1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНИЦЕФ: Реагирајте брзо, образованието е приоритет

ДТЗ
8 декември 2023

Катастрофалните резултати кои посочуваат дека македонските ученици заостануваат во читање, математика и природни науки, треба да го вклучат алармот кај надлежните институции, велат од УНИЦЕФ.

ученик
Загрижувачки анализи - учениците заостануваат во читање, математика и природни науки.Фотографија: Imago/PhotoAlto

Катастрофалните резултати кои посочуваат дека македонските ученици заостануваат во читање, математика и природни науки треба да го вклучат алармот кај надлежните институции. Образованието треба да стане национален приоритет - во спротивно ќе има сериозни последици и за сегашните и за идните генерации. Ваквите сериозни критики денеска ги упати претставничката на УНИЦЕФ во земјата, Патриција ДиЏовани, која укажува дека сите во земјата треба да бидат сериозно загрижени за резултатите коишто ги објави Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА).

Резултатите од тестирањето спроведено во 2022 покажуваат дека три четвртини (74 отсто) од 15-годишните ученици во Северна Македонија имаат слаби резултати по читање, додека двајца од тројца ученици покажуваат лоши резултати по математика (64 отсто) и природни науки (65 отсто).

„Кризата во учењето е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици, недостатокот од континуитет во реформските процеси од страна на различни влади и на неуспехот да се насочи образованието кон реалните и индивидуалните потреби на учениците“, вели претставничката на УНИЦЕФ. 

Големо влијание на образовниот процес имаше пандемијата, но таа не смее да биде изговорФотографија: P. Stojanovski

Укажувањата се дека справувањето со кризата во учењето е одговорност на сите. Собранието, Владата вклучително и Министерството за образование и наука, но исто така и Министерството за финансии, општините, училишното раководство, наставниците и родителите треба да дејствуваат веднаш. „Сега е неопходно сите политички партии да се обединат и веднаш да почнат посветено да ги решаваат овие долготрајни проблеми. Законодавците во Собранието треба да ја препознаат итноста на оваа состојба и да дадат приоритет на разгледувањето на амандманите на Законот за основно образование“, истакнува ДиЏовани.  

Празнини во знаењето 

Македонските средношколци се на 61. место според резултатите по математика, а на 71. место по јазична писменост од вкупно 81 држава. Учениците постигнале и 380 поени по природни науки, што ја рангира државата на 68. место во светот. Во меѓународното тестирање спроведено во 2022 година, учествувале ученици на 15-годишна возраст од 81 земја во светот.

Според резултатите на средношколците по математика, Македонија е во друштво на Тајланд, Перу и Колумбија. По добиените поени за јазична писменост, Македонија е рангирана заедно со Индонезија и Албанија. Во однос на природните науки има исто поени со Индонезија, Азербеjџан и Албанија.

„Предолго време дозволуваме децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки. Многумина сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високото образование или почнуваат да работат, а празнините во нивното знаење ќе излезат на виделина и тоа има своја цена. Тоа ќе има сериозни последици врз сегашните и идните генерации. Ситуацијата налага сите да се обединат сега. Децата и образованието не може повеќе да чекаат“, укажуваат од УНИЦЕФ. 

Последици и одговорност 

Овие загуби не само што имаат негативно влијание врз децата денес, туку тие, исто така, ќе влијаат врз исходот во животот на децата и ќе го попречат економскиот развој на земјата во следните децении. 

Ситуацијата налага сите да се обединат сега. Децата и образованието не може повеќе да чекаат, укажуваат од УНИЦЕФ.Фотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Земјата со години се соочува со криза во учењето, а пандемијата само ја влоши ситуацијата. УНИЦЕФ смета дека Собранието треба да побара од Министерството за финансии да го зголеми финансирањето на образованието за да се подобри квалитетот и да се доближат јавните расходи на земјата за образование до просекот на ЕУ што е 4,9 проценти. Владата, исто така, треба да даде приоритет на процесот на донесување нов Закон за средно образование со цел да се унапреди квалитетот и инклузивноста на средното образование.

Дали некој ќе преземе одговорност за ваквите катастрофални состојби во образованието? Опозицијата обвинува дека СДСМ и ДУИ го уништиле образованието, па како резултат на тоа Македонија е на дното на ПИСА рангирањето каде се мери јазичната и математичката писменост на учениците

„Резултатите од последното ПИСА тестирање спроведено во 2022 година, за жал се катастрофални. Значително се намалени во однос на резултатите постигнати на претходното тестирање во 2018 година. Во сите три области нашите ученици постигнуваат значително потпросечни резултати“, порача Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

УНИЦЕФ ги повикува лидерите на политичките партии, како што неодамна се собрале за да се договорат за следните избори, „да се обединат веднаш за да постигнат договор за меѓупартиска агенда со цел образованието да стане приоритет“.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми