1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

„Да ја направиме Европа голема“: Унгарија на чело на ЕУ

Ела Џојнер
24 јуни 2024

Унгарија го презема ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, со можни импликации за Украина и климатската политика. Дали тркалата на Унијата ќе продолжат да се вртат со нејзиниот најгласен дисидент?

Унгарскиот претседател Виктор Орбан
Унгарскиот претседател Виктор Орбан - Будимпешта ќе претседава со ЕУФотографија: SZILARD KOSZTICSAK/EPA

Не беше изненадување кога Унгарија го објави официјалниот слоган со трамповски призвук оваа недела, по повод нејзиното шестмесечно претседавање со Европската Унија. Сепак, „Make Europe Great Again“ поттикна кревање на веѓи во Брисел.

Унгарскиот ултра-националистички,  популистички премиер Виктор Орбан,  близок сојузник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, е најотворено евроскептичниот лидер во Европската унија.

Во текот на изминатата деценија, неговата влада се судри со претставниците на ЕУ и другите земји-членки околу демократското назадување во земјата, миграцијата и, од неодамна, воената поддршка на Унијата за Украина.

Будимпешта често го користеше своето вето  при клучните гласања, одложувајќи ги политичките мерки кога сите други беа подготвени да ги продолжат. На Унгарија и беа одбиени милијарди евра средства од ЕУ поради кршење на демократијата и владеењето на правото, иако  дел од нив оттогаш беше ослободен по спроведените реформи. Сепак, само минатата недела  Унгарија беше казнета со 200 милиони евра  (216 милиони долари) поради кршење на законите на ЕУ за азил.

Прашање за способноста да се претседава

Претседателството со Советот на ЕУ е шестмесечна ротирачка функција која ја извршуваат 27 земји-членки. Имајќи предвид дека улогата на претседателството е да дејствува како „чесен посредник“ меѓу земјите-членки и да се издигне над националните интереси, и дека претседавачката земја е одговорна за промовирање на законодавната програма на Унијата, Европскиот парламент ја доведе во прашање способноста на Будимпешта да ја изврши оваа задача.

Минатиот јуни, мнозинството претставници на ЕУ усвоија резолуција во која се прашува „како Унгарија ќе може веродостојно да ја исполни оваа задача во 2024 година, со оглед на нејзиното непочитување на законите на ЕУ“.

Но, овој необврзувачки приговор никогаш немаше никакви последици.

На 1 јули Унгарија ќе започне да претседава со министерските состаноци и самити, превземајќи го актуелното претседавање од Белгија. До крајот на годината ќе ги претставува и другите земји-членки во преговорите со Европскиот парламент и Европската комисија, извршната власт на Европската унија.

„Искрен посредник“ со трамповски призвук

Во вторникот, на прес-конференција во Будимпешта, унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока, вети дека неговата земја ќе работи продуктивно. „Како претседателство ќе бидеме чесен посредник кој лојално работи со сите земји-членки и институции“, рече Бока.

Унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока го претстави официјалниот слоган: „Да ја направиме Европа повторно голема“Фотографија: Peter Lakatos EPA

Бока рече дека за време на неговиот мандат, Унгарија ќе се стреми да ја зајакне економската конкурентност на ЕУ, да ја зајакне одбранбената политика, да води „конзистентна политика на проширување заснована на перформанси“ и да ја запре илегалната миграција преку построги граници и поефективни депортации во соработка со земјите кои не се членки на ЕУ.

Покрај тоа, рече тој, Будимпешта ќе го преобликува Кохезиониот фонд, кој се обидува да го затвори јазот меѓу побогатите и посиромашните региони, да промовира „земјоделска политика на ЕУ ориентирана кон земјоделците“, имајќи ги предвид протестите против климатските мерки на ЕУ и да се справи со демографските предизвици.

А потоа го претстави официјалниот слоган: „Да ја направиме Европа повторно голема“, соопшти Бока - јасно упатување на познатиот слоган на Трамп „ Да ја направиме Америка повторно голема".

Односите меѓу ЕУ и САД се влошија за време на претседателствувањето на Трамп, кое траеше од 2017 до 2021 година. И покрај неодамнешната кривична пресуда, Трамп повторно се кандидира за претседател на изборите во ноември.

„Тоа всушност го покажува... очекувањето дека треба да бидеме посилни заедно отколку поединечно, но дека треба да ни се дозволи да останеме тоа што сме кога сме заедно“, рече Бока, коментирајќи го унгарскиот слоган.

„Бунтовен“ член ги презема уздите

Алберто Алемано, професор по европско право на Универзитетот ХЕЦ во Париз, исто така се залагаше на Унгарија да ѝ се ускрати претседателствувањето.

„Мојата главна грижа во врска со унгарското претседателство е дека тоа дополнително ќе ја нормализира идејата дека бунтовничката земја-членка може да ги игнорира правилата на играта и сепак да има корист од играта“, изјави тој во писмената изјава за ДВ.

Будимпешта го презема претседателството во моментот на транзицијата во Брисел. Изборите за Европскиот парламент се одржаа во јуни, а новата Европска комисија ќе го финализира својот состав дури на крајот на годината. Ова веројатно значи многу малку нови законодавни иницијативи.

Бавен процес на пристапување на Киев

Една област каде што би можело да има потенцијални последици е раната фаза на  кандидатурата на Украина  за пристапување во ЕУ. Киев се надева дека ќе постигне брз напредок со отворање конкретни разговори за неопходните реформи, познати во жаргонот на ЕУ како „преговарачки поглавја“.

Во вторникот Бока сугерираше дека нема да има големи промени до 2025 година. „Според моите очекувања за време на унгарското претседателство, прашањето за отворање на поглавја воопшто нема да се постави“, изјави тој за новинарите.

„Зелениот договор“ под притисок на десницата

Алемано, исто така, верува дека унгарското претседателство може да влијае на климатската политика на ЕУ, особено на целите за 2030 година, кои треба да ја доведат ЕУ на вистинскиот пат кон севкупната цел - нето нула емисии до 2050 година.

ЕУ направи отстапки од „Зелениот план“ поради протестите на земјоделцитеФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP/Getty Images

„Унгарската влада предводена од Фидес често го критикуваше 'Зелениот договор' и климатската агенда на ЕУ“, вели тој. „Во политичкиот пејзаж кој се очекува да се префрли надесно (по неодамнешните избори во ЕУ), присуството на климатски скептична земја на чело на Советот во текот на втората половина на 2024 година може да влијае на позиционирањето на ЕУ“, смета Алемано.

И покрај тоа, не треба да се прецени влијанието на улогата на претседавачот со ЕУ. Огромното мнозинство на законски предлози доаѓаат од Европската комисија, а се потпишани од земјите-членки и Европскиот парламент.

Еден западноевропски дипломат за ДВ, под услов да остане анонимен, изјави дека очекуваат прилично нормални шест месеци. „Орбан и неговиот народ  се многу свесни дека другите земји-членки ќе вмешаат и ќе преземат доколку направат неред во агендата на ЕУ“, изјави дипломатот за ДВ.

„Платформата ќе се користи најмногу за тролање, како со нивниот слоган. Наше е да бидеме доволно дисциплинирани да не ја загриземе мамката“, вели изворот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми