1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ЕУ ќе ја зајакне дипломатијата со Русија?

Хаувау Самајла Мохамед
18 февруари 2026

Во Брисел се засилува дебатата за назначување специјален претставник на ЕУ за односите со Русија. Но, внатрешните поделби може да ја спречат Унијата да игра одлучувачка улога во преговорите за мир во војната во Украина.

President Trump Meets with President Zelensky and European Leaders in Washington, DC
Фотографија: picture alliance/Newscom/DANIEL TOROK

Европа е сè позагрижена поради нејзиното отсуство од неодамнешните мировни преговори меѓу Русија и Украина. Последната рунда преговори во Абу Даби беше посредувана од САД, без директно учество на Европската Унија. Како одговор на тоа, во ЕУ се повеќе се зборува за назначување специјален пратеник кој би разговарал директно со Москва.

Во текот на поголемиот дел од војната во Украина, пристапот на ЕУ кон Русија се базираше на економски притисок и воена поддршка за Украина. САД и Турција беа на чело на преговарачките напори. Секој можен обид за директно разговарање со претседателот Владимир Путин преку координиран пратеник на ЕУ би претставувал тактичка промена.

Економистката и експерт за јавна политика Елина Рибакова вели дека европското учество е клучно за да се избегне потиснување на регионалните интереси. „Без Европа, веќе би можеле да видиме некаков 'мир' во кој Русија, со помош на САД, би ја принудила Украина да направи отстапки“, изјави таа за ДВ.„Ова би го поткопало нејзиниот суверенитет и би ги изложило другите земји во регионот на наводното право на Русија на 'сфера на влијание' во Источна Европа“, додава таа.

Трамп: Зеленски е подготвен да преговара за мир

00:56

This browser does not support the video element.

Во исто време, не е јасно што всушност би можела да постигне европската дипломатија со Русија. Рибакова забележува дека ангажманот кон Москва првенствено би имал симболичен карактер, но би можел да донесе и одредени конкретни резултати на долг рок.

Поделби меѓу членките на ЕУ

Меѓутоа, секој дипломатски напор на Европа го компликуваат внатрешни поделби. Земјите членки имаат многу различни пристапи кон Русија. Францускиот претседател Емануел Макрон се залага за одржување на комуникациски канали со Москва, дури и по повеќе дипломатски неуспеси. Франција неодамна испрати висок дипломат на средба со руски колега.

Германија, меѓутоа, често зазема повнимателен тон. За време на неодамнешната Минхенска безбедносна конференција, германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази резерви во врска со ангажманот со Русија. „Ако има смисла да се разговара, ние сме подготвени да разговараме, но Русите мора да покажат дека се навистина спремни да разговараат за прекин на огнот, а потоа и за мировен план“, рече тој.  

Земјите од Источна Европа стравуваат дека предвремените отстапки би можеле да ја охрабрат Москва. Унгарија и Словачка остануваат зависни од руската енергија и покрај војната во Украина.  

Русија: Западни фирми ја финансираат војната против Украина

01:35

This browser does not support the video element.

Рибакова, која работи за Институтот Петерсон за меѓународна економија, бриселскиот тинк-тенк Бругел и е потпретседателка за надворешни работи на Киевската школа за економија, вели дека несогласувањето не мора да значи слабост. „Поделбите не се лоши“, верува таа. „Некои земји можеби сакаат да се приближат кон САД, други кон Русија, но тоа е и натаму далеку од повеќето во рамките на ЕУ“, рече таа. „Затоа ќе има притисок од ЕУ - дури и ако не е целосно едногласна - да се почитуваат интересите на Украина.“

Сепак, не сите аналитичари се убедени дека со назначување на специјален пратеник би се разјаснила европската стратегија. Кристи Раик од Меѓународниот центар за одбрана и безбедност смета дека ЕУ прво мора јасно да ги дефинира своите цели пред да се вклучи во разговори со Москва.

Сепак, Рибакова тврди: „Во идеален свет, би било одлично да се види обединета ЕУ, но не живееме во идеален свет“.

Според неа, Европа составена од различни „клубови“ на држави засновани на интереси во моментов е доволна за да ги заштити украинските и европските интереси. „Повеќе би била загрижена за единствена позиција што би му дозволила на Путин неказнето да анектира делови од Украина кои руската војска дури и не ги освоила.“ 

Европа е далеку од обединета околу тоа каков треба да биде пристапот кон РусијаФотографија: Frederick Florin/AFP/Getty Images

Овие постојани тензии одразуваат поширока дебата за тоа како ЕУ функционира на меѓународната сцена. Како што вели Рибакова, разновидноста на блокот го отежнува постигнувањето целосен консензус. „Земјите се навистина различни. Затоа и ми се допаѓа идејата за европско единство по одредени прашања преку клубови засновани на интереси“. Ваквите флексибилни коалиции можат да претставуваат стратешки излез кога е тешко да се постигне едногласност.

Што ќе направи ЕУ следно?

Додека дискусиите за можен дипломатски пробив се интензивираат, ЕУ се подготвува за својот 20-ти пакет санкции против Русија по повод четвртата годишнина од руската инвазија на Украина.

Овој 20-ти пакет вклучува енергетика, трговија и финансиски услуги. Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, приходите на Русија од енергија се намалија за 24 отсто во 2025 година. „Тоа го потврдува она што веќе го знаеме - нашите санкции функционираат и ќе продолжиме да ги применуваме сè додека Русија не се вклучи во сериозни преговори со Украина за праведен и одржлив мир“, рече таа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми