1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈемен

Црвено Море: Какви последици имаат нападите на САД?

Франциска Вист
16 јануари 2024

Реагирајќи на нападите на Хутите врз трговски бродови во Црвено Море, САД извршија воен контраудар. Иран, кој е поддржувач на милицијата на Хутите во Јемен, не е далеку. Се заканува ли воен пожар?

Американски и британски напади против Хутите во Јемен
Американски и британски напади против Хутите во ЈеменФотографија: Sgt Lee Goddard/UK MOD/Handout via REUTERS

По серија напади врз меѓународни товарни бродови од страна на бунтовниците Хути во Црвеното Море, американскиот претседател Џо Бајден и неговите сојузници ги реализираа своите закани: во четвртокот  САД и Велика Британија,поддржани од Австралија, Бахреин, Канада и Холандија, возвратија со напади врз претежно воени позиции на од Иран поддржуваната милиција Хути во Јемен.  Во саботата беше извршен  повторен воздушен удар од Американците.

Американскиот претседател се заканува со натамошни мерки ако Хутите „продолжат со своите одвратни дела“, ќе следат соодветни одговори, рече Бајден.

Сателитска снимка од нападот на САД врз радарска постројка на Хутите во ЈеменФотографија: Maxar Technologies/AP/dpa/picture alliance

Со оглед на тесните врски на Хутите со Иран, чиј режим на мулите веројатно ги помага финансиски и логистички, се разгоре дебата околу потегот на САД: дали воените напади во Црвеното Море беа навистина неопходни или акцијата дополнително го разгорува конфликтот со Иран?

Нападите на Хутите ја парализираат светската економија

Хути милицијата уште од номври врши напади со дронови и ракети врз меѓународни трговски бродови во Црвеното Море, како реакција на војната во Газа.

Цел се бродови-контејнери од западни држави, на кои Хутите им префрлаат блискост со Израел. На тој начин  милицијата се солидаризира со Хамас,  од многу држави класификувана за терористичка организација, која со нападот врз Израел на почетокот на октомври ја предизвика војната во Газа.

Товарниот брод Галакси лидер киднапиран од Хутите во Црвено МореФотографија: KHALED ABDULLAH/REUTERS

Нападите на Хутите врз важната трговска рута низ Црвено Море имаат далекусежни последици: во одговорот на Меѓународната бродска комора (ИЦС) на прашање на Би-Би-Си стои дека 20 проценти од бродските контејнери во цел свет во меѓувреме го избегнуваат Црвено Море и ја користат многу подолгата рута околу Рогот на Африка. Институтот за светска економија во Кил (ИфВ) пресметал намалување од 1,3 проценти на  светската трговија  во рок од еден месец од ноември до декември 2023 година.

Бајден беше под силен политички притисок

Енормните економски последици на нападите на Хутите го зголемија во изминатите недели и политичкиот притисок врз американската влада за воена реакција.

Спикерот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон се изјасни за „одамна потребна мерка“ и се надева дури на „вистински пресврт во односот на администрацијата на Бајден кон Иран и неговите претставници кои создаваат толкаво зло.“ Америка мора постојано да демонстрира сила, истакна Џонсон на неговиот профил на социјалните мрежи, „посебно во овие опасни времиња“.

И безбедносниот експерт Марк Ф. Кенкиан од Центарот за стратешки и меѓународни студии претпочита воени удари против позиции на Хутите: „Иран преку своите претставници ја ескалира војната во Ирак и во Јемен. САД реагираа на тоа. Претседатеот Бајден не можеше натамошно да ги игнорира нападите."

Но, тој сепак не препознава генерална промена на политиката кон Иран. Експертот ја истакнува итноста на реакцијата со оглед на економските интереси.

И други експерти, од аспект на економската ситуација, ја одобруваат одлуката на Бајден за воено интервенирање против Хутите. Вилијам Ф. Векслер, раководител на Програма за Блиски Исток на Атлантскиот совет, истакнува: „Американскиот претседател Џо Бајден треба да добие пофалби поради нападите врз Хутите во четвртокот.“ Нападите врз трговски бродови  во морскиот тенец предизвикаа ограничување на меѓународната трговија, вели Векслер. САД уште одамна требаше да ја спознаат и прогласат важноста на слободата на бродскиот сообраќај како „витален национален безбедносен интерес.“ „Овој напад придонесе за одбрана на тој итерес.“

Стратегијата на Иран

Со воените удари во судирот со Хутите во секој случај САД ја променија нивната стратегија, што сигурно не е едноставен чекор. Зашто, досега владата на Бајден се потпираше на дипломатски предупредувања за да ѝ ги покаже границите на милицијата во Јемен. Како ќе реагираат Хутите натаму, ќе се покаже. Тешко е да се направи јасна прогноза.

Поддржувачите на Хутите во Јемен протестираат против воздушните напади на САДФотографија: Houth Media Center/Handout via REUTERS

Оттаму, расте загриженоста од реакцијата на раководството во Техеран на нападите на САД. Крие ли ескалацијата во Црвеното Море опасност од директна конфронтација со Иран?

Експертот Марк Кенкиан смета: „Стратегијата на Иран од почеток беше да ја регионализира војната. Тоа се покажува со напорите на Иран да предизвика ескалација на насилството во јужен Либан, во Западниот Брег, во Сирија, во Ирак и во Црвеното Море. Досега тоа не беше успешно.“

Хутите се локален предизвик, но ним им недостига борбена способност за овој конфликт со САД да го претворат во поголем регионален конфликт. „Тоа го може само Иран, но неговата политика по правило се состои во вооружување на посредници и охрабрување на насилство, но не и свое директно мешање," вели Кенкиан. 

Вакво мислење споделува и Барбара Славин, член на Стимсон центарот во Вашингтон и доцент за меѓународни односи на Универзитетот Џорџ Вашингтон: „Иранците се многу задоволни од сузбивањето на Арапите. Ним им е сеедно колку многу Арапи ќе бидат убиени, сѐ додека тие не се директно вмешани. Затоа и ги имаат ваквите ‘заменици' односно посредници.“

Меѓутоа, Славин во американскиот напад гледа „непотребен“ чекор, зашто тој го одвлекува вниманието од суштинскиот проблем: војната меѓу Израел и Хамас. Нејзиното барање до администрацијата на САД е јасно: „Кажете им на Израелците да прогласат примирје во Газа. Ако сакате да ги запрете нападите, тогаш запрете ја војната.“

Ќе јакне агендата на „оската на отпорот“

За Фатима Або Аласрар, научник од Институтот за Среден Исток во Вашингтон, не постои правилно и погрешно: „САД се наоѓаат во ситуација во која можат да направат само нешто погрешно. Ништо не би било прифатлива реакција. Ако некој натамошно провоцира, мора да се реагира.“ Но, таа вели дека оценката за нападот на САД не смее да се дели од регионалните развои.

Експертката Славин до администрацијата на САД: „Кажете им на Израелците да прогласат примирје во Газа“Фотографија: Mohammed Talatene/dpa/picture alliance

Американско-британските воени удари им овозможија на Иран и Хутите пораст на нивниот углед во регионот: „Можно е ударите да придонесат за наратив кој би им овозможил на Иран и на Хутите јакнење на нивните позиции против Западот.“

Војната меѓу Хамас и Израел беше поволен повод за Хутите да се прикажат како важна алка во проиранската „оска на отпорот“ и да ја зголемат нивната популарност кај населението во Јемен: „Хутите го користат Појасот Газа и палестинската кауза за будење симпатии, додека нивната суштинска цел е да имаат поголем легитимитет во Јемен и да служат на иранската агенда во регионот," вели Алсрар.

Слични интереси има и иранската влада, која во борбата за своја легитимација во сопствената земја мора да разгорува антиамерикански и антизападни наративи. Затоа секој чекор на Западот е акт на дипломатско балансирање: „‘Оската на отпорот' предизвикува хаос во регионот. Тоа е она што САД треба да го сузбиваат во прва линија. Иран ги вовлекува САД во овој хаос. Тоа е еден вид геополитичка стапица за САД.“ Секој натамошен чекор мора да биде добро обмислен и одмерен за Иран да не може да го користи во свој интерес.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми