1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Црвените линии во политиката: корисни или контрапродуктивни?

Томас Лачан
27 јули 2024

Од Бајден до Путин, од Ши до Нетанјаху: светските државници зачестено повлекуваат „црвени линии“ за да им ги покажат границите на политичките противници. Каков ефект има тоа?

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху буквално ја повлече својата црвена линија во нуклеарниот спор со Иран - со фломастер - во септември 2012 година на Генералното собрание на ОН со графички приказ.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху буквално ја повлече својата црвена линија во нуклеарниот спор со Иран - со фломастер - во септември 2012 година на Генералното собрание на ОН со графички приказ.Фотографија: Don Emmert/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Џозеф Бајден, зборувајќи за домашните медиуми, во март 2024 година го предупреди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не врши копнена офанзива во Рафах: „Не смее да има уште 30.000 мртви на палестинската страна. Тоа е црвената линија“.

Во февруари 2023 година, Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, ѝ се закани на Кина: Ако Пекинг ја снабди Москва со оружје за руската агресорска војна во Украина, тоа за ЕУ би значело дека е помината црвената линија.

За Ши Џинпинг, шефот на кинеската држава и партија, црвената линија е формалната декларација за независност на Тајван.

Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, непосредно пред почетокот на војната во 2022 година, на сличен начин го опиша можното членство на Украина во НАТО.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху буквално ја повлече својата црвена линија во нуклеарниот спор со Иран - со фломастер - во септември 2012 година на Генералното собрание на ОН со прикажување на графика (на сликата горе).

Закана за постојниот светски поредок

Повлекувањето црвени линии, со фломастер или вербално, во последниве години е значително зачестено во меѓународната политика. Според анализата на порталот Смарт Политикс, пред Барак Обама само двајца американски претседатели јавно ја споменале црвената линија, додека Обама единаесет пати ја користел оваа стилска фигура.

За истражувачката на конфликти, Ане Холпер од Универзитетот Виадрина во Франкфурт на Одра, сè почестото повлекување црвени линии е знак дека односот на геополитичката моќ сè повеќе се менува. Хегемонистичките сили со тоа сигнализираат: „Тука стигнавме до граница која не смее да се премине за да се зачува нашиот поредок“.

Ана ХолперФотографија: privat

„Црвената линија се повлекува кога поредокот, кој верува дека е стабилен, се чувствува предизвикан, бидејќи тогаш гневот е најголем. Тогаш се чувствува принуден да покаже сигнал за максимална закана, за другата страна да не се осмели да оди чекор понатаму“, вели Ане Холпер.

Блеф со несакани ефекти

Ова често вклучува закана од сериозни последици - меѓутоа, како точно треба да изгледа, често останува нејасно.

„Намерата е одвраќање. Речиси секогаш. Во суштина, тоа е политички блеф. Затоа што, всушност, воопшто не ги сакате тие остри санкции, кои би морале да следат доколку се премине црвената линија.“

Така и Бајден остави отворено каква може да биде реакцијата на САД на израелската копнена офанзива во Рафах. Единствената закана беше „намалување на воената помош“ за Израел. Набрзо потоа, Вашингтон реторички се повлече - веројатно да не биде принуден да дејствува. „САД не веруваат дека акциите на Израел во Рафах претставуваат 'голема копнена операција' која ја преминува црвената линија за претседателот Џозеф Бајден“, соопштија од Белата куќа.

Затоа, за Холпер, политичките црвени линии се „парадоксален инструмент: всушност не сакате да одите толку далеку, но вашиот противник ве принудува кога ќе ја премине линијата“. Но, нема или има само слаби последици, „тогаш вие самите доживувате губење на кредибилитетот и моќта, што може да биде многу посериозно од она што е предизвикано од вистинскиот прекршок“. Заканата која останува само со зборови се толкува како слабост.

Борба против поместувањето на границите

Но, зошто тогаш црвените линии постојано се повлекуваат? Бидејќи распределбата на моќта во светот моментално суштински се менува. Подемот на Русија, Кина и некои земји на глобалниот југ го доведува во прашање сегашниот светски поредок, објаснува Холпер.

„Силите кои сакаат да го зачуваат сегашниот светски поредок се тие кои сакаат да го спречат 'поместувањето на границите', затоа што ако некои го направат тоа сега, тогаш и многу други ќе го направат подоцна. И тогаш ќе не прегазат со нивниот нов поредок и тие ќе ги диктираат правилата“, вели таа.

Карикатура - црвените линии на ПутинФотографија: DW

Во исто време, токму оваа промена во односите на моќта води до фактот дека границите веќе не можат секогаш и секаде доследно да се одржуваат. Тоа и покажува на другата страна до кој степен може да се толерираат прекршувањата на табуата. И кои контрамерки сте подготвени да ги преземете самите - но кои не сте.

Црвени линии - подобро во внатрешната комуникација со своите

Затоа, од перспектива на истражувањето на конфликти, не е мудро да се објавуваат црвените линии како инструмент за одвраќање. „Затоа што, по правило, одвраќањето не може да се формулира така што потоа не мора да бидете на потег - заканата да се спроведен на дело." Тоа води до несакана ескалација. „Затоа е подобро да не го правите тоа!", советува Холпер.

„Црвените линии не се неопходни за да се повлече јасна линија и да се каже: „Ова се нашите правила и ние ќе ги браниме“, продолжува во одреден контекст истражувачката на конфликти.

Многу посмислено е да се повлечат црвени линии во внатрешната комуникација и тоа да не се објавува јавно - на пример меѓу сојузничките сили или вооружените сили, да се знае кога се појавила ситуација во која треба да се делува. Кон надвор, меѓутоа, советува Холпер, комуникацијата треба да биде колку што е можно поограничена - за да се спречи ескалација.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми