Стар и добро познат е вицот или реалноста за Македонецот, според кој, секој негов обид да излезе од казанот бил неуспешен затоа што другите Македонци кои заедно со него биле во казанот, не му помагале да излезе, туку секогаш кога се обидувал да излезе, некој друг Македонец го влечел надолу, назад во казанот.
За жал тоа не е виц и не е врзано само за Македонците, туку е една негативна човекова особина која во основа се сведува на синтагмата - ако јас не можам да го имам, не можете ниту вие. Ова, метафорично се нарекува менталитет на краба. Кога крабата ќе ја фрлите во еден сад или кофа, крабата без проблем брзо ќе излезе од кофата и ќе се спаси. Но, кога во еден сад ќе фрлите повеќе краби, кога било која од нив ќе се обиде да излезе, другите краби ќе ја повлечат внатре во садот. Ако повторно се обиде, ќе ја нападнат уште пожестоко, а ако е упорна и со сите сили се обидува да излезе, другите краби ќе ја убијат. Интересно е што крабата која се обидела и не успеала да излезе бидејќи била повлечена од другите краби, кога ќе забележи дека и некоја друга краба сака да излезе, наместо да се здружи со неа и заедно да се спротивстават и да излезат, ќе ја нападне другата краба која сака да излезе и ќе им помогне на останатите краби кои сакаат сите да останат во кофата. Така, сите краби, кои лесно и без никаков проблем посебно или сите заедно, може да излезат од кофата, ќе останат во кофата се додека не бидат убиени и изедени од оној кој ги фрлил во кофата. Практично, себичноста, љубомората и стравот дека другиот може да успее, на крај ги уништува сите краби во кофата доведувајќи ги во состојба да ја делат истата судбина.
Сите сме во иста кофа
Ако се направи аналогија со човечкото однесување произлегува дека членовите на групата ќе се обидат да ја намалат самодовербата на секоја индивидуа која постигнува успех во однос на другите, поради завист, љубомора, незадоволство, инает, заговор или натпреварувачки чувства, за да го запрат својот напредок.
Менталитетот на крабите е феномен во кој луѓето реагираат негативно, во однос на нивните мисли, изјави или постапки, на оние кои се поуспешни од нив, иако не очекуваат да имаат директна корист од тоа.
Во некои случаи, менталитетот на краба е воден од емоционална мотивација. Ова се случува, на пример, кога менталитетот на крабата се користи како алатка за изразување на зависта или како начин да се направи некој да се чувствува подобро, со намалување, попречување или дури и уништување на достигнувањата на другите.
Севкупно, луѓето може да имаат менталитет на краба од различни причини, како на пример затоа што себично се обидуваат да се чувствуваат подобро, затоа што гледаат на напредокот на другите луѓе како да е на нивна сметка или на нивна штета или затоа што ги следат другите кои имаат ист вид на менталитет.
Ние, Македонците, сме сите во една кофа, при што кофата е метафора за (анти)системот кој самите сме успеале да го изградиме.
На пример, бараме да се почитуваат законите, а кога некој ќе направи прекршок или нема да издаде фискална сметка, ќе побара, земе или даде мито или ќе направи сообраќаен прекршок и кога заради тоа ќе биде казнет, тогаш казната не се гледа како последица на грешката, тука како арач, како обид за полнење на државната каса на сметка на граѓаните, па во таква ситуација наместо да резултира со корекција на виновникот, вината се префрла на државата како колективитет кој самите сме го изградиле. А, што е државата ако не нејзините граѓани и системот кој тие го изградиле?!
Моралната основа на едно заостанато општество е книга на Едвард Ц. Банфилд, брилијантен американски конзервативен политиколог, кој го посетил Монтеграно (измислено име на град во Италија за да се прикрие вистинското име-Киаромонте), во која авторот опсервира едно семејно-центрично општество, кое го жртвува јавното добро на сметка на непотизмот и потесното семејство, објаснувајќи притоа дека заостанатоста на таквото општество може да се објасни „во голема мера, но не целосно“ со „неспособноста на граѓаните да дејствуваат заедно за нивното заедничко добро или за каква било цел што го надминува непосредниот, материјален интерес на нуклеарното семејство (семејство составено од маж, жена и деца).
Рестарт на менталитетот
Заклучокот на Банфилд е дека проблемот на Монтеграно е вкоренет во недовербата, зависта и сомнежот што ги рефлектираат меѓусебните односи на неговите жители. Сограѓаните би одбиле да си помагаат еден на друг освен ако не е во прашање нивната лична материјална корист, забележувајќи дека многумина се обидувале да ги спречат своите соседи да постигнат успех, верувајќи дека добрата среќа на другите неизбежно ќе ја намали нивната среќа. Ефектот, разбирливо бил социјална изолација и сиромаштија, како резултат на неможноста да се работи тимски со цел да се надминат заедничките социјални проблеми или дури и да се здружат заеднички ресурси и таленти за изградба на инфраструктура или заеднички економски проблеми.
Мислам дека е непотребно да правам аналогија со нашето општество и нашето колективно однесување односно колективно пропаѓање/назадување.
Како сите нас и целото општество да не има обземено менталитетот на краба, што неминовно доведува до тоа општеството да заостанува.
- „Св. Кирил и Методиј“ е државата
Растот и развојот како начин на размислување (Mindset) е спротивност на менталитетот на краба. Потребен ни е рестарт на менталитетот и начинот на размислување, ако сакаме да се ослободиме од овој менталитет на краба и да престанеме да се вклопуваме во теоријата на Банфилд.
Прва работа која треба да ја направиме како колективитет е денгубата по социјални мрежи, зависта од турски серии, Нетфликс и кафеански маратони, но и желбата и потребата за озборување, завист и љубомора, да ги замениме со читање, учење и себе-развивање. Замената на менталитетот на краба со менталитетот на раст на поединецот, меѓусебното помагање и тимската работа, ќе доведе до промена на колективната свест, а со тоа и до состојбата во државата. Конечно, треба да престанеме да ја пцуеме и презираме сопствената држава, затоа што државата, сме сите ние, нејзините граѓани, кои пцуејќи си ја државата се пцуеме самите себе и само докажуваме дека ние, македонските граѓани, сме неспособни да си изградиме функционален државен систем.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.