1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Сирија: Падот на Асад - помалку тензии на Блискиот Исток?

Џенифер Холејс
11 декември 2024

Додека Сиријците ширум светот го слават падот на режимот на Башар ал Асад, експертите анализираат како ќе влијае тоа на геополитичката ситуација - и дали би можело да доведе до помалку тензии на Блискиот Исток.

Сиријците излегоа на улиците за да го прослават падот на Асад во неделата на 9 декември, 2024 година
Сиријците излегоа на улиците за да го прослават падот на Асад во неделата на 9 декември, 2024 годинаФотографија: Bekir Kasim/Anadolu/picture alliance

Брзиот пад на режимот на Башар ал Асад во Сирија по успешното напредување на исламистичката милиција Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), што во превод значи „Организација за ослободување на Левантот“, ќе ги преуреди односите на Сирија со соседите.

ХТС управуваше со последното големо опозициско упориште во Сирија во северозападниот регион на земјата Идлиб пет години, но додека се фокусира на консолидирање на својата власт во сирискиот главен град Дамаск, има многу дебати за тоа дали таа ќе може да управува со целата земја, особено бидејќи има мноогу други бунтовнички групи кои ќе сакаат да ја делат власта.

„На арапските лидери нема да им се допадне рушењето на сириската стабилност“, напиша  во понеделникот  Ричард Лебарон, експерт за Блискиот Исток во тинк-тенкот Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон .

Со години, клучни сојузници на Асад беа Русија, Иран и милицијата Хезболах поддржана од Иран. Арапската лига - група од 22 земји - ги обнови односите со неговиот режим во мај 2023 година по 12 години изолација како последица на неговото брутално однесување кон локалното население за време на граѓанската војна во Сирија.

Но, според мислењето на Лебарон, меѓу арапските соседи на Сирија, само Катар - кој цврсто се спротивставуваше на режимот на Асад - може да исчекори за да помогне во обновата на уништената, фрагментирана и економски ослабена земја.

Нејзините нови лидери ќе се надеваат на укинување на меѓународните санкции, но останува да се види кои актери, освен Катар, би можеле да бидат подготвени да ги поддржат.

Групата ХТС, која претходно беше поврзана со терористичката организација назначена од САД Ал Каеда, беше означена како странска терористичка организација од САД во 2018 година.

Но, нејзиниот водач Абу Мохамед ал Џолани неодамна  за американската телевизија Си-Ен-Ен изјави дека тој и другите водачи во групата еволуирале во нивниот поглед и разбирање на Исламот, тврдејќи дека екстремните ставови од нивната младост станале поумерени со текот на времето.

Водачот на ХТС, Абу Мохамед ал ЏоланиФотографија: Balkis Press/ABACA/Imago Images

Во понеделникот, новинската агенција АП објави дека тој рекол оти ХТС нема да наметнува кодекси за облекување за жените или да се меша во другите лични слободи. Во последниве години, милицијата покажа толеранција кон верските малцинства, како што се христијаните или заедницата Друзи во областите под нејзина контрола.

Напрегнати односи со соседите

Соседите на Сирија, како Либан, Јордан, Ирак и Израел, ја зајакнаа безбедноста на своите граници. 

„Сè уште е рано целосно да се проценат регионалните импликации, но безбедносните грижи доминираат во реакциите на соседните држави“, вели за ДВ Нанар Хавах, висок аналитичар за Сирија во Меѓународната кризна група, независна организација која работи на спречување војни.

Хавах вели дека Израел го поздравил падот на Асад, кој беше клучен сојузник на Иран и на либанската милиција Хезболах, „но сепак презеде големи чекори во однос на безбедноста, вклучително и упад во Кунеитра и планината Хермон, каде што воспостави тампон зона долж границата како дел од безбедносните мерки на претпазливост“.

„Израел, исто така, ја искористи можноста воено да го ослабне наследникот на режимот на Асад со бомбардирање на воени цели, вклучително и воздушната одбрана и аеродромот Ал-Мазех во Дамаск“, додаде Хавах.

Исто така беше објавено дека американските воздушни напади во неделата погодиле 75 цели на т.н. Исламска држава,  во централна Сирија, поради стравувањата на претседателот на САД, Џо Бајден дека падот на Асад би можел да отвори врата за обнова на исламскиот екстремизам.

Околу 900 американски војници во моментов се стационирани во Сирија за да ја спречат ИД повторно да зајакне. Тие, исто така, ја поддржуваат и обучуваат курдската Единица за заштита на сирискиот народ (ИПГ) во североисточниот дел на земјата. Аналитичарите велат дека ХТС и ИД немаат заеднички цели, бидејќи првата сака само да ја контролира Сирија и нема цел да изгради глобален калифат.

Политичка стабилизација и демократија во Сирија?

Аналитичарите велат дека без оглед на регионалните последици, новите владетели на Сирија ќе мора да се фокусираат на политичката стабилизација доколку сакаат да бидат признаени од Турција, Европската унија и од САД.

„Веројатно сите овие ентитети ќе ја признаат новата влада на ХТС под услов таа да формира умерена администрација, да се воздржува од борба против курдските ЈПГ и да не ги поддржува Хезболах или Хамас“, изјави Мехмет Озалп, вонреден професор по исламски студии на Австралискиот универзитет Чарлс Стурт, изјави онлајн магазинот The Conversation.

„Со оглед на нивниот неочекуван успех во соборувањето на Асад толку брзо, опозицијата веројатно ќе ги прифати овие услови во замена за помош и признание“, додаде тој.

Бурџу Озчелик, висок научен соработник за безбедност на Блискиот Исток во лондонскиот Royal United Services Institute (РУСИ),  за ДВ изјави и дека иако „земјата има мало искуство со демократските институции и се соочува со голем ризик од неред, па дури и територијална фрагментација “, тоа би можело да биде „вистинската причина“ што овој момент може да доведе до „почеток на политичко решение“.

Според  Озчелик, со време и со остварлив распоред, можно е дури да се оствари имплементација на Резолуцијата 2254 на ОН, која повикува на слободни и демократски избори во Сирија.

„Ќе биде од суштинско значење процесот да биде што е можно поинклузивен со минимално надворешно мешање за да се поддржи автохтониот сириски патоказ“, рече таа за ДВ.

Раселените луѓе почнуваат да си одат дома

По соборувањето на Асад, сириското население е во движење, бидејќи стана возможно да се влезе во делови од Сирија до кои досега беше невозможно да се пристапи.

Тоа беше случај и со регионот на Идлиб со околу 4 милиони претежно раселени Сиријци кои живееја под контрола на ХТС во последните пет години.

„Евидентиравме над 370.000 луѓе кои пристигнуваат во Идлиб од други покраини“, изјави за ДВ Дејвид Карден, заменик регионален хуманитарен координатор на ОН за кризата во Сирија.

 „Ситуацијата со раселувањето продолжува да биде флуидна бидејќи луѓето исто така се враќаат дома“, рече тој, додавајќи; „Ние остануваме посветени да останеме и да испорачаме и да им помагаме на најранливите луѓе во Сирија преку сите модалитети“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми