1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Германија повторно е „болниот човек” на Европа?

Хенрик Беме
1 август 2023

Германската економија тапка во место и нема изгледи за подобрување. Многуте кризи од изминатите години ги истакнаа слабостите на германскиот бизнис модел.

Пристаниште Хамбург Германија
Мрачни прогнози за германската економијаФотографија: Joern Pollex/Getty Images

Нешто пред новиот милениум, британскиот економски магазин „Економист” се огласи со страшна оцена за германската економија. 

Германија е „болниот човек на Европа”. Тоа тогаш се чинеше како аларм за будење на германската политика, која уште под импресиите од економски силните години по обединувањето, не направи никакви реформи. Тоа го надомести тогашниот канцелар Герхард Шредер на пример со реформата на пазарот на трудот позната како „Харц 4”.

Пресвртот кон подобро и официјално се забележа 14 години подоцна. Текстот за состојбата во германската економија група економисти од Берлин и Лондон го насловија „Од болниот човек на Европа до економска суперѕвезда”.

Мрачна ситуација, мрачни прогнози

Но, сега повторно во кулоарите се слуша зборот „болен човек на Европа”. Германската економија не може да се стабилизира. Два квартала едно по друго БДП се намалува, или во економски жаргон кажано има „техничка рецесија”. 

Минатиот квартал БДП стагнираше на нивото на претходното тромесечје, што е слаба утеха. Сите важни индикатори покажуваат надолен тренд, пред сѐ индексот за бизнис климата на институтот Ифо од Минхен, кој трет месец по ред бележи пад при што 9 илјади испитани менаџери дадоа полоша прогноза како за нивните компании, така и за проекциите за следното полугодие.

„Состојбата во германската економија се влошува”, гласи заклучокот на шефот на ИфО, Клеменс Фуест. 

Хемиска постројка на БАСФ во Лудвигсхафен - хемиската бранша очекува пад на прометот од 14 проценти за годинаваФотографија: Ronald Wittek/dpa/picture alliance

Дека БДП ќе забележи пад и во претстојниот трет квартал, смета и главниот економист на Комерцбанката, Јерг Кремер.

„Нема подобрување на повидок”, вели Кремер за Ројтерс. „Порастот на каматите си го направи своето, покрај тоа германските компании се несигурни поради ерозијата во квалитетот на Германија како бизнис локација”, вели Кремер. 

Колегата Александер Кригер од приватната банка Хаук Ауфхојзер Лампе вели дека „проблематично е што економијата е и натаму на нивото како пред короната”. Други земји и во Еврозоната се значително над тоа ниво, посочува тој. „Германија дефинитивно е кочницата на европската конјунктура”, оценува Јенс Оливер Никлаш од ЛББВ. 

Индустријата веќе не е за показ

Не само во Еврозоната, туку и во споредба со други развиени земји, Германија стои исклучително лошои според проценката на ММФ годинава ќе биде единствена од големите држави со пад во економскиот раст. 

Притоа најголема загриженост предизвикува токму визит картата на Германија, нејзината индустрија која со 24% има релативно голем удел во БДП и веќе подолго време страда заради глобално слабата конјуктура. 

Воздржаноста на странските клиенти ја чувствуваат пред сѐ браншите кои се многу зависни од извозот, како машинопроизводството и автомобилската индустрија.Важниот кинески пазар по пандемијата не се опорави со посакуваната динамика затоа што и Кинезите беа поштедливи. 

И автомобилската индустрија, една од најуспешните во Германија, слабееФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Компаниите од т.н. преработувачка индустрија уште се спасуваат благодарение на нарачките кои се насобраа по короната и поради проблемите во дистрибутивните ланци. Но, таквите налози наскоро ќе бидат одработени, а нови има помалку. Од март до мај годинава имало нешто повеќе од 6% помал број нарачки отколку во трите месеца пред тоа. 

Серија причини

Потопот на германската економија има многу причини, од кои една е политиката на централните банки. Со значителни зголемувања на каматите треба да се ограничи инфлацијата. Тоа ги поскапува кредитите за фирмите и потрошувачите. Тоа го кочи градежништвото кое исто така е важно за Германија, како ижелбата на компаниите за инвестирање.Но, таквиот упад во економската динамика е и целта на зголемувањето на каматите, а сепак други земји во Еврозоната како Франција и Шпанија, исто така мора да се справат со таквата појава и де факто подобро се сноѓаат.  

Германија пред сѐ ја кочат структурни проблеми. Не функционира своевремено успешниот бизнис модел (евтина - пред сѐ руска - енергија и увоз на исплатливи полуфабрикати на кои подоцна им се дава шлиф и кои се продаваат како скапи производи). Многуте кризи (коронавирус, проблеми со ланците на дистрибуција, војната на Русија во Украина и последиците од неа) безмислосно фрлија светло на слабостите на Германија како бизнис локација. 

Многу претприемачи од средниот слој се жалат на преголема бирократија и високи цени на енергијата Фотографија: dpa/picture alliance

Фирми кои се големи потрошувачи на електрична енергија, а такви има доста, страдаат поради големите трошоци за енергија. Оние кои производството го префрлија на друго место, веќе не се враќаат назад. 

Се бараат храбри решенија

Актуелна студија на ДЦ банката опасност гледа пред сѐ за средниот слој, општо познат како „рбетот на германската економија”. Авторите забележуваат микс од маани на Германија како бизнис локација: латентен недостиг на стручна сила, премногу бирократија, високи даноци и застарена инфраструктура, вклучително и заостанување во дигитализацијата.

Населението е сѐ постаро. „На големи делови од населението му недостига гаранцијата дека бројни инвеститори со оглед на големите трошоци и делумно дури контрадикторна регулатива, навистина ќе имаат интерес за Германија”, вели претседателот на германската Индустриска и трговска комора, Петер Адријан за ДПА. 

Можен излез од дилемата има Шуларик од ИФВ: „Ако Германија не сака да стане повторно ‘болниот Дојчин на Европа’, мора храбро да се сврти кон браншите од иднината, наместо во страв да ги конзервира енергетски интензивните индустрии од вчера”. 

Според Шуларик, сега треба брзо да се отстранат и дефицитите и пропуштените шанси од изминатата деценија и во тој контекст тој посочува на „бизарната ретроградност во сите дигитални сфери, падот на државните капацитети и на јавната инфраструктура и недостигот на паметна стратегија за подобрување на недостигот на становии зголемување на миграцијата за да се одговори на проблемот со стареењето на работоспособното население”. 

 

Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми