Дали германскиот пензиски систем е сè уште сигурен?
28 април 2026
Прашањето за пензијата, односно обезбедувањето приходи по завршување на работниот век, со години е едно од најчувствителните општествени теми во Германија. Овојпат, бурни реакции предизвика изјава на сојузниот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ).
На настан организиран од Сојузот на германски банки во Берлин, Мерц изјави дека законското пензиско осигурување во иднина ќе претставува само основна заштита за староста и дека нема да биде доволно за долгорочно одржување на животниот стандард.
Според него, неопходно е значително проширување на капитално поддржаните модели на пензиско осигурување, преку работодавачите и преку приватната штедна заштита. Мерц подвлече дека тоа мора да биде во многу поголем обем отколку досега, кога ваквите модели главно се базираа на доброволност.
Ова, практично, би значело поголемо потпирање на инвестиции во акции и други финансиски инструменти – стратегија која е контроверзна, поради нестабилноста и осцилациите на берзите. Денешната добивка лесно може да се претвори во утрешна загуба – и обратно.
Политички реакции и работа на пензиската комисија
Изјавите на канцеларот беа остро критикувани од министерката за труд и социјални прашања, Бeрбел Бас (СПД). Во телевизиска емисија, таа оцени дека јавноста можела да добие впечаток оти луѓето ќе мора целосно самостојно да се осигураат за староста.
Според Бас, многумина го разбрале Мерц како да им порачува дека „повеќе нема ни пристојна пензија“ од државниот систем.
Овој судир меѓу владејачките партии ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократите најверојатно е најава за уште посилни тензии, бидејќи до крајот на јуни пензиската комисија формирана од владата треба да ги објави своите препораки за идните реформи.
Стареењето на населението и притисокот врз системот
Сите концепти за одржлив пензиски систем тргнуваат од две клучни точки: демографските движења и растот на животниот век. Ниската стапка на наталитет во Германија, како и во многу други држави, има сериозни финансиски последици.
Сè помал број вработени плаќаат придонеси за државната пензија, додека бројот на пензионери постојано расте.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во студијата „Пензиите на прв поглед“, ги анализираше пензиските системи во 38 земји членки и утврди дека моделите и политичките стратегии значително се разликуваат и тешко може директно да се споредуваат.
Германија под просекот според висината на нето-пензиите
Кога се анализира висината на пензијата во однос на последниот нето-приход (по одбивка на даноци и придонеси), Германија достигнува околу 53 проценти, со што се наоѓа во средниот дел од табелата, но под просекот на ОЕЦД од 61 процент.
За споредба, Франција и Италија имаат значително повисоки стапки – меѓу 70 и речиси 80 проценти.
Од друга страна, во земји како Естонија, Литванија и Ирска, државното пензиско ниво е под 40 проценти. Највисоки стапки, над 90 проценти, се забележани во Холандија, Португалија и Турција.
Пензија со 67 години – реалност во САД и Јапонија
Според ОЕЦД, од клучно значење за финансирањето на пензиите е и возраста на која граѓаните навистина го напуштаат пазарот на трудот. Во Германија, просечната возраст за заминување во пензија моментално е нешто над 64 години – речиси три години порано од законски предвидените 67 години за генерациите родени по 1964 година.
Во повеќе земји, меѓу кои и САД и Јапонија – првата и четвртата најголема светска економија – пензионирањето со 67 години веќе е реалност . Според ОЕЦД, врзувањето на старосната граница за пензија со растечката животна возраст е логичен чекор за одржување на системот.
Придонесите и ризикот од старосна сиромаштија
Висината на пензиските придонеси значително варира. Во Франција тие изнесуваат околу 30 проценти од приходите, а во Италија дури 33 проценти. Германија, со стапка од 18,6 проценти, е далеку под овие нивоа, при што товарот се дели рамномерно меѓу вработениот и работодавачот.
Сè поголемо внимание добива и старосната сиромаштија, особено кај лица со ниски приходи во текот на работниот век и без можност за приватна заштеда. Во Данска, на пример, државата се обидува да го ублажи овој проблем преку даночно финансирана основна пензија.
Истокот на Германија – под посилен ризик
Специфичен германски случај е јазот меѓу Источна и Западна Германија. Лицата кои работеле во поранешната ГДР до 1990 година со децении добивале значително пониски пензии во однос на западниот дел на земјата.
Процесот на усогласување заврши дури во 2025 година – 35 години по обединувањето. Старосната сиромаштија затоа почесто ги погодува жителите на Истокот, дополнително и поради фактот што во социјалистичкиот систем немале можност за вложување во приватни пензиски фондови или акции.