1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМолдавија

Дали е на повидок обединување на Молдавија и Романија?

19 мај 2026

Молдавската претседателка Маја Санду сè почесто се залага за обединување со Романија. Нејзиниот тамошен колега Никушор Дан одговори отворено. Колку е реален еден таков проект?

Молдавија, Кишињев | Ден на романскиот јазик | Маја Санду и Никушор Дан со учесниците
Молдавската претседателка Маја Санду и романскиот претседател Никушор Дан во главниот град на Молдавија, Кишињев, на 31 август 2025 годинаФотографија: Elena Covalenco/DW

Двајцата шефови на држави очигледно негуваат големи меѓусебни симпатии. На почетокот на мај, молдавската претседателка Маја Санду и нејзиниот романски колега, Никушор Дан, објавија заедничка фотографија на нивните профили на Фејсбук. Двајцата се сликани насмеани еден до друг во романски воен авион. „Заедно со претседателот Никушор Дан сме на пат кон главниот град на Ерменија, каде што ќе се одржи самитот на Европската политичка заедница“, напиша Маја Санду во објавата.

Ова е првпат претседателите на Република Молдавија и на Романија да патуваат заедно на меѓународен самит и во согласност со дипломатскиот протокол, официјално заеднички да бидат пречекани по пристигнувањето. Овој гест веројатно бил испланиран и носи длабока симболична порака во врска со една тема која што добива сè поголема важност, имено обединувањето на Република Молдавија и Романија. За првпат досега, двете земји истовремено ги предводат луѓе кои обединувањето го гледаат во позитивно светло. Досегашните молдавските претседатели беа против. Во Романија, пак, само Трајан Басеску - кој беше претседател од 2004 до 2014 година - беше цврст застапник на „единството“.

„Романија е подготвена“

Актуелната молдавска претседателка Маја Санду е позната по својот став за единство, но долго време темата ја начнуваше мошне ретко. Дури во изминатите месеци таа почна отворено да се изјаснува за обединување во интервјуа со меѓународни медиуми. Во јануари 2026 година Санду за Би-Би-Си рече дека доколку се одржи референдум за обединување, таа лично ќе гласа „за“. Кон крајот на април во разговор за весникот „Ле Монд“ таа повторно се залагаше за обединување.

Романскиот претседател Никушор Дан потоа се изрази позитивно за проектот наведувајќи дека „Романија е подготвена за тоа“. Дан е првиот романски претседател кој не покажува патерналистички став кон своите „браќа и сестри на североисток“, туку кон соседната земја и нејзиниот народ се однесува како кон еднакви. Овој пристап наидува на одобрување во Република Молдавија.

Освен тоа, Маја Санду и Никушор Дан имаат блиски лични односи. Двајцвата во минатото беа долгогодишни антикорупциски активисти, борејќи се против државното самоволие и злоупотребата на моќта. Маја Санду, како и многу сонародници, има романско државјанство. Како претседател, таа го поддржа Никушор Дан за време на романските претседателски избори во мај 2025 година и гласаше за него.

Заеднички јазик и историја

На прв поглед тоа може да изгледа чудно, шеф на држава кој е исто така граѓанин на соседна земја, таму гласа и на крајот се залага за распаѓање на сопствената држава. Сепак, тоа покажува колку се тесно испреплетени Република Молдавија и Романија - јазично, историски и културно.

Официјален јазик во двете земји е романскиот. Во 1812 година Русија и Отоманската Империја го поделија поранешното Кнежевство Молдавија, а границата која се протегаше речиси точно на средина, е реката Прут.

Кратко по Првата светска војна, во декември 1918 година, новонастанатата лидерска елита во делот од Молдавија анектиран од Русија, гласаше за повторно обединување со Романија, држава која беше основана во 1859 година преку обединување на кнежевствата Молдавија и Влашка.

Во 1940 година, советскиот диктатор Сталин нареди повторно припојување на молдавската територија од левиот брег на реката Прут, согласно пактот меѓу Хитлер и Сталин, и заедно со тесниот појас Транснистрија, ја формираше Молдавската Советска Република. Таа прогласи независност во 1991 година, пред официјалниот распад на Советскиот Сојуз.

Долго време движењата за обединување не играа никаква значајна политичка улога ниту во Молдавија ниту во Романија. Русија, сепак, уште од 1991 година предупредува од наводно „фашистичко обединување“ на Република Молдавија со Романија. Тоа беше и еден од наративите што го поттикнаа постепеното отцепување на Транснистрија од Република Молдавија меѓу 1990 и 1992 година, што беше првата војна на Русија по распадот на Советскиот Сојуз.

Молдавската претседателка Маја Санду е позната по својот став за единствоФотографија: Mindaugas Kulbis/AP Photo/dpa/picture alliance

Расте бројот на поддржувачи

Во изминатите години бројот на поддржувачи на обединувањето нагло се зголеми. Според анкета од март 2026 година, речиси 42 проценти од луѓето во Република Молдавија се изјасниле „за“, додека 47 проценти биле „против“.

Во Романија актуелно околу 72 проценти од населението би биле за обединување. Една од причините е војната меѓу Русија и Украина, која особено во Република Молдавија предизвика промена во расположението во делови од населението кои негувале илузии за Русија. Освен тоа, повеќе од една третина од околу 2,4 милиони Молдавци, според проценките имаат и романски пасош.

Романија е најважниот трговски партнер на Република Молдавија и на својот сосед му помогна да се ослободи од енергетската зависност од Русија и да се поврзе со европските енергетски мрежи. Синдикатите на писатели на Романија и на Република Молдавија на почетокот на месецов излегоа со заедничка изјава во која се наведува дека е „време да се премине од декларации за намера кон конкретно дејствување“. Сепак, веројатно ќе биде потребно време за да се случи тоа.

Во уставите на двете држави има значајни пречки за повторно обединување, вклучувајќи ја и уставната обврска на Република Молдавија за воена неутралност. Но, пред сѐ останува нејасно што ќе се случи со регионот Транснистрија, кој до ден-денес е под контрола на сепаратистички групи поддржани од Русија.

Споменик на Ленин во Тираспол, во сепаратистичкиот регион ТранснистријаФотографија: Violeta Colesnic/DW

Еврокомесарката за надворешна политика на ЕУ не гледа проблем

Темата за повторно обединување сепак добива на интензитет. На пример, молдавските гласачи претставуваа значајна величина на романските избори. Тие придонесоа за изборната победа на Никушор Дан во 2025 година, со што беше поразен кандидатот на крајната десница Ѓорѓе Симион, лидер на партија која парадоксално го носи името „Алијанса за единство на Романците“.

Санду и Дан во таа смисла играат клучна улога во тоа прашањето за повторно обединување да не биде отстапено на романската крајна десница. Во Република Молдавија,  Маја Санду од страна на проруски партии се соочува со низа обвинувања за предавство поради нејзиното залагање за повторно обединување. Покрај нив, има и независни критички гласови кои ја доведуваат во прашање мудроста на една претседателка која се залага за повторно обединување со Романија додека земјата е среде напреднати преговори за пристапување кон ЕУ.

Еврокомесарката за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, пак, се чини дека не гледа проблем. Кога неодамна беше прашана во врска со ова, таа изјави дека одлука за обединување може да донесе исклучиво народот на Република Молдавија и на Романија - и никој друг.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми