1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Дали со призната Палестина може да запре војната во Газа?

Катрин Шаер
15 февруари 2024

Повиците за признавање на Палестина како држава се многу дебатирани. Застапниците велат дека овој потег ќе има правна и симболична моќ. Но, критичарите тврдат дека тоа нема да ги реши вистинските проблеми.

Критичарите велат дека признавањето на Палестина како држава нема да ги реши актуелните проблеми
Критичарите велат дека признавањето на Палестина како држава нема да ги реши актуелните проблемиФотографија: Dawoud Abo Alkas/Anadolu/picture alliance

Во последно време, сѐ погласни се повиците до западниот свет да ја признае Палестина како самостојна држава.

Иако Германија не ја смета Палестина за држава, мнозинството држави во светот, 139 од вкупно 193, во Обединетите нации ја сметаат. Она што е значајно овојпат, сепак, е тоа што признавањето очигледно се преиспитува од САД, земја која претходно ставаше вето на речиси секој обид  Палестина да биде признаена како држава.

Се чини дека Обединетото Кралство, исто така, размислува за тоа, иако во минатото, земјата се противеше на потегот исто како и САД.

„Она што треба да го направиме е да му дадеме на палестинскиот народ хоризонт кон подобра иднина, иднина да има сопствена држава“, рече британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон претходно месецов.

Високи политичари во Шпанија, Норвешка и во Ирска, исто така, неодамна зборуваа за потенцијално признавање на Палестина како држава. 

„На повеќе клучни играчи на Блискиот исток им е потребна демилитаризирана палестинска држава, денес повеќе од кога било претходно“, сумираше неделава колумнистот на американскиот весник „Њујорк Тајмс“, Томас Фридман.

Меѓутоа, експертите повикуваат на претпазливост во врска со изјавите од САД и од Обединетото Кралство, сугерирајќи дека тие најверојатно се протечени, или во случајот на Обединетото Кралство, отворено изразени, за да се изврши притисок врз сè попркосната израелска влада, која не е загрижена поради зголемената нелагодност кај блиските сојузници од нејзината тактика во Појасот Газа.

На прашањето за појаснување на изјавите, американските портпароли рекоа дека засега владините политики остануваат непроменети. 

Зошто идејата е контроверзна? 

За многу земји на Запад, идејата отсекогаш била дека промената на статусот на Палестинците ќе дојде на крајот од преговорите за она што е познато како решение за две држави, според кое Израел и Палестина постојат рамо до рамо.

Ова е причината зошто најновите изјави и гласини предизвикаа толку многу дебати. Некои велат дека признавањето на Палестина како држава ќе биде првиот чекор кон трајно мировно решение на овој повеќедецениски конфликт.

Но, други велат дека доколку условите не се променат на терен, признавањето би било бескорисно и би придонело само за одржување на статус-кво состојбата, оставајќи ѝ ја сета моќ на израелската држава.

Во ОН, Палестина е прифатена како „држава набљудувач што не е членка“Фотографија: ZAIN JAAFAR/AFP/Getty Images

Кои се предностите? 

Признавањето ќе ѝ даде на Палестина поголема политичка, правна, па дури и симболична моќ. Конкретно, израелската окупација или анексија на палестинската територија би станала посериозен правен проблем.

„[Таквата] промена би поставила основа за преговори за постојан статус меѓу Израел и Палестина, не како збир на отстапки меѓу окупаторот и окупираниот, туку меѓу два ентитета кои се еднакви во очите на меѓународното право“, напиша Џош Пол во американскиот весник „Лос Анџелес Тајмс“ минатиот месец. 

До неодамна, Пол беше директор за конгресни и јавни работи на Бирото за политичко-воени прашања во американскиот Стејт департмент, но поднесе оставка поради несогласувањата со американската политика за Газа.

„Споровите, како статусот на Ерусалим или контролата над границите, правата за водата и за етерот, може да се решат преку воспоставени глобални арбитражни механизми“, предложи тој, истакнувајќи дека меѓународно прифатените правила за правото, цивилното воздухопловство или за телекомуникациите потоа можат да се користат како помош во решавањето на тековните спорови.

Меѓутоа, веројатно најголемата предност за Палестинците е симболична. Палестина, конечно, би можела да го изведе Израел пред некој вид меѓународен суд, но тоа би било многу подоцна, рече Филип Лич-Нго, аналитичар за Блискиот Исток од Канада и автор на книгата од 2016 година „Државата Палестина: Критичка анализа“.

Палестина се приклучи на различни меѓународни тела, како УНЕСКО, каде што е призната како државаФотографија: HAZEM BADER/AFP/Getty Images

За Палестинската управа, која раководи со дел од окупираниот Западен Брег и е дел од официјалното застапништво на палестинскиот народ, „целата причина за постоење признавањето“, изјави Лич-Нго за ДВ. „Тие не можат да ѝ понудат на палестинската јавност ништо друго. Тие не можат да се спротивстават на Израел, тие не се способни да ги подобрат животите на Палестинците под нивна јурисдикција и исто така се корумпирани и недемократски. Така, единственото нешто што тие може да понудат е ветувањето за меѓународно признавање“.

„На крајот на краиштата“, продолжува Лич-Нго, „признавањето како држава би било начин да се каже дека меѓународната заедница прифаќа оти палестинската кауза е легитимна и, во контекст на продолжената воена окупација од страна на Израел, што нуди значителен политички капитал." 

Кои се недостатоците? 

Неодамнешните анкети покажуваат дека повеќето Израелци не сакаат да ја видат Палестина како држава. Истото со години го кажува и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. И за Израелците и за нивните меѓународни поддржувачи, исто така, постојат стравувања дека ако Палестина сега биде признаена како држава, тоа може да значи победа за оние кои се залагаат за насилство.

Најновата војна во Газа започна по 7 октомври, кога терористичката група Хамас го нападна Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе. Оттогаш, тековната воена кампања на Израел во Појасот Газа предизвика околу 28.000 смртни случаи.

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

01:03

This browser does not support the video element.

Ако признавањето се случи сега, Хамас „најверојатно ќе ги преземе заслугите“, напиша Џером Сегал, директор на американскиот тинк-тенк Интернешенел Пис Консалтанси, во магазинот „Форин полиси“ претходно овој месец. „[Хамас] ќе остане на ставот дека ова признавање ... покажува дека само вооружената борба дава резултати“.

Разликата меѓу признавањето и решението за две држави

И покрај тоа што доаѓа со правни и симболични предности, признавањето на Палестина како држава нема веднаш да промени ништо на теренот.

„Најголемите пречки за палестинската државност во февруари 2024 година се слични на најголемите пречки што постоеја пред 7 октомври“, напиша неделава Далија Шајндлин, соработник од Тел Авив во американскиот тинк-тенк Сенчури Интернешенел, .

„Прво и основно, израелското политичко раководство е посветено на спречување на палестинската независност по секоја цена. Второ, палестинското раководство е целосно поделено и речиси нема домашен легитимитет. Сите овие пречки станаа уште поголеми  од 7 октомври“, напиша таа.

„Доколку замавнете со магично стапче и одеднаш креирате признавање на палестинската држава, сè уште ќе има огромни проблеми на теренот“, истакнува аналитичарот за Блискиот Исток, Лич-Нго. „Има окупација, тука се [нелегалните] населби, пустошењето во Газа и недостатокот на контрола над границите, како и прашањето кој го контролира Ерусалим. Има бројни прашања за конечниот статус кои не би биле одеднаш решени - дури и ако можешт да замавнете со магично стапче“, заклучува тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми