1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали АфД навистина сака Германија да ја напушти ЕУ?

Бенџамин Најт
26 декември 2024

Иако критикувањето на ЕУ и еврото беше првичната идеологија на германската партија АфД, позициите се донекаде омекнати. Сепак, во програмата на партијата пред овие избори се споменува „алтернатива“ за Европската унија.

АфД Германија
„Германија на прво место“. АфД бара алтернативи за ЕУФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Иако во партиската програма на Алтернатива за Германија (АфД), за која ќе се разговара овој јануари, на прво место е политиката против миграцијата и имиграцијата, постои и реченицата: „Сметаме дека е неопходно Германија да ја напушти Европската унија и да воспостави нова Европска заедница“.

Таа „заедница“ би била нешто како „Европа на разни нации“ која би имала само заеднички пазар и би претставувала „заеднички економски и политички интереси“. АфД не сака да ја задржи ни заедничката валута, еврото.

Но, централното барање е граѓаните на Германија да се изјаснат за членство во Европската унија. Всушност, Германците никогаш немаа можност да се изјаснат за ова на референдум. Но, тоа правно би било доста сомнително: дури и според Уставот, Германија е дефинирана како членка на ЕУ, што значи дека во случај на напуштање на Унијата, ќе треба да се промени и основниот документ на германската демократија.

Негодувањето против заедничката валута и Европската унија е стара приказна меѓу поддржувачите на АфД и беше особено гласна за време на должничката криза на Грција и некои други земји од југот на Европа.

Но, и раководството на АфД го знае фактот дека членството во ЕУ е важно за граѓаните на Германија - во истражувањето на фондацијата Конрад Аденауер, 87 отсто од граѓаните на оваа земја би гласале за останување во Унијата дури и на референдум. 

„Економска камиказе мисија“

Затоа изјавите на лидерот на АфД се многу поблаги кога се работи за т.н Дегзит. Така Тино Хрупала во февруари изјави дека е „доцна“ Германија да излезе од ЕУ, а кандидатката за канцеларка на оваа партија, Алис Вајдел, годинава за „Фајненшл тајмс“ изјави дека тоа е само „план Б“ во нивната политика. 

Но и тоа е доволно за економските експерти повторно да потсетат дека излегувањето од ЕУ би било „економска камиказе мисија“, како што се наведува во соопштението за печат на Асоцијацијата на средни претпријатија (BVMW). Во мај годинава, Економскиот институт (IW) од Келн презентираше пресметка дека излегувањето на Германија од Европската унија ќе чини 690 милијарди евра во следните пет години, ќе предизвика пад на БДП за 5,6 отсто, а два и пол милиони вработени ќе останат без работа. Штетата би можела да се спореди со штетите од короната и енергетската криза, земени заедно, се вели во извештајот на Институтот.

Одговорот на Роланд Глезер, портпарол на партијата АфД во Берлин, гласи: „Да, Германија има корист од ЕУ, но веруваме дека таа би имала предности и со други договори. А кога економистите велат дека тоа би било економска катастрофа, можам само да прашам: дали се тоа истите експерти кои тврдеа дека Велика Британија ќе пропадне ако излезе од ЕУ? Добро се сеќавам на сите страшни сценарија за Брегзит, а сепак сè помина горе-долу без проблеми“. 

Брегзит (не) е исто што и Дегзит 

Навистина, институтот од Келн своевремено направи проценка за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, а шефот на институтот и еден од авторите на истражувањето, Хубертус Бард, истакнува дека Брегзит бил шаблон за ова ново истражување за тоа какви биле последиците во Велика Британија кои можат да се споредат со Германија. „Всушност, нашата проценка беше прилично воздржана. Германија лесно може да биде погодена многу посилно бидејќи ние сме многу потесно поврзани со Унијата отколку што некогаш биле Британците. Конечно, го имаме еврото, што би значело многу повеќе компликации отколку што некогаш имале Британците“.

Збогум за Велика Британија со песна и солзи

02:20

This browser does not support the video element.

Според него, сите граѓани „би биле посиромашни за најмалку 5,5 отсто веќе за пет години“, а заминувањето на Германија од ЕУ може да го нарече само „тешка економска криза“ за која е однапред предупредено. А некаква приказна за поинаква „заедница“ за овој економски експерт е само „продавање магла“, односно нереална и бесмислена приказна за нешто што никогаш нема да се случи.

Сепак, за политичарот на АфД, Глезер, ова се само проекции и пресметки: „Зошто компаниите и потрошувачите во Италија, Франција, Шведска или каде било би престанале да сакаат германски производи само затоа што не сме во ЕУ? Дури и Швајцарија не е во ЕУ, но сепак извезува во сите овие земји“.

За Глезер не се аргумент ниту анкетите кои покажуваат дека убедливо мнозинство германски граѓани сакаат да останат во Унијата: „Ние не водиме политика водени од анкети на јавното мислење. Сакаме да водиме политика за она што е неопходно и важно“. 

Хартијата трпи сè  

Политикологот од Универзитетот во Касел, Волфганг Шредер, потсетува дека антиевропското расположение е карактеристика на партијата АфД од нејзиното основање. Оттогаш, таа уште повеќе се лизна кон политичката десница и проблемот со имиграцијата, но недовербата во Европа остана. „АфД е првенствено националистичка партија. Таа се противи на глобализацијата, која секогаш е поврзана со недоверба кон меѓународните власти. За нив, сите меѓународни организации, Европската унија како и Обединетите нации, ги следат сопствените цели и ги промовираат своите вредности, така што тие се веќе опасност за 'вистинската волја' на обичниот народ“, резимира професорот по политички науки. 

Но, што е со идејата на АфД за основање некоја друга „заедница“? „Можеме да одговориме на тоа на два начина“, вели професорот Шредер: „Од една страна, можеме да кажеме дека и онака не се сериозни бидејќи знаат дека ја претставуваат позицијата на малцинството. Така го кажуваат сето ова само за да покажат слика на поинаков свет. И не ги чини ништо само да го кажат сето тоа“.

Од друга страна, и Шредер смета дека ова е евтин слоган со кој сметаат на некое друго идно сценарио: „Убедени се дека сѐ повеќе членки ќе развиваат недоверба кон Унијата и дека во иднина ќе има нов развој кој ќе веди кон Евроазија, со различни економски и политички перспективи“. 

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

00:54

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми