Дали и хулиганството ќе биде премачкано со политички бои?
28 јули 2023Приведени 19 навивачи на фудбалскиот клуб „Левски“ од Бугарија, приведени двајца навивачи на „Шкупи“ и еден повреден бугарски државјанин кој е надвор од животна опасност - ова е билансот од синоќешнатадрама уште пред да започне фудбалскиот меч на националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Инцидентот со повредениот бугарски државјанин се случи во Чаир, а нарушувањето на јавниот ред и мир, нападот и агресивното однесување кон полицијата се одвиваше на влезот во стадионот, кај поттрибинскиот простор.
Како што соопшти македонското МВР од 19-те приведени бугарски навивачи, 8 биле приведени за насилство на спортски натпревар, две за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а 9 поради агресивно однесување кон нив. Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и две лица од навивачката група на ФК „Шкупи“, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка.
„Во врска со физичкиот напад врз четири бугарски државјани, кој се случил на улицата 'Цветан Димов', при што бил употребен и остар предмет од кој бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди, по преземени мерки утврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите, случајот се расчистува, по што ќе бидат поднесени пријави. Повредениот Д.А. бил пренесен во ГОБ 'Св.Наум Охридски' и е во стабилна состојба“, соопшти МВР.
Преведувал амбасадорот
Во Бугарија победата на „Левски“ со 2-0 против „Шкупи“ падна во сенка на едниот од двата инцидента. Од бугарското МНР изјавиле дека се информирани за повреден бугарски државјанин при напад во северниот дел на Скопје, каде му биле нанесени убодни рани со ладно оружје. Оттаму синоќа за БНР соопштија дека будно ја следат состојбата и дека бугарскиот амбасадор во РСМ веќе остварил разговор со надлежните органи, инсистирал на итно расветлување на случајот и обезбедување на безбедноста на бугарските навивачи. Бугарскиот конзул во Скопје го посетил повредениот бугарски државјанин во болница, каде според достапните информации немало ризик по неговиот живот.
Бугарската ТВ Нова, Чаир го опиша како кварт кој важел за најопсен дел од градот, населен доминантно со албанско население, обидувајќи се да добие одговор од очевидци дали инцидентот бил резултат на класично фудбалско хулиганство или од омраза.
Петар Бозов, кој се претстави како адвокат и еден од сопатниците на повредениот ИТ експерт Драгомир (Д.А.), за оваа телевизија изјави дека претходно сите бугарски автомобили биле детално проверени дали во нив има оружје. Бил формиран конвој, но не бил добро чуван па на автопатот се растурил, по што дел од возилата (меѓу кои и оние кои биле нападнати и оштетени во Чаир) побарале одговор од патролно полициско возило по кој пат треба да се движат. Насоката што им била потврдена (да свртат десно) ги навела да поминат токму низ Чаир. Таму со разни предмети биле нападнати од толпа мажи кои удирале по бугарските возила, по што и неговиот пријател бил повреден во стомакот. Бозов тврди дека претходно од нивна страна немало никаква провокација кон локалното население.
Тој смета дека инцидентотне е резултат само на хулиганство, а впечатокот за тоа го изградил од односот на полицијата, но и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Таму, заради повреда бил упатен на снимање, а службеничка „лесно потсмешливо“ му рекла дека штом е Бугарин треба да плати 300 евра. Млад полицаец го посоветувал дека тоа е премногу и оти е подобро да се снима во Бугарија.
„Оттука натаму настаните стануваат исклучително негативни. Сакавме да испратиме снимки од оштетените автомобили. Македонската полиција ни рече - не, нема да снимате и нема да праќате ништо во бугарските медиуми. Кога ни рекоа дека ќе имаме распит во полицијата, јас побарав да ни биде обезбеден преведувач. Македонците рекоа - преведувач нема да има, ќе се разбереме. Во крајна сметка преведувач имаше - тоа беше бугарскиот амбасадор кој дојде, преведуваше и благодарение на тоа имаме запишани правилни сведоштва“, вели Бозов.
Вештачење на трагите
Од друга страна, очевидци на инцидентите во Чаир тврдат дека од отворени прозорци на бугарски возила имало и вербални и гестикулациски провокации, кои придонеле да зоврие атмосферата. Слично било и во поттрибинскиот простор на стадионот каде навивачи на „Левски“ крајно агресивно се однесувале кон полицијата, што може да се види и од снимките објавени во јавноста.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека ги издава сите потребни наредби и насоки за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот во кој вчера беше повреден еден навивач на „Левски“.
„Според првичните сознанија, до настанот дошло додека навивачи на ФК „Левски“ со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка“, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани. Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него била констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба“, соопшти Обвинителството.
Со цел да се утврди идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и за целосно расчистување на настанот, од Обвинителството велат дека биле подигнати траги од местото на инцидентот кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, биле обезбедени и видео записи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град“. Што се однесува до останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК Левски, Обвинителството било известено дека тие се процесуирани прекршoчно.
Инцидентот се случува во време на затегнати македонско-бугарски односии штотуку започната процедура за уставни измени со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав. Но, и на денот кога шефот на македонската дипломатија, чаирчанецот Бујар Османи, со неговата бугарска колешка Марија Габриел вчера учествуваа на состанок во Бриндизи, каде се говорело за значењето на Коридорорт 8 како оска помеѓу Јадранското и Црното Море, кој ќе има стратешко значење во врска со процесот на стабилизација на балканскиот регион.
Александар Маринов, претседател на Стратешкиот совет при бугарскиот претседател, инцидентот во Скопје го искоментиракако рефлексија на политиката.
„Јасно е дека запаленковците носат знамиња. Тоа е нормално. Корените на напнатоста се многу подлабоки. За жал, од политички нивоа тие се префрлени во секојдневниот живот“, оцени Маринов во тв-настап.