1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери најде пропусти во барањето за референдум на Левица

ДТЗ
12 октомври 2022

Предлагачот на иницијативата Димитар Апасиев од Левица има рок од 15 дена да го дополни предлогот и да го усогласи со одредбите од Деловникот

Талат Џафери
Талат Џафери најде пропусти и кај втората иницијатива за референдумФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја врати на доработка втората иницијатива за одржување референдум во врска со францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, како услов за влез во ЕУ. Во образложението Џафери наведува дека  „предлог - барањето за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување задолжителен дополнителен референдум“, поднесено од страна на пратеникот Димитар Апасиев од Левица не е во согласност со одредбите на Деловникот. 

„Особено член 135 од истиот, а и поставеното прашање упатува на несоодветност од причина што заклучоците не се општ правен акт, закон или Устав, тие по нивната природа и содржина се став кој ја насочува Владата на Северна Македонија во нејзиното постапување“, наведува Џафери. 

Тој се повикува на член 136 од Деловникот на Собранието, со кој е предвидено предлагачот да го дополни предлогот и да го усогласи со одредбите од Деловникот во рок од 15 дена. Ако не биде сторено тоа, ќе се смета дека предлогот на законот не е поднесен. 

Лидерот на партијата Димитар Апасиев на 28 септември поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на задолжителен дополнителен референдум на прашање : „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“. Порача дека „народот мора да го има последниот збор кога станува збор за прашања од национален интерес“. Најави дека доколку претседателот на Собранието, Талат Џафери ја отфрли и оваа иницијатива по примерот на претходната на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има целосна блокада на Собранието. 

Првата иницијатива ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, но на 13 септември пристигна негативниот одговор од Џафери. Тој на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во образложението му порача дека  иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми