Далај Лама му се извини на момчето за контроверзниот бакнеж
10 април 2023Далај Лама денеска (10.04) се извини по објавувањето на видеото на кое тибетскиот духовен водач наводно бакнува момче в уста. Видеото предизвика голема возбуда и незадоволство на социјалните мрежи.
Снимката, која стана вирална на социјалните медиуми, го покажува Далај Ламакој бакнува момче за време на, како што се чини, јавен настан. Далај Лама го испружува јазикот и се слуша како од детето бара да го цица. Според медиумски извештаи, видеото е снимено во предградие на градот Дарамсала, северна Индија, на 28 февруари.
Во изјава објавена денеска од страна на канцеларијата на Далај Лама во Дарамсала, тибетскиот духовен водач се извинува за неодамнешна средба, на која момчето прашало дали може да го „прегрне“ духовниот водач. Изјавата од канцеларијата на Далај Лама не се осврнува на зборовите во видеото.
„Неговата Светост сака да им се извини на момчето и неговото семејство, како и на неговите многубројни пријатели ширум светот, за болката што можеби ја предизвикале неговите зборови“, соопшти канцеларијата на Далај Лама.
„Неговата Светост често ги задева луѓето што ги среќава на невин и разигран начин, дури и јавно и пред камерите. Тој жали за инцидентот“, се додава во изјавата.
Во 2019 година, добитникот на Нобеловата награда за мир се најде среде полемика кога во интервју за Би-Би-Си рече дека ако неговата наследничка биде жена, „таа треба да биде привлечна“.
Набргу потоа се извини за своите коментари.