1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Афрогерманците си ги бараат правата во Германија

Надин Војчик
19 август 2023

Афрогерманското семејство Дик живее во Германија веќе пет генерации. И покрај тоа, до денес трпи напади. Внуката Абена Адомако сега го прави видливо она што одамна требало да биде дел од германската култура на сеќавање.

Семејна фотографија на Манденга и Емили Дик со ќерките Ерика (десно) и Дорис (лево)
Мајка од Источна Прусија, татко од Камерун: Семејна фотографија на Манденга и Емили Дик со ќерките Ерика (десно) и Дорис (лево)Фотографија: Privatbesitz Reiprich

Салата е исполнета до крај, многу луѓе стојат потпрени на ѕидот. Публиката внимателно ја впива семејната историја на Абена Адомако и нејзината јасна порака: црните Германци (Германците со црна боја на кожата) се борат за своите права уште од колонијализмот во 19 век. Тие биле прогонувани од нацистите, невидливи во повоена Германија, а сега живеат со самодоверба во денешен Берлин. Прашањето што се наметнува е: Како е можно потомците на семејството Дик да живеат во Германија веќе 130 години и сѐ уште да се борат за признание?

„Сите ние имаме исти недостатоци, без разлика дали сме црни или бели. Сите почнуваме од нула. Ископавме историја на 'црната страна' и сега се поврзуваме”, вели Абена Адомако. Таа, заедно со брат ѝ Рој и во тесна соработка со тим на кустоси од музејот „Шенеберг“, конципирала изложба насловена „По трагите на семејството Дик. Приказни на црните луѓе во Темпелхоф-Шенеберг“. Поради големиот интерес, изложбата ќе трае подолго од планираното.

1. генерација: Мигранти од германските колонии

„Кога раскажувам за тоа дека баба ми за нас готвела германски специјалитети, луѓето и натаму се зачудени”, раскажува Адомако смирено. Таа веќе е навикната на тоа да го објаснува своето потекло без да се правда за тоа. Во Германија живее веќе петтата генерација од нејзиното семејство.

Семејната историја на Дик започнува со младиот Манденга, кој во 1891 година во Германија дошол од Камерун и тука учел за чевлар. Луѓето со црна боја на кожата во колонијалното време важеле за „егзотични”, па неговиот мајстор си го ставал калфата во излог. Мангенда Дик дава отказ и почнува свој бизнис. Во Гдањск го склучува вториот брак со Емили, по потекло од Источна Прусија, и таму отвора „колонијална продавница”, па дури и го снабдува кралскиот двор. Тој е угледен граѓанин и познат во целиот град. Неговите ќерки Ерика и Дорис посетувале приватно училиште сѐ додека на власт не дошле нацистите.

Безгрижно време во Гдањск: Дорис Дик со колешкиФотографија: Privatbesitz Reiprich

2. генерација: Афрогерманци во националсоцијализмот

Според сфаќањата на националсоцијалистите, девојчињата не смееле да посетуваат повисоки училишта. Соседите го навредуваат семејството, девојчињата веќе не смеат да се гледаат со другарките. Нацистите им ги одземаат пасошите, семејството и натаму живее во Германија, но официјално се апатрити, или „без држава“. „Ќерките поради тоа многу страдале, баба ми сакала да стане докторка, но тој сон бил уништен”, вели Абена Адомако.

На Мангенда Дик му го одземаат имотот и тој го губи својот добар бизнис. Фамилијата некако врзува крај со крај, но таткото рано починува од срцев удар.

Постарата ќерка работи како книговодител и ја толерираат, додека помладата Дорис има потешка судбина - неа ја носат на принудна работа на пристаништето во Гдањск. Таа подоцна за влакно се спасува од присилна стерилизација само благодарение на добронамерноста на еден полицаец.

Забавата станува стратегија за преживување

Темпераментната Ерика се вљубува во актерот Луис Броди, двајцата се венчаат и со ќеркичката подоцна се преселуваат во Берлин. Луис Броди исто така потекнува од Камерун и како малку кој црн актер има постојат ангажман. Тој глуми во околу 60 филмови, најчесто како статист, а во три филма ја има главната улога или улога во која зборува. Адомако го знае дедо си само од телевизија.

Внуката Абена Адомако, коосновач на „Иницијатива за црните луѓе во Германија”Фотографија: Nadine Wojcik/DW

Забавната бранша е меѓу малкуте места каде што уште може да се заработува, па на Броди меѓу 1933 и 1945 година не му преостанува друго освен да глуми и во колонијално-пропагандистички филмови. Тој постојано мора да глуми „дивјак”, деградиран на расистичката претстава за „примитивен” Африканец. Во случај да се спротивставел, му се заканувала забрана за дејност или логор.

Фактички ‘рбетот на семејството се жените, почнувајќи од Емили Дик, која цврсто застанала зад својот сакан од Камерун и гордо ги воспитувала своите ќерки. Тие го преживеале и прогонот на националсоцијалистите и по војната ја држеле фамилијата со истиот животен елан. За Адомако баба ѝ била важен столб во животот.

„Таа често имаше гости и беше многу жива. Постојано носеше високи потпетици и црвено лакирани нокти. Беше позната во соседството“, раскажува внуката.

Емили Дик (лево) со нејзините ќерки Ерика (втора од лево) и Дорис (втора од десно) и внуката Берил (во средината)Фотографија: Privatbesitz Adomako

3. генерација: Вакуум во поствоена Германија

Ерика и Луис имаат ќерка на која ѝ го даваат името Берил - тоа е мајката на Абена Адомако. Во Вајмарската Република (1919 - 1933) Ерика доживеала пошаренолико и потолерантно општество. Берил, пак, расте во поствоениот вакуум. „Животот на луѓето со црна боја на кожата е категорично избришан, луѓето беа или убивани или мораа да емигрираат. Настанува болна празнина”, вели Абена Адомако.

За разлика од мајка си, Берил е воздржана жена. Таа се вклопува во средината обидувајќи се да стане „невидлива”. Таа се вљубува во маж од Гана и заедно ги добиваат децата Абена и Рој. „Мајка ми секогаш внимаваше да се однесуваме што е можно понеупадливо“, се потсетува Адомако на своето детство.

Абена Адомако (во средината) и нејзиниот брат Рој на настан во музејот ШенебергФотографија: Nadine Wojcik/DW

4. генерација: Нѐ има многу!

Ѝ биле потребни децении да се ослободи од тоа, но затоа пак сега е дотолку погласна. Има 30 години и е коосновач на „Иницијатива за црните луѓе во Германија”.

„Така си најдовме место каде што може да си даваме меѓусебно сила и поддршка и веќе никој не може да нѐ заобиколи”, раскажува Адомако.

Заедницата на Германците со црна боја на кожата мора самата да ја обработи својата историја, која сѐ уште не е адекватно документирана, ниту пак се изучува во училиштата. За разлика од САД или Велика Британија, на пример, Германија е сѐ уште „во пелени“, вели Абена Адомако, која работи за една невладина организација.

Додека многу Афроамериканци, како потомци на робовите, може семејната историја да ја следат во архивите и чии приказни одамна имаат најдено место во колективното сеќавање, особено во филмовите наградено со Оска - „Пурпурна боја” на Стивен Спилберг и „12 години ропство“ на Стив Меквин, во Германија не е завршена ни елементарната работа.

„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“

02:11

This browser does not support the video element.

5. генерација: Афрогерманско секојдневие

За поголема видливост од пролетта 2023 година се грижат две спомен плочки во калдрмата кај последното живеалиште на Ерика Дик и Луис Броди.

Плочките, од кои веќе има 100 илјади во цела Германија, се меѓу првите шест во спомен на жртви на националсоцијализмот со црна боја на кожата. Бабата Ерика не го доживеала задоцнетото чествување, бидејќи починала во 1999 година. Мајка ѝ на Абена Адомако, Берил, била многу трогната, раскажува ќерката.

„Секогаш многу плаче кога ја земам на нашите средби. Тоа во животот секогаш ѝ недостигало многу - на луѓето со црна боја на кожата да им се овозможи да ги раскажат своите приказни.“

Првата германска министерка со темна боја на кожата

01:43

This browser does not support the video element.

И Абена Адомако има ќерка, Антонија Адомако, петта генерација на афрогерманско семејство. Денес 24-годишната Антонија работи како уметник во Лондон и во фотографиите ја тематизира и својата семејна приказна.

Додека сѐ уште била во училиште, наставничката сакала да ја запише Антонија на дополнителна настава по германски јазик. „Учителката ме викаше неколкупати и се жалеше дека мојата ќерка не дошла на час“, се сеќава Абена Адомако. Одлучувачки фактор за оваа одлука очигледно била бојата на кожата. 

На 8 март 2023 година, беа поставени плочки во знак на сеќавање на Ерика Дик и Луис Броди во нивното последно место на живеење во БерлинФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Таа уште од мали нозе ја носела ќерка си на средби на африканската дијаспора, па кога Антонија била малку поголема се чудела што своето секојдневие не го доживува онака како што многумина таму го опишувале својот живот на жени со црна боја на кожата. „Ќерка ми живее поопуштено од мојата генерација. Јас сум повеќе во борбен модус, додека таа доживува диверзитет во кој некои дебати воопшто веќе не се водат, затоа што стануваат излишни”, вели Абена Адомако.

За разлика од баба ѝ Ерика, која е родена во Гдањск, а починала во Берлин, и никогаш не ја посетила татковината на своите предци, Абена Адомако редовно оди во посета на семејството во Гана, од каде потекнува нејзиниот татко, и таму си ги полни батериите.

Со зборови луѓето може да се дискриминираат, повредуваат и изолираат. За да се спротивстават на дискриминирачка употреба на јазикот, текстовите на изложбата „По трагите на семејството Дик“ ги користат поимите „црни луѓе” и „црни Германци” за „луѓе со црна боја на кожата“ и „Германци со црна боја на кожата“ како израз на самоекспресија. ДВ одлучи да ја освои таа терминологија во овој текст.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми