Која е формулата за победа на Евровизија?
16 мај 2026
Дали постои сигурен рецепт за успешна песна на Евровизија? Прашање што станува особено актуелно во пресрет на големото финале. Според најнова научна анализа, шансите за победа ги зголемуваат оние кои умеат паметно да ги пробијат утврдените правила и трендови.
Ова прашање го заинтригирало и физичарот и социолог Дирк Хелбинг од Федералниот технолошки институт (ETH) во Цирих. Неговиот истражувачки тим од областа на компјутерски поддржаните општествени науки детално го анализирал натпреварот, кој со децении привлекува милионска публика.
По трет пат, Евровизискиот натпревар за песна оваа година се одржува во Виена.
Евровизија, која се одржува од 1956 година, прерасна од скромен музички натпревар во глобален поп-културен феномен. Речиси ниту еден друг музички настан не е толку детално документиран – достапни се податоци за песни, текстови, гласања и правила, што ја прави идеална платформа за научна анализа.
Анализа на 70 години Евровизија
Истражувачите анализирале речиси 1.800 песни од повеќе од седум децении, при што користеле над 35 различни параметри – како што се ритмичност, јазик, жанр, емоционалност и тематика.
Според резултатите, низ годините се случиле значајни промени. Во минатото, доминирале теми како носталгија, додека денес се почести мотивите поврзани со љубов, бунт и егзистенцијални чувства. Оваа трансформација, според научниците, е директно поврзана со глобалните општествени и политички текови – културата постојано реагира на духот на времето.
Клучот за успех: кршење на правилата
Анализата издвојува три карактеристики што станале стандард во последните години: песните најчесто се изведуваат на англиски јазик, во поп-стил и со висок степен на ритмичност.
Сепак, овие елементи повеќе не гарантираат победа. Напротив, тие денес се минимален предуслов за конкурентност, а не предност.
Затоа, според Хелбинг, пресуден фактор е нешто друго: способноста да се прекрши нормата на оригинален начин и да се постави нов тренд што другите ќе го следат.
Со други зборови, не победува она што се вклопува, туку она што се издвојува.
„Ефектот на Црвената кралица“
Оваа динамика во науката е позната како „ефект на Црвената кралица“ – ситуација во која сите учесници постојано учат еден од друг и се подобруваат, но на крајот остануваат на исто ниво во однос на конкуренцијата.
Така, и на Евровизија, државите постојано ги копираат успешните формули, што доведува до изедначување на стиловите. Но токму затоа, за победа е неопходна оригиналност и иновација.
Како се менувал натпреварот низ времето
Студијата идентификува три развојни фази на Евровизија:
Во првата фаза (до 1970-тите), фокусот бил на културната презентација, а не на победата. Настапите биле разновидни и автентични.
Во следниот период се појавиле јасни модели за успех, кои земјите почнале да ги следат, што довело до стандардизација.
По 2004 година, организаторите вовеле нови правила, ја прошириле конкуренцијата и го промениле системот на гласање за да ја вратат неизвесноста и динамиката.
Според Хелбинг, Евровизија денес функционира како „лабораторија на демократијата“, каде правилата постојано се адаптираат за да се спречи предвидливоста.
Нема формула што гарантира победа
Иако многу земји се обидуваат да ја пронајдат „тајната состојка“, истражувањето јасно покажува дека универзална формула не постои. Трендовите брзо се менуваат, а секој нов успешен настап ја редефинира играта.
Ова важи и надвор од музиката. Како што истакнува Хелбинг, иновацијата е клучна и во бизнисот – без неа, нема напредок.
„Сонот дека може да се открие формула што секогаш функционира е илузија“, заклучуваат истражувачите.
Авторка: Јозефине Кубан, РББ