1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црно-бела драма: Што открива заминувањето на Обрадовиќ?

Немања Рујевиќ
3 декември 2025

Оставката на најтрофејниот европски тренер Жељко Обрадовиќ го потресе Партизан. Навивачите бараат смена на директорот Мијaиловиќ, а конфликтот доби и политичка димензија.

Жељко Обрадовиќ на мечот против Асвел. ноември 2025
Зошто Жељко Обрадовиќ си заминува од Партизан? Фотографија: Romain Doucelin/NurPhoto/IMAGO

Минатиот четврток (27 ноември) околу 17 часот повеќе од десет илјади луѓе во живо ја следеа патеката на летот JU533 на платформата FlightRadar. Линискиот лет на Ер Србија од Атина до Белград во тој момент беше најследениот лет во светот благодарение на еден посебен патник.

Кога пристигна Жељко Обрадовиќ, околу десет илјади навивачи на кошаркарскиот клуб Партизан во холот на аеродромот, пред влезот и на паркингот паднаа во екстаза. „Жељко остани“, се скандираше долго, додека најтрофејниот кошаркарски тренер во Европа се пробиваше низ масата.

Тоа беше епизода од сагата во која Обрадовиќ минатата недела неочекувано поднесе оставка – под чудни околности. Сагата влезе во продолженија во кои бесната армија навивачи бара оставка од првиот човек на клубот, Остоја Мијaиловиќ, а тој, според извори на ДВ од клубот, како да не сфаќа дека и него и Партизан „ги чека пекол“ ако не се повлече.

Кој го „минирал“ Обрадовиќ?

На кошаркарите на Партизан не им оди во Евролигата, победија само на еден од последните осум натпревари, а Обрадовиќ јавно призна дека не знае како повеќе да го разбуди летаргичниот тим.

Но, во вторникот (2 декември) проговори и за конфликтот со претседателот на клубот, бизнисмен близок до власта на Александар Вучиќ.

Така навивачките страсти станаа и врвна политичка тема, па и најважна вест во Србија која би требало да има поважни работи по една година студентски и народен бунт.

За навивачите на Партизан, Обрадовиќ е повеќе од легенда. Штом ги соблече патиките и влезе во тренерската работа, им ја донесе на црно-белите единствената титула европски првак во 1992 година.

„Целта му беше со својот Партизан да ја освои својата десетта европска титула“, вели за ДВ Милош Јовановиќ, автор на кошаркарскиот подкаст „Удвојување“. „Неговото враќање во клубот во 2021 година имаше исклучителна емотивна вредност – доаѓање пред крајот на кариерата, за да се оствари уште една цел.“

Партизан стана феномен на европската кошарка и еден од најгледаните клубови во светот со просек од околу 20.000 гледачи во салата го главниот град на Србија. Познати по пеколната атмосфера, натпреварите на клубот привлекуваа во Белград љубопитници од целиот свет. 

Илјадници навивачи го чекаа Обрадовиќ на аеродромот во БелградФотографија: Bogdan Dasic/Agencia EFE/IMAGO

Но, оваа сезона никако не оди, иако Партизан повеќе не е аутсајдер во европската кошарка, туку тим полн ѕвезди како поранешната НБА ведета Џабари Паркер или еден од најдобрите германски кошаркари Исак Бонга.

Летаргија, аматерски потези, тешки порази – сето тоа покрена приказни дека меѓу тренерот и играчите пукнало. Кулминираше на натпреварот во Атина минатата недела кога Партизан му дозволи на Панатинаикос серија од 25:0– историски негативен рекорд во Евролигата.

„Играчите не го ’рецкаат’ Жељко ни два проценти. Не му веруваат, тераат инает. Односите се баш никакви“, вели еден извор на ДВ кој често е на тренинзите на тимот.

Поддршка на студентските протести

Сè се случуваше брзо – клубот најпрво му се заблагодари на Обрадовиќ, а потоа, под жестока реакција на навивачите, ја одби оставката и го повика Обрадовиќ да се предомисли. Му нудеа, наводно, одврзани раце – па дури и да го смени целиот тим ако треба.

Така рече претседателот на клубот Остоја Мијaиловиќ. Тврдејќи дека односите меѓу него и Обрадовиќ биле идилични, тој во телевизиско гостување себе и легендарниот тренер ги претстави како два столба на Партизан. А тоа изедначување не им легна добро на навивачите.

Други извори пак зборуваа дека пукнало меѓу Обрадовиќ и Мијaиловиќ. Па дури и дека тоа има врска со политиката. Имено, веднаш на почетокот на студентските протести, Обрадовиќ ги поддржа. „Ако не ги поддржуваш младите и младоста, кого ќе поддржиш? Тие имаат свои идеали, се борат за нив и им посакувам на тој пат да истраат“, рече тој.

Претседателот Вучиќ, страствен навивач на Црвена звезда, зборовите на кошаркарскиот тренер не ги дочека добро. „Тој секогаш беше против нас“, рече, по што медиумите лојални на власта постојано хушкаа против Обрадовиќ. 

Навивачите го обожуваат Обрадовиќ, но играчите не го „рецкаат“ ни два посто, вели извор на ДВ во клуботФотографија: Pedja Milosavljevic/Starsport/IMAGO

И на тоа се осврна Обрадовиќ во своето обраќање, иако одоколу. Рече дека му предлагал на Мијaиловиќ да го заштити клубот од подметнувања и прозивки, но овој го игнорирал тоа.

Според зборовите на Обрадовиќ, со првиот човек на клубот комуникацијата е „никаква“ уште од почетокот на сезоната. Го доведе во прашање тврдењето дека буџетот на Партизан е неверојатни 27 милиони евра, кажа дека некои играчи морале да си одат за да се направи финансиски простор, дека тимот патувал во економска класа.

„Не можев повеќе“, им порача Обрадовиќ на навивачите. „Дадов сè што можев и немојте да ми замерите бидејќи знаете колку се внесував во ова што најмногу го сакам.“

Што сега?

Партизан во четврток (4 декември) го пречекува Бајерн Минхен во Белград. Како што дознава ДВ, за тој натпревар се предвидени дополнителни мерки за обезбедување.

За тоа пишуваат и германските медиуми, на пример Спорт Билд. „Кога еден посебен тренер и еден посебен клуб се разделуваат, тогаш се случуваат посебни работи“, пишува весникот. Но додава дека заминувањето на Обрадовиќ е „единствено“ во европската кошарка и дека навивачите се закануваат со прекин на следниот натпревар.

Најмалку од што се стравува е дека навивачите ќе ги исвиркаат сопствените играчи. На тапет ќе биде и Мијaиловиќ, чија оставка ја бараат повеќето навивачи. Во салата инаку редовна појава е навредувањето на претседателот Вучиќ.

„Ситуацијата е необична“, вели кошаркарскиот новинар Јовановиќ. „Освен разјаснувањето на оваа мистерија околу заминувањето, сега Партизан мора да го реши и прашањето за тренерот.“

Некои медиуми веќе најавија дека тоа ќе биде Италијанецот Андреа Тринкиери, кој и порано седеше на клупата на Партизан. Симпатичен тренер кој течно зборува српскохрватски и никогаш не ја криеше восхитеноста кон Обрадовиќ. Ако дојде, веројатно е свесен каква мачна атмосфера го чека.

А и какви натпревари! Веќе следната недела Партизан ја пречекува Црвена звезда. За хоророт на навивачите на црно-белите да биде целосен, градскиот ривал моментално е на врвот на табелата на Евролигата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми