Дали АфД шпионира за Русија?
24 октомври 2025
Сомневањето за шпионажа против АфД беше дополнително поттикнато од министерот за внатрешни работи на германската сојузна покраина Тирингија. Социјалдемократот Георг Мајер изрази загриженост во интервју за весникот „Ханделсблат“ дека Алтернатива за Германија (АфД) го злоупотребува своето право да поставува прашања во парламентите за целно да собере информации за транспортната инфраструктура, водоснабдувањето, дигиталната инфраструктура и енергетскиот систем на Германија. „Се добива впечаток дека АфД всушност ги извршува налозите на Кремљ со своите прашања", изјави Мајер.
Мајер наведува дека АфД во Тирингија поднела 47 такви прашања во покраинскиот парламент во изминатите 12 месеци - со „зголемен интензитет и ниво на детали“. Според Мајер, АфД покажува особен интерес за полициска ИТ-опрема, вклучувајќи технологии за откривање и неутрализирање на беспилотни летала. Тие исто така се интересираат за опремата за цивилна заштита, здравствената заштита и активностите на Бундесверот (германската војска).
Во Германија, таканаречените „мали пратенички прашања“ се парламентарен инструмент за контрола на работата на владата и собирање информации за политички дискусии. Тие најчесто ги користат опозициските партии кои немаат директен пристап до министерствата и државните институции. Владата е должна да одговори на овие прашања писмено.
Во Тирингија, АфД, под водство на Бјерн Хеке, е класифицирана од безбедносните служби како потврдена крајно десничарска партија. Хеке претходно беше осуден за користење на забранет нацистички слоган.
АфД - пофалби за Русија на Путин
Во минатото, Хеке постојано зборуваше позитивно за Русија под претседателот Владимир Путин. Во разговор на Јутјуб со политичарот на АфД, Максимилијан Кра, во јануари 2023 година, односно по почетокот на руската инвазија на Украина, тој изјави: „Денес, Русија - без разлика дали на медиумите им се допаѓа или не - е земја која предизвикува не само негативни асоцијации, туку и надеж дека може да биде борец за свет на слободни и суверени држави без хегемонистичко влијание“.
Хеке остро ги отфрли обвинувањата на министерот Мајер. На својот Фејсбук-профил, тој го обвини политичарот на СПД, Мајер, дека има проблем со владеењето на правото. „Нема докази за неговите тврдења. Она што навистина го мачи е тоа што опозицијата го прави она што е нејзина уставна должност: ја контролира работата на владата и, кога е потребно, ја критикува“. Според Хеке, прашањата упатени до министерствата, исто така, служат за подготовка на АфД за преземање на власта.
Хеке објави дека пратеничката група на АфД во покраинскиот парламент во Ерфурт ќе разгледа поднесување тужба за клевета против министерот Мајер. Тој, исто така, го повика премиерот на Тирингија, Марио Фогт од ЦДУ, да го смени Мајер.
АфД во моментов е најсилната политичка сила во Тирингија. Поради нејзините потврдени врски со крајната десница, сите други партии одбиваат да формираат коалиција со неа. Од минатата година, покраината е управувана од коалиција составена од демохристијаните (ЦДУ), социјалдемократите (СПД) и движењето Сара Вагенкнехт (БСВ).
Бундестаг: Страв од оддавање тајни
Мајер доби поддршка и од Бундестагот. Претседателот на парламентарниот комитет за надзор на разузнавањето, Марк Хенрихман од ЦДУ, за Германската уредничка мрежа изјави: „Цврсто верувам дека Путин ја користи АфД како марионета, а раководството на партијата - ако воопшто мисли поинаку - е немоќно да спречи ваков вид предавство“.
Хенрихман рече дека поради слични загрижености, претставниците на АфД не беа избрани во комитетот за парламентарен надзор на Бундестагот, кој заседава исклучиво во тајност и ја надгледува работата на сојузните разузнавачки служби.
АфД долго време беше критикувана за нејзината блискост со Русија. Многу пратеници на АфД во Бундестагот одржуваа блиски контакти со луѓе од опкружувањето на Путин. Пратеникот Јан Нолте претходно пишуваше за рускиот пропаганден весник „Известија“. Заменик-претседателот на парламентарната група на АфД, Маркус Фронмајер, беше член на организацискиот тим на „Меѓународниот економски форум во Јалта“ во 2018 година, кој беше поддржан од руската влада и разузнавачката служба ФСБ. Во октомври 2025 година, Фронмајер објави дека планира политички разговори во Москва.
Голем број други функционери на АфД го привлекоа вниманието на јавноста со изјави во кои го релативизираа рускиот напад врз Украина.
Поради блискоста на АфД со Русија, министерот Мајер бара во подготовката на барањето за забрана на партијата да се вклучи „елемент на предавство на земјата“. „АфД не е само неуставна поради нејзиниот етнонационалистички поглед на светот, туку и затоа што ја загрозува нашата слободна демократија со своите врски со авторитарни режими“, објаснува Мајер.