1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Треба ли НАТО да соборува руски дронови над западна Украина?

Александра фон Намен
13 септември 2024

Руски дронови и ракети насочени кон Украина продолжуваат да го нарушуваат воздушниот простор на НАТО, загрозувајќи ги граѓаните во источните региони на Алијансата. Експертите предлагаат можни одговори од страна на НАТО.

Според латвиското Министерство за одбрана, на викендот во источниот дел на земјата се урнал руски дрон од иранско производство Шахед
Според латвиското Министерство за одбрана, на викендот во источниот дел на земјата се урнал руски дрон од иранско производство ШахедФотографија: Middle East Images/picture alliance

Во раните утрински часови во неделата, 8 септември, два романски борбени авиони Ф-16 полетаа од воздухопловната база во Борчеа, град во близина на украинската граница. Жителите на регионот беа предупредени преку текстуални пораки.

Итната мерка беше активирана откако романскиот радарски систем забележа руско беспилотно летало кое навлегува во воздушниот простор на Романија. Дронот, наводно, лебдел таму повеќе од 30 минути и на крајот се упатил назад кон Украина.

Ова не е прв ваков инцидент во Романија или, односно на територијата на НАТО. Само еден ден претходно, руско беспилотно летало падна во близина на латвискиот град Резекне, најверојатно таму залутало од соседна Белорусија.

Бројот на вакви инциденти се зголемува во последните четири недели, при што Русија се чини подготвена да презема повеќе ризици. „Се влошува работата, а НАТО сега навистина треба да излезе со некаков одговор“, изјави за ДВ Џејми Ше, поранешен помошник генерален секретар за нови безбедносни предизвици во НАТО.

Ше, кој сега е висок соработник во „Пријатели на Европа“, тинк-тенк од Брисел, тврди дека Алијансата треба „да им обезбеди на своите земји-членки поголема заштита“. Алијансата од почетокот на руската војна во Украина вети дека ќе ја заштити секоја педа од територијата на НАТО.

Дали Русија го тестира НАТО?

Организацијата ги осуди неодамнешните нарушувања на воздушниот простор од страна на Русија, нарекувајќи ги „неодговорни и потенцијално опасни“.

Меѓутоа, во објава на социјалната платформа Х, заменик генералниот секретар на НАТО во заминување, Мирчеа Џоана, истакна дека Алијансата нема никакви информации „кои би укажувалена намерен напад од Русија против сојузниците“.

Експерти како Јан Калберг, висок соработник во Центарот за анализа на европската политика со седиште во Вашингтон, се сомневаат дека Русија можеби ја испитува реакцијата на НАТО и пробува да најде несогласувања „помеѓу она што го кажуваме и она што го правиме“. Русија, исто така, можеби се обидува да ја тестира способноста на сојузниците во НАТО да комуницираат, изјави тој за ДВ.

Ова прашање беше меѓу темите за кои се разговараше за време на состанокот зад затворени врати на Алијансата во Брисел неделава. Се чини дека се зголемува притисокот за НАТО да ги надмине мерките што се веќе спроведуваат, вклучително и засилување на надзорот и воздушни патроли и распоредување на повеќе системи за против-воздушна одбрана во источните региони на Алијансата.

Дали НАТО треба едноставно да ги собори руските дронови?

Во неодамнешното интервју за Фајненшл Тајмс, полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски рече дека Полска, како и другите земји кои граничат со Украина, имаат „должност“ да ги соборат руските ракети пред да навлезат во нивниот воздушен простор.

Во ноември 2022 година, двајца фармери загинаа кога проектил – тогаш стануваше збор заукраински проектил за против-воздушна одбрана - предизвика експлозија во близина на  селото Пржеводов, на околу 8 километри западно од украинската граница.

Експертите за ДВ велат дека Русија можеби ги тестира реакцијата и комуникациите на НАТО при нарушување на воздушниот простор на АлијансатаФотографија: Janine Schmitz/AA/photothek.de/picture alliance

Како суверена нација, Полска секако би можела да направи се што смета дека е неопходно за нејзината самоодбрана, но полската влада веројатно нема дапреземе нешто без колективна одлука од страна на Алијансата. До сега НАТО се спротивставува на таквиот предлог, наведувајќи дека така постои ризик Алијансата да стане дел од конфликтот.

„Менталниот склоп во врска со ескалацијата“ ја ограничува способноста на земјите од НАТО да си помогнат самите себеси и да и помогнат на Украина, смета Кристине Берзина, експерт за безбедносна политика во германскиот Маршалов фонд, американски тинк-тенк. Таа истакна за ДВ дека и покрај тоа што Русија прогласува „црвени линии насекаде“, ниту унапредената поддршка на Западот за Украина, ниту неодамнешниот упад на Украина на руска територија во регионот Курск, не предизвикаа „ никаков вид на катаклизмични резултати на кој било начин“.

Може ли да помогне тампон зона преку границата со Украина?

Проширувањето на воздушната одбрана на Полска или Романија над западна Украина ќе и помогне на Полска не само да ги заштити сопствените граѓани, туку и украински градови како Лавов, посочува Берзина. Тоа би бил важен и добредојден ефект за Украина бидејќи се приближува зимата, сезона позната во која има брз пораст на руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина.

Шеј, поранешниот функционер на НАТО, исто така очекува зголемување на бројот на инциденти во воздушниот простор на НАТО бидејќи Русија напаѓа повеќе цели во западна Украина. 

„Вистинското прашање е: дали мора да умре и некој друг покрај двајцата Полјаци, и колку треба да се влоши ситуацијата пред да се адресира тоа прашање?“, прашува Ше.

Но, тој исто така нагласува дека ако НАТО одлучи да ги користи своите системи за против-воздушна одбрана над границата со Украина во рамки на еден ограничен простор, „треба просторот да биде и доволно ограничен“ за да не се остави впечаток дека „ова е воведување на Западот во војната“.

Полициски контролен пункт пред полското село Пржеводов, каде две лица загинаа кога проектил предизвика експлозија во ноември 2022 годинаФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Сепак, „мора да биде оперативно ефикасен“ не само за пресретнување на беспилотни летала, туку и за пресретнување на балистички ракети пред да преминат на територијата на НАТО. Според Ше, зона од 100 километри во украинската територија е веројатно „минимумот за да има соодветно време за извидување, надзор и пресретнување“.

Внатрешната политика кочница за сојузниците од НАТО

На крајот, се работи за политичка одлука. Експертите со кои разговараше ДВ се согласни дека доколку НАТО сака тампон зона на границата со Украина, има ресурси за да ја воспостави.

Но, дали може да се очекува тоа да се случи?

Со претстојните претседателски избори во САД и тешката внатрешно-политичка ситуација  во Франција и Германија, се чини дека тамошните влади немаат многу желба за донесување одлуки што може да бидат критикувани дека ги доведуваат нивните земји на работ на војна со Русија.

„Се додека Русите не не напаѓаат намерно, ние ќе замижуваме“, вели поранешниот функционер на НАТО, Џејми Ше. Но, ако се случи сериозен инцидент, на пример руски дрон да падне врз супермаркет во земја на НАТО, ќе имаме сосема поинаква приказна, додава Ше.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми