Дали САД сепак планираат напад врз Иран?
29 јануари 2026
На иранската државна телевизија, портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани зборува за интернетот. Таа вели дека бил исклучен од безбедносни причини. Трговците и продавачите сега имаат добиено ограничен пристап. Ваквата ситуација не е пожелна, објаснува Мохаџерани, но земјата е во посебна ситуација.
Блокирањето на интернетот штети и на економијата. Загубите се проценуваат на 20,6 милиони американски долари дневно, изјави Али Хаким-Џавади од полудржавното Здружение на компјутерски инженери за еден ирански весник. Трговската и индустриска комора објавува дека 400.000 компании се акутно загрозени. Вредноста на иранската валута, ријалот, повторно падна на историски минимум во вторникот.
Очевидци зборуваат за масакр
Во последните денови, интернетот повторно повремено се вклучува. Така, сè повеќе гласови од Иран стигнуваат до надворешниот свет. Али е меѓу нив. Заедно со неговата сопруга, тој учествувал во масовните протести во Техеран.
„Не знам кои беа, дојдоа во цивилна облека на мотоцикли и пукаа со солзавец и пушки. Некои демонстранти имаа крвави лица и повреди по целото тело“, вели четириесет и деветгодишникот. Многумина избегаа, некои останаа - запалија една џамија.
Триесетгодишниот Хасан исто така протестирал против режимот на почетокот на јануари. Она што можеше да се види на улиците, вели тој, не беше ништо друго освен масакр. „Безбедносните сили пукаа и убиваа. Ние сме меѓу преживеаните. Ситуацијата беше исклучително драматична.“
Според извештаите на медиумите, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, му наредил на Советот за национална безбедност да ги прекине протестите - со сите потребни средства.
„Тајм": 30.000 мртви
Организацијата за човекови права ХРАНА досега потврди повеќе од 6.100 смртни случаи преку детална анализа. Моментално се обработуваат повеќе од 17.000 дополнителни случаи на убиства. Весникот „Тајм“објавува дека дури 30.000 луѓе биле убиени во рок од два дена. Тој како извори цитира двајца високи функционери од иранското Министерство за здравство. Експертите веруваат дека овие бројки се реални - можеби се дури и повисоки.
Активистот за човекови права Реза Хандан моментално е затворен во затворот Евин во Техеран. Во изјава, тој го нарекува задушувањето на протестите еден од најкрвавите масакри во историјата на протестите низ целиот свет. Зборовите и јазикот, вели Хандан, не можат да го опишат обемот на масовните, систематски убиства. Тој додава дека жали за загубата на генерација што би можела да ја обликува иднината на земјата.
Страв од напад од страна на САД, но и закани
Претседателот на САД, Доналд Трамп, постојано се заканува дека САД ќе го нападнат Иран како одговор на крвавото задушување на масовните протести. Се зголемуваат индикации дека може да следи напад. Неодамна, во регионот пристигна флота од воени бродови предводени од носачот на авиони „Абрахам Линколн“.
Во телефонски разговор со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека неговата земја позитивно го оценува секој процес што би можел да спречи војна.
Други веќе се закануваат со контранапади, на пример врз американските воени бази во регионот. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Бахаџи, изјави: „Движењето на еден воен брод нема да влијае на решителноста на Иран. Имаме целосен капацитет да го браниме Иран“.
На плоштадот Енгелаб во Техеран, каде што пропагандата на режимот е ширена на огромни постери на фасадите на зградите, неодамна се појави нов мотив. Тој прикажува носач на авиони со американско знаме, очигледно погоден, во море со боја на крв. Заедно со натписот, на персиски и англиски јазик: „Кој сее ветер, ќе пожнее бура“.
Автор: Бенјамин Вебер, АРД
Овој текст првично содржеше фотографија од агенцијата SalamPix. Таа беше отстранета на 12 март 2026 година, откако Picture Alliance и Imago објавија дека ги повлекуваат фотографиите од SalamPix поради загриженост за нивното потекло и можна манипулација.