Царините на Трамп ќе предизвикаат глобална трговска војна?
4 април 2025
Како и што се очекуваше, американскиот претседател Доналд Трамп на 2 април најави нови царини кои ќе ги погодат подеднакво и најблиските сојузници на земјата како Јужна Африка, и противниците како Кина.
На церемонија во градината на розите во Белата куќа, Трамп рече дека овој ден „засекогаш ќе биде запаметен како денот кога американската индустрија се прероди“.
Тој додаде дека давачките ќе донесат трилиони долари „за да се намалат даноците и да се отплати нашиот национален долг“.
Што предложи Трамп?
Со новите мерки се додаваат 10% за речиси сите увезени стоки од сите трговски партнери. Дополнително, ќе се воведат реципрочни царини за увоз од десетици земји.
За увозот од Европската Унија ќе се воспостави нова царинска стапка во висина од 20%. За други земји на листата, стапката варира со 34% за Кина, 24% за Јапонија, 46% за Виетнам, 26% за Јужна Кореја и Тајван со 32%. Стоки од Швајцарија ќе бидат погодени со дополнителна царина од 32%, од Израел со 17% и од Индија со 27%. Русија и Украина не се на реципрочната тарифна листа.
Одредени медицински помагала, полуспроводници, фармацевтски производи и злато, засега се ослободени од реципрочните царински давачки.
Основната царинска стапка од 10% стапува на сила на 5 април, заради што нема многу време за преговори. Повисоките царински стапки во одредени земји треба да стапат на сила на 9 април. Мерките се надоврзуваат на постоечките американски царини за Кина и давачките за челик, алуминиум и автомобили.
Како реагираат Американците на веста?
Имаше брза реакција од индустриски групи и економисти. „Многу производители во САД веќе работат со многу мали маржи“, вели Џеј Тимонс, претседател на Националната асоцијација на производители. „Високите трошоци за новите царини ги загрозуваат инвестициите, работните места, синџирите на снабдување и, за возврат, способноста на Америка да ги надмине другите нации како истакната производствена суперсила“, додава тој. Гери Шапиро, шеф на Здружението за потрошувачки технологии исто така вознемирено објаснува дека „глобалните и реципрочни царини на претседателот Доналд Трамп се огромни зголемувања на даноците за Американците и ќе ја поттикнат инфлацијата, ќе ги уништат работните места и може да предизвикаат рецесија на американската економија“. Шапиро додава дека „царините ќе ги зголемат потрошувачките цени и ќе ги принудат нашите трговски партнери да се одмаздат.“
Поранешниот министер за финансии на САД, Лоренс Самерс, вели дека зголемувањето на царините од владата на Трамп ќе ја шокира економијата и ќе поттикне зголемување на цените и на невработеноста. „Ова е нешто што го дискутираме на начин на кој вообичаено би разговарале за скок на цената на нафтата или земјотрес или суша, како шок во снабдувањето“, вели Самерс за емисијата „Неделата на Волстрит“ на Блумберг телевизијата. „Главно се поставува прашањето колкава ќе биде штетата“, вели Самерс.
Со вакви пријатели, кому му се потребни царини?
Најновите царини доаѓаат во време кога претседателот раскинува децениски правила на глобалната трговија и повикува на анексија на Канада, Гренланд и преземање на Панамскиот канал. Новите царини ќе доведат до неизвесност, прекини во синџирот на снабдување, поголема бирократија и повисоки сметки за намирници, смета претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен која се фрустрира оти „се чини дека нема ред во наредот“. „Веќе го финализираме првиот пакет контрамерки како одговор на царините за челик и се подготвуваме за дополнителни контрамерки за заштита на нашите интереси и нашите бизниси, доколку преговорите не успеат“, пишува претседателката на ЕК.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони се изјасни малку попомирливо на Фејсбук. „Ќе направиме сè што можеме за постигнување договор со САД, со цел да се избегне трговска војна која неизбежно би го ослабнала Западот во корист на другите светски играчи“, пиша таа во нејзината објава.
Како инвеститорите реагираат на царините?
„Генерално, висината на царините го зголемува чувството на притисок за радикално преуредување на политиката на новата американска влада“, пишува Џим Рид, истражувачки стратег во Дојче банк, во белешка до инвеститорите. Но, тие „не влеваат многу доверба во постоењето на длабински стратешки план за имплементација“, посочува тој.
Новите просечни царини за американскиот увоз се на „најгорната стапка од најлошите очекувања“ и би можеле за 1-1,5% да го намалат американскиот раст годинава, проценува Рид. За Кина, 34% се плус на веќе постоечките царински стапки, што значи дека кинеските стоки ќе бидат предмет на царини во висина од 54%.
Новите реципрочни тарифи се покажаа повисоки од очекуваното, се согласува и Нил Ширинг, главен економист на групата во консултантската компанија Капитал Економикс.
Канада и Мексико поминаа полесно со царини од 25 отсто, но само за стоки кои не се опфатени со Договорот САД-Мексико-Канада. „Меѓу останатите победници се и Австралија, Бразил и Велика Британија, за кои е предвиден минимумот од 10 отсто царини“, пишува Ширинг. „Општо погледнато, особено тешко погодени се Кина и други земји во Азија“, заклучува тој.
Според првични пресметки на Капитал Економикс, доколку опстојат царините, тие би можеле да го намалат БДП во Кина за околу 0,5% во однос на времето пред воведувањето на поголемите царини. За еврозоната и Јапонија, тоа може да значи удар од околу 0,2 отсто од БДП.
Поглед напред кон непознатото
Во моментов невозможно е да се проценат сите ефекти што царините ќе ги имаат врз САД и нивните трговски партнери. Но, повеќето набљудувачи сметаат дека економскиот раст ќе забави и нема да има вистински победници.
За бизнисите со глобални синџири на снабдување или клиенти ширум светот, веројатно ќе има голема неизвесност. Ќе бидат потребни години за да се квантифицираат некои несакани последици од овие економски политики.
Непосредно од мерките ќе страдаат американските потрошувачи бидејќи компаниите ги зголемуваат цените на увезената стока. Посиромашните Американци кои трошат поголем дел од својот приход на основни производи ќе бидат најтешко погодени од зголемувањето на цените. Повисоките цени може да ја поттикнат инфлацијата.
Земјите погодени од новите американски царини веројатно ќе возвратат со контрамерки, што би можело да доведе до уште повеќе американски царини. Во зависност од тоа колку болка се подготвени да претрпат овие земји, одмаздата брзо би можела да ескалира во поширока трговска војна.