1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураЧешка

Да не пишуваше Франц Кафка ноќе

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
18 март 2024

Годинава, 2024-та, е посветена на „стоте незамисливи години без Франц”. Без Франц Кафка. Сто години без, како што самиот за себе рекол, најосамениот човек кој некогаш постоел во Прага. Пишува Кица Колбе.

Прочуениот писател Франц Кафка како студент во 1913 годинаФотографија: Jewish Chronical/Heritage-Images/HIP/picture-alliance

Да не пишуваше Кафка само ноќе, човештвото немаше да го доживее генијалниот свет на „кафкаескното” во животот. Генерации од писатели во целиот свет немаше да бидат заразени со потрагата по никогаш невиденото и неосетеното, тоа што е потонато во ноќта. Ноќната штама е „мртва” само за тие што се заробени во сонот, а за творечките умови таа е толку богата со живот, што разумот  во штамата ноќна неминовно ги надминува своите тесни граници. Светот тогаш го покажува своето скришно  лице. Затоа не е случајно што симболот на филозофите е утката. Хегел велеше дека утката на размислата полетува во самракот. Всушност, утката е птица која бдее во ноќта. Тоа е исконската слика не само за филозофот, туку и за писателот. Особено за најпознатиот писател на дваесеттиот век, чие презиме додуша е „чавка”, но тој е, без сомнение, најпознатата „ноќна птица”, утката на писателите. Кафка на чешки значи „чавка”.

Годинава, 2024-та,  е посветена на „стоте незамисливи години без Франц”. Без  Франц Кафка. На германски, Franz Kafka, на чешки, Франтишек Кафка. Сто години без, како што самиот за себе рекол, најосамениот човек кој некогаш постоел во Прага. Пораснат во два јазика, чешкиот и германскиот на прашките Евреи, и во две култури, чешко-словенската и германско-еврејската. Франц Кафка е роден во Прага на 1 јули 1883 во австро-унгарското царство, а почина на 1 јуни 1924 во  австрискиот град Кирлинг. „КАФКА 2024” е  едногодишниот фестивал  со изложби, филозофски дискусии, литературни читања, концерти, театарски претстави, блогови и видео-игри во многу градови во Чешка, Германија и Австрија, земјите поврзани со неговиот кус живот (https://kafka2024.de/). 

Кафка е мојата фасцинација уште од гимназиските денови. Затоа во мојот прв роман, „Снегот во Казабланка”, направив малечок, личен омаж на Кафка. Главната личност, романистката  Дина Аспрова, која со „судни маки” се обидува да го заврши својот прв роман, поклонението на „светите места” на литертурата во Западна Европа мора да го започне  во Прага. Заради нејзиниот  маченик на зборот, Франтишек од Прага. И таа  го следи неговиот творечки биоритам  и пишува само ноќе.  

Родната куќа на Франц (Франтишек) Кафка во ПрагаФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Ранобудењето го „оглупавува” човека 

Кафка својот ритам на пишување ноќе го нарекува „маневар-живот” или „жртвување на граѓанскиот начин на живот”. Од утро до пладне работи во осигурителниот завод, попладне спие неколку  часа, се шета еден час пред вечерата низ Прага, а кусо пред полноќ, кога другите си легнуваат,  почнува да пишува во ноќта, сѐ до мугрите.  Некои биографи веруваат дека тој ритам го избрал затоа што  неговата соба во станот на родителите  била, во исто време, ходник од една во друга соба. Спокој можел да има само кога другите спиеле. 

Меѓутоа модерната наука покажува дека не може да се стане „ноќна птица” во ритамот на работата, доколку „внатрешниот часовник” не е наместен за тоа. Кафка запишал дека ранобудењето го „оглупавува” човека. Ноќта е неговото царство, во кое се чувствува потполно слободен. Во ноќта, истакнуваат научниците, со човекот што бдее и работи се случува преобразба, затоа што стануваат активни оние страни во чувствувањето и мислењето кои во денот се наоѓаат под силната контрола на разумот. На пример, кај некои луѓе фантазијата, сликовитото мислење, оригиналните откритија се одигруваат само во тихоста на ноќта. Мракот ни ги покажува оние страни на светот, кои светлината ги прикрива од окото. На таа преобразба  на нашиот творечки дух во ноќта потсетува сигурно најпознатата  реченица во историјата на литратурата. „Кога едно утро Грегор Самса се разбуди од немирните соништа, се најде себеси во неговиот кревет преобразен  во еден чудовишен инсект.” Така започнува прочуениот расказ на Кафка „Преобразба” (Die Verwandlung). Секој писател кој, по углед на Кафка или како негов близнак во биоритамот, бдее во ноќта, знае дека по ноќното пишување до мугрите сетилата се толку изострени, што се чини дека тој може  физички да се „втопи” во секоја од фигурите за кои пишува. А кога ќе се разбуди да се доживее себеси и како огромен бумбар. 

„Силни соништа“ 

Од друга страна, самиот пишува во дневниците дека се чувствува „изгонет од сонот”. Тоа е неговиот творечки труд -  неговата мака да „заспие” додека  исчезнува во пишувањето. Во дневниците тој запишува дека во ноќта, се‘ до 5  во мугрите, тој спие додека истовремено  „силни соништа”  го држат буден. Тоа е парадоксалниот процес на ноќното творештво. Кога разумот спие  во креветот крај творецот, додека тој на работната маса ги запишува вдахновенијата, фантазиите и кристално јасните слики кои се излеваат врз него како порој од штамата на ноќта. Кафка говори за  своите „силни соништа”, затоа што искусувал секоја ноќ дека уште  буден, пред да се обиде да заспие, нивната „сила” почнувала да зрачи во него. Таа сила на неговите ноќни „силни соништа” ги прави за него видливи неговите творечки потенцијали. Во тој миг Кафка се чувствувал слободен и жив се‘ до најдлабокото дно на неговата творечка сушност, што му се чини дека оттаму може да доведе на светлината на денот што ќе посака.

Насловна страница на расказот „Преобразба“ на Франц КафкаФотографија: Fischer Verlag

Најплодотворниот миг во длабоката ноќ бил од 2 до 4 по полноќ, и‘ пишува во едно писмо на Милена Јесенска. Навистина, во ноќта на 22-ри спроти 23-ти септември 1912-та, тој ја напишал новелата „Суд” ( Das Urteil). Од тој миг, Кафка секоја ноќ се посветува на пишувањето, очекувајќи „добар улов”, како рибарите кои во мугрите ги фрлаат мрежите во мрачното езеро. Тој вид на живеење во ноќното творештво го одржувал во живот. Тој знаел дека не може без пишување. Иако по тој изблик на новелата „Суд” во само една ноќ, Кафка подоцна сето време се бори со творечки блокади. Се измачува со секој збор, па вели дека потоа самиот ги пресоздава зборовите. Речиси сите негови дела што ги остави зад себе се недовршени. Во тестаментот барал сите да бидат уништени по неговата смрт, но неговиот најблизок пријател, писателот Макс Брод ( Max Brod), кој отсекогаш го мотивирал да пишува и објавува, ги  сочувал и ги објавил. 

Ноќното творештво на Кафка 

Пишувањето во ноќта за Кафка е „симнување кон мрачните  сили”, во тоа што е во амбисот под нас. „Можеби има и друг начин на пишување”, забележува тој, „ но јас го знам само овој: во ноќта, кога стравот не ми дозволува да заспијам...” Според Кафка, кога сите би се погледнале себеси „со земски извалканото око”,  би препознале дека сме „во соостојбата на патници со воз кои доживеале несреќа во еден долг тунел, и тоа на едно место од кое што повеќе не се гледа светлината на почетокот, додека светлината на крајот е толку дребна, така што погледот постојано мора да трага по неа и постојано да ја пронаоѓа, при што почетокот и крајот воопшто не се сигурни.” Околу сите нас  во „тунелот” има чудовишта, кои ние не ги гледаме поради збрканоста на сетилата или поради нивната панична изостреност. Но писателот како Кафка, кој бдее во ноќта со страв во себе и крајно изострени сетила, во мракот ја гледа уште поголемата катастрофа што се наближува кон „тунелот”. Таа настапи во Европа само десет години по неговата смрт, со ужасот во Аушвиц. Кошмарите ноќни на Кафка беа неговата антиципација на страдањето на неговите  сонародници Евреи. На две од неговите три сестри  им се изгуби трагата во логорот или во еврејското гето.

Споменик на Франц Кафка во ПрагаФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Како секој голем писател, Кафка од своето ноќно творештво направи шифра во еден недовршен расказ. Во оставината тој  беше без наслов, а Макс Брод  го избра насловот „Ноќе” (Nachts). Еден безимен писател бдее во ноќта, додека сите околу него спијат. Илузија е дека сите спијат во креветите во цврсти градби, додека, всушност, како некогаш, а и во иднина, сите спијат „под студеното небо врз студената земја”. Но тие не го знаат тоа, пишува Кафка. Безимениот писател е „Чуварот” на огромното мноштво заспани, држејќи факел в рака. Факелот е неговото творештво. „Некој мора да бдее!” Тоа е последната реченица од недовршениот расказ без наслов. Тој еден што бдее е Франц Кафка, за кого Адорно подоцна напиша дека во кошмарот и апсурдот на своите творечки слики тој ја антиципираше катастрофата во Аушвиц. Денес се чини дека човештвото  повторно се најде во „тунелот” на железничката несреќа. И повторно од длабочината на ноќта застрашувачки демне и можната поголема катастрофа. Како вистинска сценографија за годината на Франц Кафка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми