Дали навистина порано сè беше поевтино?
31 јануари 2025
Податоците јасно покажуваат дека денес луѓето можат да добијат многу повеќе стоки и услуги за своите пари отколку во минатото, пишува германскиот јавен сервис АРД и го илустрира ова со следниот пример: Во 1960 година, за купување црно-бел телевизор биле потребни повеќе од 339 часа работа. Денес, во Германија, просечно може да се купи паметен телевизор со висока резолуција по само 24 часа работа. Истото важи и за многу други технички уреди, домаќински апарати, облека и храна, додава изданието.
Технолошкиот напредок ги прави производите поевтини
„Ако се вратиме далеку во минатото, ќе забележиме колку многу е зголемена куповната моќ на луѓето. Во споредба со 1960 година, таа се утроила. За таканаречената потрошувачка кошничка од стоки и услуги, за која луѓето тогаш работеле еден час, денес се доволни само 19 минути“, вели за АРД експертот од Институтот за германска економија во Келн, Кристоф Шредер.
Овој позитивен развој на куповната моќ главно се должи на технолошкиот напредок и на повисоките плати, при што најголемо зголемување на куповната моќ има во секторите каде што технолошкиот напредок е особено силен. „Платите се зголемија затоа што станавме попродуктивни. Многу работи денес се произведуваат во поголеми количини, многу побрзо и со помалку труд отколку порано“, објаснува Шредер.
Каде куповната моќ се намалува
Има малку примери за долгорочно намалување на куповната моќ. Еден од нив е рибата. „Рибата всушност стана поскапа, што се должи на прекумерниот риболов. Едноставно има сè помалку риба во морето и океаните. Затоа за риба денес работиме малку подолго отколку во 1960 година“, вели експертот за АРД.
Куповната моќ генерално се намалила и за некои услуги, на пример за фризерските услуги. Тоа се должи на фактот што продуктивноста во овој сектор речиси не се зголемила, додека платите и приходите се зголемиле.
Што може да се заклучи?
Впечатокот на некои луѓе дека порано сè било подобро и поевтино е важечки само за мал број исклучоци. Генерално, денес можеме да си дозволиме поквалитетни и поевтини работи отколку во 1960-тите години, се вели во публикацијата.
Меѓутоа, постојат периоди кога куповната моќ не се зголемувала. „Меѓу 2020 и 2022 година, инфлацијата целосно го изеде растот на платите“, потсетува АРД. Сепак, во 2024 година, растот на приходите во Германија го надмина растот на цените – цените се зголемија просечно за 2,2%, додека платите номинално се зголемија за 5,3%.
Експертите предвидуваат зголемување на платите
И без ослободените од даноци бонуси за компензација на инфлацијата, кои се исплатија во 2024 година, платите веројатно повторно ќе се зголемат оваа година, предвидува Клеменс Фуст, претседател на институтот ifo.
Зголемената куповна моќ ќе го поттикне потрошувачкото расположение, што пак може да придонесе за позитивен развој во други сектори, како градежништвото и трговијата на мало, објаснува АРД.
Што ќе се случи со инфлацијата?
Клучно прашање останува како ќе се развива инфлацијата. Според прогнозите на Европската комисија, во 2025 година инфлацијата во Германија се очекува да биде околу 2,1%. Сепак, непредвидени настани, како зголемени давачки или социјални придонеси, може да ја нарушат оваа прогноза.
Ако инфлацијата остане умерена, куповната моќ на луѓето ќе продолжи да расте, заклучуваат експертите.