1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Дали Палестина се смета за држава?

Клер Рот
16 ноември 2023

Палестинската државност со децении е спорна меѓу научниците, дипломатите и поединечни нации. Еве што треба да знаете за прашањето за палестинската државност.

Иако Палестина официјално не се смета за држава, палестинските власти го веат ова официјално знаме со децении
Иако Палестина официјално не се смета за држава, палестинските власти го веат ова официјално знаме со деценииФотографија: picture-alliance/dpa

Палестинската државност моментално е спорна меѓу научниците, дипломатите и поединечни нации. Еве што треба да знаете за прашањето за палестинската државност.

Што е држава?

Постојат две теории за државноста: декларативната теорија и конститутивната теорија.

Застапниците на декларативната теорија велат дека една држава може да се смета за таква доколку ја исполнува дефиницијата за државност содржана во Конвенцијата од Монтевидео од 1933 година според која за да се смета за држава, мора да има постојано население, дефинирана територија, своја влада и можност да стапува во односи со други држави.

Конвенцијата наведува дека политичкото постоење на една држава е „независно од признавањето од други држави“. Дури и пред признавањето, државата има право да го брани својот интегритет и независност, да се грижи за нивното зачувување и просперитет, и да се организира како што смета дека е соодветно, да донесува закони во согласност со нејзините интереси, да ги администрира своите услуги и да ги дефинира јурисдикцијата и овластувањата на нејзините судови“, стои во конвенцијата.

Ова води кон друга теорија за државноста: конститутивната теорија. За разлика од Конвенцијата од Монтевидео, оваа теорија вели дека една држава може да се смета за држава само ако остатокот од светот ја признае како таква. Оваа теорија не е заснована на правото, но модерната државност многу повеќе се смета за прашање на меѓународното право и дипломатијата.

Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, САД, сојузник на Израел, блокираа голем број палестински кандидатури за државностФотографија: Timothy A. Clary/AFP/Getty Images

Дали палестинските територии ја исполнуваат дефиницијата за држава?

Научниците се со различни ставови околу тоа дали палестинските територии одговараат на правната дефиниција за држава.

Некои велат дека се, додека други велат дека не се исполнети условите содржани во Конвенцијата од Монтевидео.

Некои се противат на употребата на Конвенцијата од Монтевидео во определувањето на државноста како целина, наведувајќи дека најмногу надеж за палестинските територии е да се бара државност преку меѓународно признавање.

Кои земји ги признаа палестинските територии како држава?

Повеќето од 193 земји-членки на ОН - 139 од нив - ги признаваат палестинските автономни области како држава.

Кандидатурата на една земја да стане членка на Обединетите нации мора да биде одобрена од најмалку девет од 15-те членки на Советот за безбедност на ОН. Ако некоја од петте постојани членки на Советот стави вето на кандидатурата, земјата не може да се приклучи. Постојани членки на Советот за безбедност се Кина, Франција, Руската Федерација, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави. Палестина не е призната како држава од страна на САД, Франција и Велика Британија.

Овие три нации рекоа дека нема да ја признаат Палестина додека конфликтот со Израел не се реши по мирен пат. Девет од 27-те земји-членки на ЕУ ја признаваат палестинската државност. Речиси сите земји-членки на ЕУ кои ја признаваат палестинската државност се држави од поранешниот Советски Сојуз и сите палестинската државност ја признале уште пред да станат членки на Унијата. Шведска, која ја призна палестинската државност во 2014 година, е единствената земја што го стори тоа како членка на ЕУ.

Палестина во моментов е призната како земја набљудувач без статус на членка во ООН, што значи дека е добредојдена да учествува на седниците на Генералното собрание на ООН и може да има свои канцеларии во седиштето на ООН во Њујорк.

Поради статусот на набљудувач, кој беше доделен во 2012 година, во 2015 година Палестинските територии добија членство во Меѓународниот кривичен суд (МКС), единствениот постојан меѓународен суд кој може да гони поединци за воени злосторства.

Во 2021 година, тогашниот обвинител Фату Бенсуда објави дека МКС отвора истрага за ситуацијата на палестинските територии. Пристапувањето на Палестина кон Римскиот статут и членството во МКС му дадоа на МКС правен легитимитет да истражува злосторства сторени од Палестинци, или пак кои се извршени на палестинските територии.

Истрагата, која Израел ја осуди, моментално е во тек.

Каков е ефектот на признавањето?

Една земја може да има државност, но да не биде членка на ООН. На пример, Швајцарија се приклучи на ООН како земја-членка дури во 2002 година, додека Лихтенштајн не се приклучи сѐ до 1990 година, а Сан Марино до 1992 година. Сите беа меѓународно признати држави уште пред да се приклучат на ООН. 

Бидејќи Палестина не е земја членка на ОН, таа не може да гласа во резолуциите на Генералното собрание на ОНФотографија: Bebeto Matthews/AP Photo/picture alliance

Статусот на набљудувач без членство во ООН на Палестина значи дека таа може да ја следи работата на ООН, но не може да гласа во Генералното собрание. Па така на пример, Палестина не можеше неодамна да гласа за неуспешната резолуција со која се бараше прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас. Таа не можеше да гласа ниту за резолуцијата со која се повикува на „хуманитарно примирје“ во конфликтот, која пак беше усвоена.

Каков е ставот на Германија за палестинската државност?

Германија, како и САД и многу членки на ЕУ, не ја признаваат палестинската државност. Сепак, според германското Министерство за надворешни работи, земјата го поддржува „основањето на идна палестинска држава како дел од решението за две држави договорено меѓу страните во конфликтот“.

Позицијата на Германија за палестинската државност се отвори и пред судовите во случаите кои се однесуваат на статусот на бегалците. Во одлуката од ноември 2020 година, германскиот суд потврди дека „не постои палестинско државјанство“ и дека нема држава Палестина, а тие лица се третираат како „апатрити”.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми