Дали Берлин му врти грб на Вучиќ?
19 септември 2025
Германската политика со децении го гледаше Александар Вучиќ како гаранција за стабилноста и безбедноста на Балканот - од Ангела Меркел преку Олаф Шолц до Фридрих Мерц.
Критики за некои аспекти од неговото владеење имало отсекогаш, но Вучиќ беше премногу важен и за Берлин и за Брисел во некои од најважните процеси на стабилизирање на Западен Балкан, како што се нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово и држењето на Милорад Додик под контрола. Затоа, тие не сакаа со критики премногу да го одвратат Вучиќ од ЕУ-интеграциите.
Секако, постојат и економски аспекти, како што е фактот дека Германија е најголемиот странски инвеститор во Србија, а од неодамна и прашањето за стратешка соработка во врска со експлоатацијата на литиум во долината на Јадар.
Поддршката за Вучиќ е сѐ потивка
Но, во последно време има сè повеќе знаци дека љубовната врска од корист би можела да се распадне. Германија, рака на срце, се држи впечатливо резервирано кога станува збор за поддршка на студентските протести што ја држат Србија во шах од ноември минатата година и се насочени против сегашната влада во Белград, но се чини дека трпението на многумина во Берлин е при крај, што е видливо од сè почестите критики на сметка на Вучиќ.
Се чини дека капката која што ја прелеа чашата е неодамнешното патување на Вучиќ на прославата на 80-годишнината од победата во Пекинг. Таму, српскиот претседател се ракуваше со автократи, а особено срдечна беше средбата со Владимир Путин, кого германскиот канцелар Фридрих Мерц пред неколку дена го нарече најголемиот воен злосторник на денешницата. Покрај тоа, Вучиќ го нарече високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, „гаулајтер“, а членовите на Европскиот парламент кои присуствуваа на протестите во Србија - „ѓубриња“.
Oд стабилизирачки до дестабилизирачки фактор
За време на една дебата во Берлин пред неколку дена, портпаролот за надворешна политика на парламентарната група на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Адис Ахметовиќ, не го криеше своето разочарување од развојот на ситуацијата во Србија и Босна и Херцеговина, а за дестабилизацијата во регионот исклучиво го обвини Вучиќ. „Вучиќ стана дестабилизирачки фактор не само за Србија, туку и за Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора“, рече Ахметовиќ и резигнирано заклучи дека Берлин „со години играл на погрешна карта“.
Се чини дека и на владејачката Унија (ЦДУ/ЦСУ) ѝ е сè понепријатно кога ја прозиваат дека не изразува доволно критики кон властите во Белград. На прашањето на ДВ за последните испади на српскиот претседател, Михаел Бранд, потпретседателот на парламентарната група за Југоисточна Европа од редовите на владејачката ЦДУ, беше повеќе од јасен.
Треба да се размисли кому му се помага
„Србија под водство на Вучиќ сè повеќе се оддалечува од Европа и сѐ поцврсто се врзува со Путин и Ши Џинпинг. Тоа што Вучиќ сега го нарекува високиот претставник во Босна и Херцеговина 'нацист', а членовите на Европскиот парламент 'ѓубриња', мора да има последици“, оценува Бранд.
Тој заклучува дека Берлин и Брисел треба внимателно да размислат за понатамошна поддршка за Вучиќ. „Не треба со милијарди да поддржуваме автократ, кој ја прогласува Европа за непријател, се бори против сопствениот народ и настапува агресивно против своите соседи“, заклучува тој.
Адис Ахметовиќ се осврнува на конкретни вербални напади на Вучиќ врз Шмит и политичарите од ЕУ и тоа го става во контекст на она што досега е познато за политичарот на СНС. „Александар Вучиќ е познат по своите вербални провокации, со оглед на тоа што за време на војната во Босна беше новинар на тогашниот пропаганден телевизиски канал 'Канал С'. Кога аргументите повеќе не помагаат, се посегнува длабоко во дисонантната реторичка кутија. Клучот за мирот и стабилноста во регионот лежи во Белград. Доколку Србија беше функционална земја со демократија и владеење на правото, немаше да има ниту конфликти во соседството. Вучиќ реторички пали пожари за да го одвлече вниманието од неговиот внатрешнополитички неуспех“, потенцира Ахметовиќ во изјава за ДВ.
Вучиќ сè почесто посегнува по сила
Иако веќе не е на власт, за разлика од СПД во новата влада, Партијата на Зелените може да влијае на германската надворешна политика преку парламентарните комисии. Известувач на Зелените за Западен Балкан овој изборен период е Борис Мијатовиќ. Тој го обвини Вучиќ дека по 10 месеци се обидува да ги спречи протестите со сила.
„Од средината на август, државата под водство на Александар Вучиќ сè повеќе користи солзавец и палки за да ги спречи досега мирните протести. Ја осудуваме најостро употребата на насилство и обидите за заплашување на мирните демонстранти, како и секоја понатамошна форма на ескалација, без разлика дали станува збор за воени закани од државата или реторички закани“, изјави Мијатовиќ за ДВ.
Политичарот на Зелените, кој за време на последниот изборен периодчесто беше во Србија, вклучително и како набљудувач на изборите, смета дека вербалните испади на Вучиќ насочени против членовите на пратеничката група на Зелените во Европскиот Парламент се срамни. „Ја осудуваме оваа комуникација и очекуваме од г-дин Вучиќ да се почитуваат меѓународните договори, но и да се почитуваат нивните институции и нивните претставници“, заклучи Мијатовиќ.
АфД – проблемот не е во Вучиќ и Додик
Од релативно обединетиот став на пратеничките групи во Бундестагот, се издвојува единствено ставот на најголемата опозициска група во парламентот, Алтернатива за Германија (АфД). Александер Волф, пратеник на АфД и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, за ДВ изјави дека АфД е загрижена за настаните во Босна и Херцеговина и нагласи дека споредбите со нацизмот „секако треба во принцип да се избегнуваат, особено во напнати ситуации или нестабилни региони“.
Но, за разлика од претставниците на другите партии со кои разговаравме, претставникот на АфД верува дека причината за проблемите на Балканот лежи на друго место. „АфД ја гледа главната причина за дестабилизација на земјата помалку во изјавите на Вучиќ или Додик, а повеќе во сè поавтократското однесување на ЕУ и ОН, како и унитаристичките напори на Бошњаците за ревизија на Дејтонскиот договор“, вели Волф.
Волф, кој во јули предизвика огорченост во Бундестагот со одбивањето да го употреби терминот геноцид за настаните во Сребреница, смета дека потерницата против Милорад Додик служи за хушкање на една етничка група против друга и заклучи: „Босна и Херцеговина не може да преживее како централизирана држава, а Бошњаците не треба да им ги ускратуваат правата на своите малцинства, особено на Хрватите и Србите (Србите и Хрватите не се малцинство, туку се конститутивни народи во БиХ, н.з.). Самоволното менување на изборниот закон или кривичниот законик за партиски цели треба да се отфрли. Додик е демократски избран претседател на Република Српска и како таков, особено референдумот во октомври го потврди на функцијата, треба да се почитува.“