Дали Иранската револуционерна гарда ќе доживее колапс?
18 март 2026
Две и пол недели по почетокот на заедничката американско-израелска воена операција, ситуацијата на Блискиот Исток се развива поинаку од очекуваното. На почетокот се поаѓаше од претпоставката дека убиството на иранскиот врховен лидер Али Хаменеи во раните часови од војната, како и елиминацијата на други политички и воени лидери, брзо ќе го разниша центарот на моќ на Исламската Република. „Но, со почетокот на третата воена недела, се покажа дека таквата проценка не ја одразува реалноста. Структурата на моќ во Иран го надмина првичниот шок“, вели аналитичарот на Блискиот Исток, Хабиб Хосеини-Фард.
Револуционерната гарда продолжува со нападите
Наместо тоа, Иранската револуционерна гарда ја продолжува борбата на повеќе фронтови истовремено - против САД и Израел, но и со напади врз цели во соседните арапски држави. Тие притоа се потпираат на децентрализирана и добро вмрежена командна структура. Се чини дека таа функционира дури и откако Израел во вторникот (17 март 2026 година) објави дека е убиен Али Лариџани, шеф на Врховниот совет за национална безбедност на Иран. Советот е задолжен за координација во однос на прашања од одбраната и надворешната политика. Израел наведе и дека лидерот на милицијата Басиџ, Голамреза Солејмани, бил убиен во друг напад во понеделникот.
Револуционерната гарда, позната и како „Армија на чуварите на исламската револуција“ (ИРГЦ) беше основана по 1979 година бидејќи новите владетели не ѝ верувале на војската на Шахот. Нејзината мисија е да спречи државен удар и да ја заштитува државната идеологија.
Заедно со редовната армија, Револуционерната гарда денес е дел од вооружените сили на Иран. Таа е под врховна команда на верскиот и политички лидер на Исламската Република, моментално Муџтаба Хаменеи. Според проценките, гардата брои околу 200 илјади членови.
Според податоци од Централната команда на САД од понеделникот, 16 март 2026 година, Иран во изминатите две недели извршил повеќе од 300 напади со ракети и беспилотни летала врз Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Израел. Саудиското Министерство за одбрана на 16 март објави дека пресретнало повеќе од 60 дронови во својот воздушен простор од полноќ. Тоа ги отсликува размерите на оваа конфронтација.
Едно загинато и едно повредено лице беа пријавени во Абу Даби како последица на пад од остатоци од ирански ракети. Овие напади уследија откако иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, тврдеше дека ракети биле испукани од ОАЕ кон островот Харг - што предизвика остри реакции.
Флексибилни командни структури како рецепт за успех
Со оглед на тоа, Арагчи отфрла преговори. Сѐ додека траат нападите, нема да има прекин на огнот, изјави тој. Тој очигледно може да се потпре на сè уште моќен воен апарат, со Револуционерната гарда (ИРГЦ) како клучен играч, кој флексибилно реагира на ситуација која постојано се менува.
„Во текот на изминатите две децении, ИРГЦ се трансформираше од хиерархиска институција во мрежна структура. Покраинските командни структури поседуваат далекусежни овластувања и може да оперираат независно од централата“, наведува експертот за Блискиот Исток, Хабиб Хосеини-Фард, додавајќи дека „стратешката длабочина на земјата и подземните ракетни силоси го прават тоталното уништување на нејзините воени капацитети невозможно во краток рок - реалност што го оправдува продолжувањето на нападите и покрај тврдењето на САД дека има максимално уништување“.
Израелската армија јавува за повторно лансирање ракети кон Израел - и покрај масовните напади врз ирански цели. Во станбени области на Тел Авив повторно се забележани напади со касетна муниција.
Револуционерната гарда длабоко испреплетена со режимот
Реза Талеби, политички аналитичар, укажува на внатрешната структура на системот и предупредува од едноставни претпоставки за можен колапс на власта во Иран. „Идејата дека состојба во која државниот апарат е заслабнат, или има 'пропадната држава', автоматски ќе води до капитулација на воените сили, не одговара на структурната реалност во Иран. Идеолошки калените лица во рамки на воениот и безбедносен апарат се тесно поврзани со егзистенцијата на системот“, вели Талеби.
Тој нагласува дека Револуционерната гарда не е само воена организација, туку „таа истовремено контролира економски и идеолошки структури на моќ, кои се протегаат далеку од границите на Иран“. Како пример ги посочува бригадите Ал Кудс, специјалната единица на Револуционерната гарда за странски операции, кои околу себе ги концентрираат терористичките групи на Блискиот Исток што поддржуваат цели на Иран, како што е уништувањето на Израел.
Организацијата поседува и градежен конгломерат под името Хатам ал-Анбија, кој доминира при стратешки инфраструктурни проекти и инвестиции од повеќе милијарди долари. Компанијата беше основана кон крајот на 1980-тите за обнова на земјата по војната против Ирак. „Органската меѓусебна поврзаност значително отежнува брз или доброволен трансфер на моќ“, вели Реза Талеби. „Ако само надворешниот слој на системот е заслабнат, тоа не води нужно до колапс, туку може да ги влоши тензиите и да ги интензивира внатрешните конфликти во рамки на апаратот за моќ“, вели Талеби. Доколку системот се распадне, поверојатна е дезинтеграција по примерот на Сирија или Авганистан, отколку уреден трансфер на моќта.
Целосен колапс е малку веројатен
Оттаму, според Телеби, се чини дека целосно распаднат безбедносен апарат не мора да е нужно целта на САД и Израел. Од перспектива на Израел, ослабен, но функционален безбедносен систем во Техеран би можел да биде попредвидлив отколку целосен вакуум во власта.
Според Хосеини-Фард, Западот засега има две цели - имено, воено слабеење на преостанатите капацитети на Иран и отворање на Ормускиот Теснец од една страна, како и конкретни напади врз безбедносните институции за олеснување на внатрешните протести.
Сепак, нема индиции за прекин на огнот во скоро време и распад на Револуционерната гарда, смета Хосеини-Фард. Тој истакнува дека по почетниот шок, Иран намерно создаде несигурност во Ормускиот Теснец, со што го зголеми притисокот врз глобалната економија. А, со нападите врз инфраструктурата и воените бази во регионот на Заливот, регионалната димензија на конфликтот расте. „Најверојатното сценарио е продолжување на војната - или во ист обем како досега, или во проширена форма“, вели Хосеини-Фард.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик