Дали е НАТО подготвен за војна со дронови?
20 септември 2025
Инцидентите со дронови повеќе од една недела го привлекуваат вниманието ширум Европа. Во текот на ноќта помеѓу 9 и 10 септември, голем број руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор. Идентификувани се до 19 дронови, од кои неколку беа соборени. Само неколку дена подоцна, руски беспилотни летала преминаа на територијата на Романија, која е исто така членка на НАТО.
Во понеделникот, полските власти собориле беспилотно летало што леташе над владини згради во Варшава и, како што се вели, уапсиле еден Белорусин и еден Украинец.
Во инцидентите никој не бил повреден, а Русија негира дека упадите биле намерни.
Операција на НАТО - неопределено долго
Сепак, НАТО одговори со започнување нова мисија за заштита на воздушниот простор на своето источно крило.
Наречена „Источна стража“, оваа „мултидимензионална активност“ вклучува зајакнување на копнените бази и противвоздушната одбрана и ќе трае „неопределено долго“, соопшти НАТО на 12 септември. Целта е да се испрати јасна порака до источните членки на НАТО, но и до Русија.
Велика Британија и Данска се меѓу земјите што ветија поддршка. Германија го дуплираше бројот на борбени авиони за воздушна одбрана на Полска од два на четири, додека Франција распореди ловци „Рафал“.
„Со чекан на шпенагла“
Иако борбените авиони и ракетите воздух-воздух се користат успешно против беспилотни летала, тие се исклучително скапи. „Дроновите што ги гледаме во Украина чинат помеѓу 10.000 и 30.000 евра по парче. Ако на нив пукате со проектили од милион долари, брзо ќе останете без залихи“, вели Крис Кремидас-Кортни од Европскиот центар за политика (ЕПЦ). „Тоа е како удирање со чекан на шпенагла.“
Тој предлага НАТО да инвестира во поефикасна технологија, како што е шведскиот систем за соборување дронови Нимбрикс, за да се избегне „асиметрија на трошоците“.
Европски ѕид против дронови?
Балтичките држави, Полска и Финска со години повикуваат на координирана одбрана од беспилотни летала. Идејата често се нарекува „ѕид против дронови“, а ја спомена и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата.
Украинското знаење ќе игра клучна улога во изградбата на тој „ѕид“, а Комисијата најави заеднички проект за производство на беспилотни летала во вредност од 6 милијарди евра.
„Мора да учиме од Украинците“, изјави за ДВ Иан Бонд од Центарот за европски реформи (ЦЕР). „Тие имаат висок успех во соборувањето на руски дронови, и ако ја имаат технологијата, треба да ја набавиме и да ја копираме.“
Пораката на НАТО до Путин: „Ќе одговориме“
Адмиралот Роб Бауер, поранешен претседавач на Воениот комитет на НАТО, за ДВ вели дека имплементирањето на нова технологија во голем обем е предизвик. Покрај инвестирањето во опрема, Европа мора да го промени својот пристап кон Русија: „Мораме да ја информираме јавноста и да прифатиме дека постои закана“.
Кремљ тврди дека НАТО е во војна со Русија, додека НАТО тоа го негира. Бауер вели дека НАТО е во „сива зона помеѓу мирот и војната“ и е во состојба на висока готовност: „Ова е важна порака за Путин - НАТО ќе одговори, без разлика што ќе се случи“.
Бауер оценува дека одбранбените сили на алијансата ја покажале својата ефикасност кога собориле беспилотни летала над Полска: „Мислам дека го положивме тестот, но мора да се подобриме во справувањето со овие нови закани“, изјави тој за ДВ.
Може ли НАТО да спречи идни упади на дронови?
Иан Бонд од ЦЕР е скептичен во врска со моменталните капацитети на НАТО: „Се чини дека НАТО не бил подготвен за соборување дронови и треба сериозно да ги унапреди своите способности“.
Во јули, Литванија пријави два руски дрона во својот воздушен простор, но не ги собори. Романија неодамна одлучи да не отвори оган врз беспилотно летало кое потоа премина во Украина. Бонд предупредува дека Москва може да ја сфати таквата неактивност како охрабрување.
Заштита на цивилите
Покрај пресретнувањето на беспилотни летала, експертите велат дека владите треба да размислат за апликации за узбуна и зголемување на капацитетот на засолништа. „Тоа би бил застрашувачки чекор, но не и претеран“, вели Бонд.
Кремидас-Кортни се согласува: „Мораме да претпоставиме дека Русија ќе се обидува да врши вакви упади на секои две недели додека не ја плати цената што ќе ги одврати“. НАТО се надева дека операцијата Источна стража ќе го постигне токму тоа.