Дали Куба е на работ на колапс?
11 февруари 2026
Иако САД воведоа нафтено ембарго, а Куба се соочува со долготрјани исклучувања на електрична енергија, секојдневниот живот во Хавана сѐ уште изгледа нормално. Но, ова „нормално“ би можело многу брзо да исчезне.
По неколку дена необично силен продор на поларен студ од север, делови од Куба првпат во историјата забележаа температури блиски до нулата. Но, тмурната атмосфера не ја предизвикува само студената воздушна маса – туку и новите геополитички турбуленции.
Нафтата од Венецуела запрена по американскиот напад и киднапирањето на Мадуро
По нападот на САД врз Венецуела, најблискиот сојузник на Куба, и киднапирањето на претседателот Николас Мадуро, Каракас ги прекина сите испораки нафта за островот. На самиот крај од јануари, американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи Куба за „посебна закана за националната безбедност“ и им се закани со царини на сите држави што ќе продолжат да ја снабдуваат со нафта или деривати.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел првично ги нарече овие мерки „фашистички, криминални и геноцидни“, но подоцна порача дека Куба е подготвена за разговори со САД – „без предуслови“. Сепак, тој нагласува дека земјата „не е пред колапс“ и најавува нов енергетски план.
Жителите, пак, се многу помалку оптимистични.
„Трамп е луд – сака да ни го одземе и воздухот. А, другиот е уште пофанатичен кога станува збор за Куба“, вели Алеида, сопственичка на приватен сместувачки објект во Хавана, алудирајќи и на американскиот државен секретар од кубанско потекло Марко Рубио, еден од најгласните поддржувачи на „максимален притисок“ врз Куба и Венецуела.
Недостиг на гориво, часови без струја и „кризна нормалност“
Таксистот Рамон вели дека кризата ги погодува најмногу обичните луѓе. Туризмот, неговиот главен извор на приход, дополнително опаднал. Бензин може да се купи само за девизи, по часови чекање на т.н. доларски бензински пумпи. Исклучувањата на струја од 10 до 15 часа дневно се веќе дел од секојдневието, дури и во главниот град. Куба во моментов произведува само околу 40 проценти од потребната електрична енергија.
Берт Хофман, водечки истражувач на Институтот за латиноамерикански студии ГИГА, кој моментално престојува во Хавана, вели дека земјата живее во „кризна нормалност“:
„Улиците сѐ уште се полни, сообраќај има, но сè постепено се влошува. Проблемот е што земјата нема никаква перспектива да добие нова нафта“.
Прекин на сите испораки – клучната пресвртница
Според Хофман, од 3 јануари ситуацијата драматично се променила – Венецуела, најважниот добавувач нафта, целосно испаднала од сликата. Мексико, вториот најголем снабдувач, ги стопирал планираните јануарски испораки. Од 9 декември ниту еден танкер со нафта не пристигнал на Куба.
Куба купила танкер со нафта, но бродот од Того, кој требало да пристигне на 4 февруари, на отворено море го сменил курсот кон Доминиканската Република – најверојатно под притисок од САД.
„Тоа значи дека дури и кога Куба ќе купи нафта – таа не стигнува до островот“, вели Хофман. Истото важи и за потенцијални испораки од Алжир, Ангола, Кина или Виетнам.
Експертите проценуваат дека Куба моментално има потреба од околу 100.000 барели сирова нафта дневно. Четвртина до третина од тие количини доаѓале од Венецуела, а Мексико во 2025 година испорачувал околу 6.000–12.000 барели дневно.
Има гласини меѓу населението дека „во февруари можеби нема да има нафта воопшто“.
Опасност од тотален енергетски крах
И покрај големите инвестиции во соларни паркови со поддршка на Кина, тие покриваат само мал дел од потребите. Земјата и понатаму зависи од застарени, често нефункционални термоелектрани од советска ера. Домашната тешка нафта, која покрива околу 40% од потребите, може да се користи само за електрани, но не и за производство на бензин.
Фајненшл Тајмс кон крајот на јануари процени дека залихите би можеле да траат само 15–20 дена.
Последиците би биле драматични: без бензин, туристите нема да стигнуваат до аеродромите, храната нема да може да се транспортира од селата до градовите, може да настапи глад, а болниците може да останат без медицински кислород.
Хофман наведува пример за германска компанија која произведува киселород за болниците: „Ако камионот нема бензин – болницата останува без кислород и луѓето умираат.“
Мексико и Русија – последните можни партнери
Мексико најави хуманитарна помош и дипломатски бара начини да испорача нафта, но е економски зависен од САД, а новите преговори за северноамериканскиот трговски договор го ограничуваат маневарскиот простор.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум нуди посредување меѓу Вашингтон и Хавана, но САД – преку државниот секретар Рубио – отворено целат кон промена на режимот.
Од друга страна, Русија праќа јасен сигнал. Руското МНР преку амбасадорот Виктор Коронели изјави дека Москва ќе продолжи да испорачува нафта за Куба: „Практиката ќе продолжи“, рече тој за РИА Новости.
Заменикот министер за надворешни работи Карлос Фернандес де Косиo призна дека земјата има „многу ограничени опции“ и најави итен план, кој ќе биде „тежок за владата и многу тежок за населението“.
Хавана демантира дека се водат преговори со САД, но потврдува дека постојат одредени контакти. Куба останува подготвена за дијалог – но „на рамноправна основа“.