Дали европската шлаканица ќе го отрезни судскиот систем
13 ноември 2025
Неповолните оцени во извештајот на Европската комисија за судството, станаа тема во судските и политичките кругови, но засега се чини без продуктивна дискусија што ќе води до подобрување на состојбите. Генералниот впечаток од содржината на извештајот е дека судството не доби преодна оценка. Констатирано е дека нема напредок во примената на европски стандарди, дека не запираат политичките влијанија, парламентот преку интерпелација врши притисок врз одредени судии да дадат оставка, и дека минатогодишните препораки на Комисијата се имплементирани во ограничена мера.
Една од пораките е и дека државата треба да одвои повеќе пари за судството, Јавното обвинителство и за истражителите на кривични дела. Но новиот буџет не дава надеж за тоа. „Работиме со јавнообвинителска служба од една третина, што значи околу 360 вработени, а ни требаат околу 1 126. И минатата 2024 и оваа 2025 и за наредната година од страна на Министерството за финансии не ни се дозволува ниту едно вработување“, изјави за медиумите главниот обвинител Љупчо Коцевски.
Туше Гошев, прв министер за правда по донесувањето на Уставот, и во чие време беа удрени темелите на судскиот систем во Македонија, денес оценува дека судството „се одметна“ од целокупниот систем на земјата и почна, вели тој, да функционира по други принципи.
„Во првиот закон за судии што го донесовме имаше јасна забрана за непотизам, која потоа беше отстранета. Сега непотизмот надвладеа во сите пори. Системот се претвори само во инструмент за постигнување на одредени цели. Сега мајките станаа судии, ќерките стана судии, внуците станаа адвокати. За да истерате една правда не можете да го поминете лавиринтот на медиокритетство и непотизам кој е поставен во државата“, вели за ДВ Гошев.
Исчезна правната сигурност
ЕК порача и дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да ги засилат своите напори за заштита на независноста, интегритетот и професионализмот на судиите и обвинителите. Поискусните правници сметаат, меѓутоа, дека растурањето на судството не се случи преку ноќ и дека не може ни да се реши брзо.
„Судскиот систем сега не функционира по принципот на правната држава туку со инструментализација на законите за лични интереси или давање предност на оние политички партии кои доаѓаа на власт за остварување на лични интереси и права.
Потфрли и контролата која што требаше да се прави преку поротниците во судските предмети. Како ќе каже судијата такви одлуки и носат. Така дојдовме до состојба никој да не е сигурен да го оствари правото во институциите на системот“, смета Туше Гошев.
И судијката од Врховниот суд, Мирјана Лазарова Трајковска, посочува дека лошата слика за судството се гради со години наназад. „За тоа придонесуваат делумно објективните состојби во судството но и влијанија врз судството, вклучувајки го и политичкото влијание. Ефикасноста на судовите ја влошуваат и недостатокот на судии, стручни соработници, недоволна информатичка опременост и недостаток од дигитализација“, оцени за ДВ таа.
Правосудната фела со загриженост гледа и на зачестените повици од премиерот Христијан Мицкоски за смена на судиите и неговите оцени дека тие ние ги заслужуваат ниту сегашните плати а не да бараат зголемување. Првиот човек на Владата повика и на смена на судискиот состав, а последното ветување беше дека тоа ќе се случи по локалните избори.
Некогашниот министер Гошев кој ја продолжи кариерата како адвокат предупредува дека ако се тргне со утврдување на вина за сторени грешки од страна на судиите, тоа ќе биде, нагласува тој, ѓаволско докажување. „Кога се прави реформа на системот прво треба да се применат одредбите од уставниот закон. Само една реченица треба да променат во членот 15 – да кажат дека заради реформи на судскиот систем на сите избрани судии по основ на Уставот им престанува мандатот а вршењето на функцијата ќе ја вршат сѐ до избор на нови судии“, посочи тој.
Од своето министерско и правно искуство како децениски адвокат Гошев порачува и дека интерпелацијата на судии е погрешен и незаконски чекор. „Уставот во членовите 72 и 73 точно кажува за кои функции може да се прави интерпелација, но не и за судството“, вели тој.
Судството формално во реформа
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски во изјава за „Сител“ се пожали на недостиг од судски службеници. „Постои потреба од подобро образложување на одлуките што ги донесуваме, и преку тоа да ја зголемиме и транспарентноста и спрема колегите судии и спрема граѓаните“, рече тој во првата реакција по објавувањето на извештајот на Европската комисија.
Од Здружението на млади правници разочарано велат дека правосудство е формално во реформа, но суштински останува неефикасно и подложно на политички влијанија. „Видливи се напорите за подобрување, но додека судството не покаже интегритет и не се ослободи од политички влијанија и притисоци, реформите нема да бидат целосни. Сметаме дека решението е во доследната примена на правото, вистинската волја за борба против корупцијата и вложување за независно, стручно и етичко судство“, изјави за ДВ претседателката Бојана Божиновска Силјановска.
Очекувањата се дека состојбите ќе се променат преку новите закони.
„Со предложениот закон за Судски совет се предлагаат повисоки критериуми за избор на членовите кои ќе допринесат за посилен, професионален состав на судските тела, и ќе допринесе кон независноста на судството“, вели за ДВ судијката од Врховен суд Мирјана Лазарова Трајковска, која е дел од работните групи за новата легислатива.
Судијката смета дека новиот Законот за судскиот буџет треба да води кон зголемување на транспарентноста, јасни критериуми и механизми за финансиска стабилност, за капитални инвестиции и дигитализација на судството. „Сметам дека новите предлог закони и оние закони кои се во работа, имаат потенцијал да ја подобрат состојбата во судството во Македонија, особено ако се има предвид дека не станува збор само за закони туку и за развивање на култура на реформа, постапување правилно, и работа на континуирана транспарентност и отчетност“, вели Лазарова Трајковска.
Министерот за правда Игор Филков неодамна на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан во Сараево, ја нагласи посветеноста на Владата за интегритетот и ефикасност на судството. „Се спроведуваат суштински реформи, усогласени со европските стандарди и препораките на ГРЕКО, Европската комисија и Венецијанската комисија. Новите закони за Судскиот совет, судовите, судската служба и платите на судиите и обвинителите – го зајакнуваат интегритетот и отпорноста на правосудството“, рече министерот.