1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ќе се бара престанок на Договорот со Бугарија

5 септември 2022

На Извршниот Комитет ќе се дискутира околу размислувањата на референдум да се побара престанок на важноста на Договорот со кој се поставија фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ за денеска доцна попладне закажа седница на Извршниот Комитет, на која ќе се носи одлука во однос на најавениот предлог за  референдумско изјаснување,  дознава ДВ од извори во партијата. Како што објаснуваат, одлуката ќе се однесува на пакетот услови кои станаа дел од преговарачката рамка, а ги отсликуваат бугарските максималистички барања.  Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски,  кој летово почна широки и темелни консултации за ова прашање најави дека тие ќе завршат до крајот на август, а сега од паријата потврдуваат дека тој процес е завршен.

„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски отвори процес на широки консултации при што беа консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, а имаше и широки консултации со академската јавност и коалициските партии за што доби и поддршка за самата иницијатива. Она што за ВМРО-ДПМНЕ е пречка, е членот 5 од преговарачка рамка што се потпира на протоколот, кој пак ги содржи сите спорни делови од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Македонија, кој го склучија Заев и Борисов“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Договорот меѓу Скопје и Софија е потпишан на 1-ви август 2017 година, а влезе во сила во јануари 2018 година со Законот за негова ратификација.

„Изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој Договор кој поставува фундамент на бугарските позиции, од кој подоцна произлегува и преговарачката рамка и членот 5. ВМРО-ДПМНЕ не ги спори и ги поддржува  аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ,  но она што е неприфатливо се бугарските барања за промена на историјата, идентитетот, јазикот и културата. Токму затоа, размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен Комитет, се на референдум да се побара престанок на важноста на овој Договор со кој се поставија фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија“, потенцираат од партијата.

Први потписници - од раководството

Според партиските извори, до таков рефререндум би се дошло преку собирање на граѓански потписи, а на иницијативата најпрво ќе се потпише раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„По собирањето на квалификуваните најмалку 100 потписи, ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон собирање на 150 илјади потписи од граѓани, при што апелира власта да не го опструира овој процес. Како гаранција дека уставните измени нема да се случат, остануваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата“, порачуваат од најголемата опозициска партија.

Како што е познато, на 16-ти јули годинава, пратениците на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  потпишаа нотарски изјави  во кои под полна морална, материјална и кривична одговорност изјавија дека „нема да гласаат за  промена на македонскиот Устав  со цел внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во било која одредба од истиот, ниту ќе поддржат било каква иницијатива, предлог или заклучок кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава“.

Се очекува седницата на Извршниот комитет да започне во 18 часот, а околу 20 часот јавноста да биде информирана за исходот од неа.

Вечерва токму од Софија треба да се врати премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска е таму во работната посета заедно со делегација од ресорите економија и енергетика, на разговори за справување со последиците на светската енергетска криза.

„Сериозно се подготвуваме за посетата на премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на Бугарија“, рече вчера бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за БНР.

Според Милков, односите меѓу Скопје и Софија имаат многу димензии, тие се повеќеслојни и не можат да се мерат само со прашањата за снабдување со електрична енергија, со што навести дека ќе бидат отворени и други прашања.

Џафери ќе ја почитува процедурата

Во однос на  уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата  како услов за продолжување на преговорите со ЕУ,  претседателот на Собранието Талат Џафери  во интервју за РСЕ вчера посочи дека тоа е обврска на државата, а не на владејачкото мнозинство. А околу евентуален предлог на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за прашањето за уставни измени и можноста иницијативата да влезе во собраниска процедура, генерално изјави дека ќе ги почитува процедурите.

„Тоа е хипотетичко поставено прашање. Во секој случај има Деловник, има деловничка процедура, така што и јас како претседател на Собранието и пратениците и кој било не може да ја одбегне процедурата, затоа што е предусловена, освен ако не се однесувам онака како што се однесуваат претседателите на комисиите по односни точки, кои не ги свикуваат седниците. Но во секој случај, јас ќе ги исполнувам сите обврски кои произлегуваат од Деловникот за работа на Собранието и од надлежноста и обврските на претседателот на Собранието - да ја испочитува процедурата. Јас немам причина да не ја почитувам процедурата“, изјави Џафери.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми