашата улога е важна, но недоволна ако секој од нас не преземе свој дел од одговорноста. Почитувањето на правилата, внимателноста, едукацијата на најмладите и одговорното учество во сообраќајот се чекори што мора да ги правиме заедно. Не треба да чекаме некој друг да направи нешто за нас. Секој од нас има моќ да спречи трагедија, да спаси живот, да придонесе кон побезбедно утре“, порача Јанев.
Потсетување и предупредување
Со црни биланси се соочуваат и соседите на Македонија. Во Србија од почетокот на годината 390 лица го загубиле животот на патиштата. Во Бугарија животот го загубиле 391 лице, а 7.247 биле повредени. Според податоците, само од први до 11-ти ноември во Бугарија биле регистрирани 186 сериозни несреќи, во кои 19 лица го загубиле животот, а 235 биле повредени. Во Грција, која предничи во ЕУ според бројот на смртни случаи на патиштата на милион жители, од јануари до септември 2025 година, биле регистрирани 421 смртни случаи. Главните причини биле пребрзо возење, возење под дејство на алкохол и користење мобилен телефон.
Во Атина веќе почна тридневна информативна кампања за да се укажува на потребата од одговорно однесување во сообраќајот. За таа цел на јавен простор се поставени шест автомобилски седишта извадени од автомобили кои учествувале во сообраќајни несреќи - четири со смртоносни последици и две со повреди, во кои безбедносните појаси играле клучна улога.
„Наша цел е да ги информираме младите колку е опасно да се вози под дејство на алкохол или без појас“, изјави градоначалникот на Атина, Харис Дукас.
Денот на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди се одбележува од 1993 година, а во 2005 година ОН го прогласи за светски ден, кој се одбележува во третата недела од ноември. Тогаш, релевантни институции и организации од целиот свет се ангажираат за да се потсети јавноста на милиони лица кои загинале или биле повредени во сообраќајни незгоди, но и за да се подигне свеста кај учесниците во сообраќајот.