1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали поскапувањата ќе им го уништат Божик на Германците?

Андреа Јунг-Грим
14 декември 2024

Цените на путерот, чоколадото и кафето во Германија бележат нови рекорди, а значително се зголемија и цените на некои осигурувања, парното греење и разни услуги. Но, не е сè толку црно.

Германија супермаркет
Поскапувањето на путерот е најзабележлива промена на потрошувачките цени во ноемвриФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/IMAGO

Низ цела Германија веќе наголемо се печат божиќни колачи – крцкави и суви, или полнети со крем. Не е важно кој тип ќе го изберете, речиси за сите рецепти е потребен путер, а за некои и прилично големо количество путер... Ваквите колачи ќе бидат значително поскапи овој Божик. Во однос на минатата година, путерот поскапе за цели 38,9 проценти и сега чини од 2,39 евра нагоре. Експертите очекуваат и натамошен раст на цените, меѓу другото и затоа што понудата е помала, а побарувачката сѐ поголема.

А, ако во предбожиќниот период германските граѓани сакаат чоколадо, за слаткото задоволство ќе треба да потрошат во просек 9,5 отсто повеќе отколку лани во овој период од годината.

Лоши вести за кафеџиите

Поскапувањето на путерот е најзабележлива промена на потрошувачките цени во ноември. Според пресметките на германскиот Сојузен завод за статистика, ниту еден друг производ не забележал толку висок раст на цената.

Лоши вести има и за оние кои не можат да си го замислат колачето без шолја кафе. Кафето достигна највисока цена во последните 50 години, а се најавуваат и натамошни поскапувања. Главна причина се неповолните временски услови. Експертите велат дека за тоа се виновни климатските промени, па Бразил, најголемиот светски производител на кафе, се соочува со сѐ поголеми горештини и суши, а во Виетнам, кој е на второ место според производството, доаѓа до големи поплави. Од прехранбените производи значително поскапе и маслиновото масло (13,3%) и овошните сокови (11,2%).

Правењето колачи годинава е значително поскапо од ланиФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Има и добри вести...

Но, не е сè толку црно. За колачи се потребни и шеќер и брашно, а нивната цена е намалена за 23% (шеќер) и 5,9% (брашно) во однос на ноември минатата година.

Генерално погледнато, растот на цената на храната во Германија значително забави. Цените на храната во ноември се за 1,8 проценти повисоки во однос на истиот период лани, што е под вкупната стапка на инфлација од 2,2 проценти.

Поскапо осигурување и централно греење

Додека храната во просек веќе не поскапува толку драстично како во изминатите месеци, други трошоци значително се зголемија. Така, сопствениците на моторни возила сега треба да плаќаат просечно 34,8 проценти повеќе за осигурување, а парното греење е во просек за 30,7 проценти поскапо, објави Сојузниот завод за статистика.

Од поскапувања  не се поштедени ниту оние кои претстојните празници нема да ги поминат дома, па така меѓународните авионски билети чинат во просек 10,5 проценти повеќе од минатата година во ова време. За зголемување на вкупната стапка на инфлација во ноември придонесоа и цените на услугите кои се за 4 проценти повисоки од претходната година.

Годинава се поскапи и осигурувањата и услугитеФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

ЕЦБ е загрижена за инфлацијата

Постојаното високата основна инфлација може да биде причина за загриженост и во Европската централна банка, која сака среднорочно да ја намали на 2 проценти во Еврозоната. За годинава ЕЦБ предвидува инфлација од 2,5 проценти, но експертите очекуваат нејзин пад следната година, благодарение на побавниот раст на трошоците за работа.

На германските компании освен тоа може да им биде сè потешко да ги префрлаат зголемените трошоци на клиентите и крајните корисници на услугите поради слабата општа економска ситуација, оценува економистот на Комерцбанк, Ралф Солвен. „Со оглед на тоа дека во Еврозоната се очекува сличен тренд, развојот на цените веројатно ќе ја поттикне ЕЦБ дополнително да ја намали основната каматна стапка“, смета тој.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, овој четврток (12.12.) објави дека основната каматна стапка ќе се намали за 0,25 проценти, од 3,25% на 3%.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми