Дали АфД е неуставна?
26 јуни 2026
Дали треба да биде забранета партијата Алтернатива за Германија? Веќе долго време по ова прашање има поделени мислења. Дебатата за забрана на АфД сега би можела да добие нов поттик. Здружението за граѓански права неделава презентираше правно вештачење во Берлин. Од перспектива на оваа непрофитна невладина организација, заклучокот од извештајот финансиран од донатори е јасен, имено дека АфД е противуставна. Бундестагот дебатираше за постапка за забрана на АфД во 2025 година, но таа би била можна единствено по успешна постапка пред Сојузниот уставен суд, а за тоа прво некој треба да поднесе формално барање. За тоа ингеренции имаат само три т.н. уставни органи - сојузната влада, Бундестагот и Бундесратот. До сега нема политичко мнозинство на ниту едно од овие три нивоа. Бундестагот со прашањето последен пат се занимаваше во јануари 2025 година, кога 124 - од вкупно 733 пратеници во парламентот - од различни партии побараа покренување постапка за забрана на АфД. По дебатата не дојде до гласање бидејќи кратко потоа беше избран нов парламентарен состав и од тогаш до денес ништо не се случи.
„АфД е контра принципот на демократија“
Според менаџерот на проектот, Бијан Моини, правното мислење се базира на повеќе од 2.500 докази, меѓу кои партиската платформа на АфД, говори на пратеници од партијата, изјави од предизборни митинзи и други настани, соопштенија за медиумите, интервјуа и објави на социјалните мрежи. Моини вели дека вештачењето било работено во период од 13 месеци и се темели на наоди од осум експерти во два столба. „АфД е контра принципот на демократија со тоа што се обидува да ги потисне своите политички противници.
И таа е насочена и против човечкото достоинство бидејќи нејзиниот политички концепт обележан од расизам - слично како оној на НПД - етаблира различни класи на луѓе“, вели тој.
Неонацистичката НПД не беше забранета
НПД е кратенка од Национално-демократска партија на Германија, која во меѓувреме се преименува во Татковинска партија. Два обида за забрана на неонацистичката НПД беа неуспешни, последниот беше во 2017 година. Сепак, од Здружението за граѓански права се убедени дека постапката за забрана на АфД врз основа на нивниот експертски извештај, би можела да биде успешна. Шефот на проектот Моини ги посочува трите суштински карактеристики на слободарскиот демократски поредок: човековото достоинство, демократијата и владеењето на правото. „Сојузниот уставен суд јасно стави до знаење дека ако една партија е насочена против едно од овие обележја, таа се спротивставува на слободарскиот демократски поредок во целина.“
Мета на напади: Ангела Меркел и Олаф Шолц
Според Моини, тие услови се тука исполнети. На пример АфД бара кривично гонење на политичари од други партии. „Таа бара налози за апсење, обвинителна клупа и затворски казни за одлуки што не ѝ одговараат политички. Таквите барања ги базира на една идеологија која ги гледа политичките противници не како рамноправни учесници во демократскиот натпревар, туку како предавници на народот“, вели тој. Во вештачењето на Здружението има бројни примери како поткрепа на таквиот став. Моини таксативно наведува како лидерката на АфД, Алис Вајдел, и заменикот координатор на парламентарната група на партијата во Бундестагот, Штефан Бранднер - зборувале за канцеларката Ангела Меркел за време на нејзиниот мандат, а подоцна и за нејзиниот наследник, Олаф Шолц. „Во 2019 година, Алис Вајдел изјави дека лично ќе се погрижи за тоа Ангела Меркел на крајот да заврши на суд.
Во 2022 година во однос на Меркел и Олаф Шолц, Штефан Бранднер забележа дека во даден момент ќе има храбар министер за правда и храбар јавен обвинител кои ќе се занимаваат со прашањето.“
Дали АфД ги смета демократските одлуки за кривични дела?
Правниот експерт Моини објаснува зошто смета дека ваквите изјави може да послужат како доказ за сомнежот за неуставност на партијата. „Основа за ваквите барања не се потенцијални кривични дела, туку демократски легитимирани одлуки во врска со миграциската политика, пандемијата на коронавирус, занемарувањето на инфраструктурата, постепеното напуштање на атомската енергија и политиката за Украина“, вели тој. Според експертскиот извештај, и етно-културното сфаќање на АфД за „народот“ е исто така противуставно. Иако Уставот познава само државен народ кој не е класифициран според потеклото, врз основа на стотици докази, може да се покаже дека АфД има поимање за народот што отстапува од уставното.
Како АфД го дефинира германскиот народ
„Германци“ во смисла на партијата не се оние со германски пасош, туку само лицата со такво потекло. „Сепак, клучно е не тоа што АфД така го поима народот, туку што сака таквата концепција да ја спроведе во пракса“, нагласува Моини. Експерти имале докази дека партијата сака да им го одземе државјанството на одредени Германци со миграциско потекло и да ги депортира - на пример, престапници со двојно државјанство, а веројатно и натурализирани граѓани со само едно државјанство. Здружението за граѓански права со своето експертско вештачење, по сопствени наводи, сака да придонесе за политичката и општествената дебата во однос на постапка за забрана на партијата. Вештачењето не содржи препораки, туку се обидува да пополни празнините во сознанијата. Понудата на Здружението е на маса, вели раководителот на проектот Моини и додава дека „политичките партии може да прават што и да мислат дека е соодветно“.
Поддршка од граѓанското општество
Кампањата насловена како „Забрана на АфД сега“ која започна во јуни 2024 година, го смета извештајот како поддршка за нејзината кауза. За да го нагласи своето барање, мала група во четвртокот се собра пред зградата на Сојузната прес-служба во Берлин, каде што Здружението го презентираше своето вештачење. „Сега имаме на хартија дека АфД мора да биде забранета затоа што - од правна гледна точка – е противуставна“, вели портпаролот на кампањата Феликс Јохим на прашање на ДВ. „Политичарите веќе немаат изговори“, вели тој и додава дека „не станува збор за политички несогласувања, туку за заштита на основните човекови права и на нашата демократија“. Затоа Бундестагот, Бундесратот и Сојузната влада неодложно мора да покренат постапка за забрана на АфД, бара Јохим.
„АфД е најголемата закана за нашиот демократски соживот“
Фондацијата Амадеу Антонио - именувана според жртва на неонацистичко убиство - го бара истото. „АфД е најголемата закана за нашиот демократски соживот“, вели претседателот Тимо Рајнфранк. „Смртоносниот отров на десничарскиот екстремизам веќе има зафатено големи делови од нашето општество, го загрозува нашиот соживот и е на работ да ја преземе власта во некои сојузни покраини“, вели тој. Рајнфранк алудира на можноста АфД да победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија во септември годинава. Таму партијата на анкетите со месеци води.
Џем Оздемир: „АфД е опасна партија“
Бројни коментари има веќе и од политичката сфера. Покраинскиот премиер на Баден-Виртемберг, Џем Оздемир, на платформата „X“ пиша дека „правното мислење на Здружението недвосмислено потврдува дека АфД е опасна партија“. Пратеничката од Бундестагот, Кармен Веге (СПД) исто така се надева на нов обид од парламентот за поднесување барање за забрана на партијата. „Многу сум благодарна на Здружението за ова правно мислење. Сега демократските сили во нашата држава може да извлечат вистински заклучоци од нив“, пишува таа на својата веб-страница. Социјалдемократката е член на натпартиска група која во 2025 година безуспешно водеше кампања за обид за забрана на АфД. Меѓу нејзините членови се и пратеници од ЦДУ, Левица и Зелените, како и Здружението на гласачи од Јужен Шлезвиг.