1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Црн петок“: Пазете се од премногу добри понуди

ДТЗ
29 ноември 2024

И покрај тоа што сметаат дека станува збор за маркетиншки трик, граѓаните лесно влегуваат во замки каде можат да бидат измамени и оштетени. На што треба да се внимава кога пазарите на „Црн петок“?

Црн петок
„Црн петок“ со душа го чекаат граѓаните и трговците, но и измамниците: Пазете се од премногу добри понудиФотографија: Imago/Xinhua

„Црн петок“ (Блекфрајдеj) со душа го чекаат трговците кои се борат за што поголем профит, но и граѓаните кои често при обидот да купат нешто поевтино, влетуваат во замки каде лесно можат да бидат измамени и оштетени. За разлика од САД, каде е традиција во овој период на годината да се нудат многу поевтини производи за купувачите, во Северна Македонија граѓаните сѐ уште сметаат дека станува збор за маркетиншки трик, Но, и покрај тоа многумина, понесени од еуфоријата, се одлучуваат да ги обиколат продавниците со надеж дека сепак ќе најдат нешто што им се допаѓа по прифатлива цена. 

„Не наседнувајте на маркетиншки трикови“ 

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија апелираат до купувачите да внимаваат и да не наседнуваат на маркетиншките трикови на трговците. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот, а не попустот на цената што бил на почетокот на годината.

„Кога влегувате во продавница наместо еден ден како што треба, кај нас ќе ви речат дека трае најмалку три дена. Меѓутоа, ако се работи за некаква акција, тогаш може да продолжи. Но, тоа не е Црн петок. Тука има забуна кај луѓето. Голем дел од потрошувачите се подготвуваат за денешниот попуст, но кај нас попустите не се како во Америка“, вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија во видеоинтервју за Слободен печат. 

Фотографија: Leon Neal/Getty Images

Препораки за безбедно онлајн купување 

Народната банка објави препораки до граѓаните за безбедно онлајн купување. Оттаму велат дека купувањето преку интернет е лесно и брзо, но дека заштитата на сопствените финансии е од суштинско значење. Тие препорачуваат да се купува од безбедни веб-страници и секогаш да се побара „https://“ и икона за катанец во лентата за веб-адреси. 

„Овозможете двофакторна автентикација: Додадете дополнителен слој на безбедност на вашите сметки. Пазете се од премногу добри понуди: Ако изгледа премногу добро за да биде вистина, веројатно е. Вашата безбедност е приоритет - купувајте паметно, останете заштитени!“, препорачуваат од Народната банка.

Доколку ловите онлајн попусти на Црниот петок, внимавајте - и сајбер-криминалците се во лов за време на сезонската понуда. Затоа не купувајте додека сте поврзани на јавна WiFi мрежа. Подобро купувајте од дома, каде што вашата мрежа е заштитена со лозинка. Бесплатното WiFi на јавни места им олеснува на хакерите да пресретнуваат информации како што се деталите за вашата кредитна картичка. 

Пазете се од лажни понуди испратени преку е-пошта или пораки испратени преку СМС. Проверете дали веб-адресата на онлајн продавачот е автентична пред да кликнете на линкот. Внимавајте на грешки во правописот - можеби влегувате во лажна онлајн продавница наместо на вистинската веб-страница.

Исто така бидете на штрек од лажни пораки за „пропуштена испорака“. Фишингот може да ги зарази вашите уреди и да инсталира малициозен софтвер што ги краде вашите податоци.  

Црн Петок: Како да се заштитите од измами

01:00

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми