1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Атмосфера на линч против Турците

Александра Мудреша
28 октомври 2025

Ескалација на ксенофобија во Црна Гора откако Азербејџанец и Турчин тешко ранија момче во Подгорица. Групи луѓе маршираа по улиците и им се закануваа на мигрантите, а владата привремено воведе визи за турските државјани.

Полиција на граѓански протест во населбата Забјело во Подгорица
Управата на полицијата нагласува дека дополнително ќе го контролира движењето, работата и престојот на странците (фото: полиција на граѓански протест во населбата Забјело во Подгорица)Фотографија: Aleksandra Mudresa/DW

Црна Гора привремено го суспендираше безвизниот режим за државјаните на Турција по низата инциденти што доведоа и до пораст на ксенофобијата и говорот на омраза против Турците.

Двајца државјани на Азербејџан и Турција се осомничени дека во саботата навечер (25.10) сериозно повредиле 25-годишен маж во населбата Забјело во Подгорица.

Револтирани од нападот, граѓаните се собраа на местото каде што полицијата ги пронајде осомничените странци и скандираа „Убиј го, убиј го Турчинот“. Истата вечер е демолиран и локал во центарот на градот чиј закупец е турски државјанин, а беше запален и автомобил во сопственост на турска компанија.

Еден ден подоцна, групи момчиња маршираа низ населбите каде што мигрантите имаат продавници и ресторани во главниот град наЦрна Гора, скандирајќи „Турци надвор“.

Владата повторно воведе визи за Турците

Истата вечер кога дојде до протести на граѓаните, премиерот Милојко Спајиќ најави укинување на безвизниот режим со Турција, кој што, меѓу другото, во претходните години овозможи пристигнување на 13.000 луѓе од таа земја во Црна Гора. Во Црна Гора, која има население од околу 630.000, моментално престојуваат дури 100.000 странци.

Бошњачката партија, на чие чело е министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, и албанските национални партии кои се дел од владата, сметаат дека Спајиќ реагирал брзоплето и дека тоа би можело да ги расипе односите со Турција.

Демолиран е локал во центарот на Подгорица, чиј закупец е турски државјанин, а беше запален и автомобил во сопственост на турска компанијаФотографија: Aleksandra Mudresa/DW

За претседателот на државата Јаков Милатовиќ, одлуката за воведување визи е „краткорочно санирање на последиците“. „Владата не водеше сметка за потенцијалниот реципрочен одговор од Турција, кој би можел сериозно да ги загрози интересите на црногорските граѓани кои имаат потреба од лекување во Турција или патуваат преку аеродромот во Истанбул, како и интересите на економската соработка и дијаспората“, изјавија за ДВ од кабинетот на Милатовиќ.

За извршната директорка на невладината организација „Акција за човекови права“, Теа Горјанц-Прелевиќ, ова е популистичка постфестум реакција која станува карактеристика на оваа влада.

„Избрзан потег, направен без анализа и мотивиран од вознемиреноста на јавноста поради инцидентот во саботата. Како го објаснуваат тоа што ова се однесува само на граѓаните на Турција, а не на Азербејџан, ако тој инцидент е мотив?“, прашува Горјанц Прелевиќ.

Турција и Азербејџан секако се на списокот на земји за кои Црна Гора мора да воведе визи за да се усогласи со визниот режим на Европската Унија. Црна Гора ја оправдува својата либерална визна политика со потребите на туризмот, но Брисел вели дека економските причини не можат да бидат над обврските што произлегуваат од процесот на пристапување.

Премиерот Милојко Спајиќ го објави укинувањето на безвизниот режим со Турција истата вечер кога се одржаа граѓанските протестиФотографија: TV Vijesti

Ксенофобија и говор на омраза на митинзите во Подгорица

Од кабинетот на претседателот на државата порачуваат дека го разбира гневот на граѓаните на Подгорица, бидејќи институциите не си ја вршат работата. „Доколку не успеале да ги спречат причините, надлежните институции имаат обврска да ги преземат сите потребни мерки за зачувување на јавниот ред и мир, но и трајно и во согласност со нашите интереси, да почнат да го решаваат проблемот со престојот на странските државјани во Црна Гора“, вели тимот на Милатовиќ.

Инцидентите во никој случај не смеат да бидат причина за колективна осуда и дискриминација кон сите припадници на турскиот народ, предупредува Горјанц-Прелевиќ и потсетува дека говорот на омраза, поттикнувањето насилство и уништувањето на туѓ имот се кривични дела и дека сите одговорни мора да бидат гонети.

Граѓанските активистки Милена Поповиќ-Самарџиќ, Дина Бајрамспахиќ и Јована Маровиќ истакнуваат дека изразувањето омраза кон граѓаните на Турција и другите странци, како и ескалацијата на насилството на улиците на Подгорица, не претставуваат правда, ниту пак можат да бидат оправдана реакција.

Нема контрола врз приливот на странци, владата најавува нов закон

Министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ најавува порестриктивен Закон за странци, кој наскоро треба да стигне во Парламентот, а со кој ќе се заострат условите за престој, но и отворањето компании во сопственост на странски државјани.

Управата на полицијата нагласува дека дополнително ќе го контролира движењето, работата и престојот на странците, како и дека ќе следат итни и детални контроли на сите компании каде што основачи се странски државјани.

Претседателот Милатовиќ уште за време на Генералното собрание на Обединетите нации во септември предупреди дека на земјата ѝ е потребна одговорна и избалансирана имиграциска политика.

Но, пред тоа е потребно да се запрат изливите на ксенофобија, со оглед на тоа што за вечерва е најавен нов граѓански протест пред Владата. Во исто време, Турција побара од Црна Гора да ги заштити нејзините државјани.

Црногорската полиција, која уште вчера приведе неколку лица осомничени за планирање нови напади врз Турци, ќе биде ставена на тест и во наредните денови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми