1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали e Црна Гора изгубена за Западот?

Ненад Крајцер | Кено Верзек
10 август 2024

Црна Гора има нова влада со проруски и просрпски партии. Земјата која досега се декларираше за прозападна и проевропска е поделена. Негативни реакции не доаѓаат само од опозицијата туку и од соседството.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ од Алијансата Европа сега (ПЕС), минатата недела ја претстави реконструираната владаФотографија: Risto Bozovic/AP Photo/picture alliance

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ од Алијансата Европа сега (ПЕС), кој е на функција од есента 2023 година, минатата недела ја претстави реконструираната влада. Тој е поддржан од коалиција која вклучува лидери на просрпски и проруски партии, меѓу кои Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, лидери на Новата српска демократија (НСД) и Народната демократска партија на Црна Гора (ДНП). Мандиќ е и претседател на Парламентот на Црна Гора од октомври 2023 година.

Повеќе стабилност?

Мандиќ и Кнежевиќ се декларирани поддржувачи на Путин, тие индиректно се изјаснуваат против независноста на Црна Гора од Србија, која беше прогласена во 2006 година и ја отфрлаат интеграцијата во ЕУ, како и членството на земјата во НАТО, кое постои од 2017 година. Тие се за тесна поврзаност на Црна Гора и Србија, се против Косово како независна држава и го негираат геноцидот во Сребреница.

Црногорските просрпски политичари Милан Кнежевиќ (лево) и Андрија Мандиќ (десно) Фотографија: Radomir Kračković/DW

Влегувањето на политичари како Мандиќ и Кнежевиќ во владејачката коалиција е дел од  договорот меѓу Спајиќ и просрпските партии.  Спајиќ, чија проевропска партија имаше само мало мнозинство по изборите пред една година, беше поддржан од 13 претставници на просрпскиот блок. За возврат тие партии требаше да бидат наградени со министерски места, што сега и се случи.

НСД и ДНП немаат клучни позиции во новата влада, а самите Мандиќ и Кнежевиќ немаат министерски места. Но, прашање е дали соработката ќе доведе до „повеќе стабилност“ на владата на Спајиќ, како што вети премиерот.

„Предводени од Москва и Белград“

Реакциите од земјата и странство не требаше долго да се чекаат.  Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој пред неколку месеци се раздели со  Спајиќ и неговиот ПЕС  поради спорот за националната енергетска компанија, коментирајќи ја обновената Влада на Црна Гора, рече дека  „Црна Гора  е жртва на најпримитивната политичка трговија и неодговорност што премиерот континуирано го покажува во водењето на државата“.

Во ист тон се изрази и лидерот на опозициската Демократска партија на социјалисти, Андрија Николиќ. Но, за разлика од Милатовиќ, кој важи за просрпски, тој е многу подиректен во критиките на надворешните влијанија. „Тоа е влада која се раководи од Москва и Белград“, изјави тој за црногорските медиуми минатата недела.

Преку амбасадата реагираше и американската влада, која претходно јасно се позиционираше против учеството на просрпските партии. „Загрижени сме поради вклучувањето во црногорската влада на партии и лидери кои не ја осудуваат руската агресија врз Украина, кои ги отфрлаат санкциите на ЕУ против Русија и чии постапки се во директна спротивност со принципите на добрососедските односи“, ја пренесува РФЕ пораката од Американската амбасада во Подгорица.

Реакција на Хрватска

Најбурно реагираше соседна Хрватска: еден ден по реконструкцијата на Владата, хрватското Министерство за надворешни работи прогласи тројца високи политичари од просрпскиот блок за непожелни личности во Хрватска.

Станува збор за веќе споменатите политичари Мандиќ и Кнежевиќ, како и за уште еден член на „српскиот блок“, Алекса Бечиќ. Тројцата се непожелни во Хрватска, според соопштението, поради „систематски мерки за нарушување на добрососедските односи“ и „продолжување на злоупотребата на Република Хрватска за внатрешно-политички цели“.

Просрпски протест во Подгорица на 22.05.2024 против Резолуцијата на ОН за Сребреница Фотографија: Stevo Vasiljevic/REUTERS

Конкретно, станува збор за улогата на овие политичари во „Резолуцијата за Јасеновац“, која на крајот на јуни ја усвои парламентот во Подгорица. Резолуцијата, во која се споменува хрватскиот концентрационен логор од Втората светска војна и логорите Дахау и Маутхаузен, многумина ја сфатија како одговор на  резолуцијата за Сребреница,  претходно усвоена во ОН. Според мислењето на медиумите и аналитичарите во Хрватска, со оглед на тоа што Црна Гора во ОН гласаше за резолуцијата за Сребреница, просрпските сили во Црна Гора ја протуркаа резолуцијата Јасеновац како „контрамерка“.

Загрозен патот кон ЕУ?

Како влегувањето на просрпските и проруските партии ќе влијае на  надворешната политика на Црна Гора?  Златко Вујовиќ, политиколог од невладината организација Цеми (Центар за мониторинг и истражување) од Подгорица, смета дека влегувањето на просрпските и проруските сили во владата не е изненадување, туку процес кој трае извесно време. „Сега имаме сили кои се под контрола на српскиот претседател Вучиќ и кои  работат на тоа Црна Гора да не влезе во ЕУ  и да се оддалечи од НАТО“, изјави Вујовиќ за ДВ.

За него, резолуцијата за Јасеновац е чиста провокација која треба да доведе до тоа Хрватска да го забави или дури и да го запре приближувањето на Црна Гора кон ЕУ. „Никој во Црна Гора и никој што има што да каже во Хрватска не го негира она што се случи во Јасеновац. Но, оваа резолуција, а особено тајмингот, има за цел исклучиво да ја испровоцира Хрватска“, вели Вујовиќ. Потсетува дека до 2020 година и промената на власта во Подгорица, Хрватска и Црна Гора немаа значајни меѓусебни проблеми.

Загрепскиот политички аналитичар Жарко Пуховски, пак, смета дека проблемот со резолуцијата е „надуен“. „Хрватска има други проблеми со Црна Гора, како недефинирана граница или нерешено прашање за побарувањата за недвижнини“, вели Пуховски за ДВ.

За него е проблематично што хрватската влада пропушти да ги признае злосторствата што се случија во Јасеновац. „Двете страни згрешија: Црна Гора со оваа сосема непотребна резолуција и Хрватска, чија реакција беше оправдана, но која уште еднаш не ги призна злосторствата на усташкиот режим. Недостигаше оваа една реченица“, вели Пуховски.

Пропуштено изјаснување за Јасеновац

И известувачот на владејачката германска Либерално-демократска партија (ФДП) за земјите од Западен Балкан, Томас Хакер, е на мислење дека Хрватска требаше да каже дека не се спорни злосторствата што се случија во Јасеновац, туку инструментализацијата на резолуцијата.

„Дури и ако некои контроверзни политичари во Црна Гора ја поддржаа резолуцијата, ова не треба да се користи за туркање на историските факти под тепих. Секоја земја, особено членките на ЕУ, треба да се соочи со своето минато критички и одговорно - без табуа и преку демократски партиски линии. Историските факти за монструозните злосторства на усташкиот режим се познати и затоа треба да се осудат“, изјави Хакер за ДВ.

Иако Хрватска изјави дека нема да го блокира патот на Црна Гора кон ЕУ, тој смета дека не може да се исклучи дека Хрватска ќе го блокира понатамошниот процес за приклучување на Црна Гора. „За жал, стана вообичаена практика да се злоупотребуваат чувствителни прашања со цел да се блокира патот на другите земји кон Европа“, заклучува Хакер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми