Во југословенско време имаше една изрека која велеше да живееме како да ќе има сто години мир а да се подготвуваме како да утре ќе почне војна. Се чини дека светот никогаш не бил поблиску до таа изрека, како што е сега. Колку и да се обидуваме да го игнорираме ѕвекотот на оружјето или во современиот речник бучењето на борбените авиони и зуењето на дроновите, овие звуци се во моментов најсилни. Застрашувачки до степен човечката свест да се обиде да ги игнорира затоа што во спротивно водат до црни сценарија за опстанокот на човештвото.
Дипломатите предупредуваат дека Европа никогаш не била близу толку до војна како што е денес. Во воениот конфликт во Иран е опфатена и Турција, за која отсекогаш сме сметале дека е повеќе Европа отколку Исток. Во тие рамки и Кипар го гледавме како блиска дестинација за уживање во морето и сонцето, а сега се чини дека тоа медитеранско катче станува жешка точка на воената мапа.
Политичка Северна Македонија толку мирно ги набљудува случувањата што се наметнува цинично прашање дали знае дека на исток се водат борбени дејствија кои можат да го запалат целиот европски континент. Само мал исечок од вчерашната (10.03.2026) државна агенда го потврдува тоа. Министерот за транспорт и врски Александар Николовски е во САД каде што договара заем од Светска банка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е во Треблинка, Полска на комеморација за убиените македонски Евреи кои во 1943 година биле депортирани во логорот на смртта, а претседателот на Владата Христијан Мицкоски врши увид во изградбата на пречистителна станица во Кучевишка Бара во Чучер Сандево и Бутел. Опозицијата немаме поим каде е.
Дочек со фанфари
Заклучокот од оваа агенда на македонскиот државно-политички врв е дека ние сме навистина една заспана провинција која само топ може да ја разбуди. Повремено од сонот нѐ тргаат звуците на авионот кој ги враќа туристите од Дубаи, се разбира на државен трошок, заедно со пропагандните фанфари за нивниот дочек и со цвеќето што им го делеше министерот за надворешни работи за добредојде. Една туристка огорчено за еден онлајн медиум раскажа дека во хотелот каде отседнале чекајќи ја евакуацијата, немало играчки за нејзиното дете, па од досада тоа три пати го притиснало копчето за итен повик. Денеска (11.03.2026) очекуваме да се вратат нашите и од Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин. Повторно владата чести за летот. Изгледа полесно е од буџетски пари да се плати лет на приватни граѓани отколку да бидат ослободени од здравствена партиципација повредените од пожарот на дискотеката „Пулс“.
Како држава под чадорот на НАТО Македонија не треба да се плаши од ескалација на воената ситуација. Така барем вели теоријата. Но никој не знае како ќе се развива ситуацијата ниту какви ќе бидат приоритетите на Алијансата во случај на конфликт од пошироки размери. Засега НАТО ги одвраќа нападите во Турција за кои Иран не признава дека се извршени од негова страна. Меѓутоа, од клучна важност може да стане и иднината на НАТО со оглед на јазот кој се повеќе се продлабочува меѓу европските земји и САД кои имаат водечка улога во НАТО.
Од европските влади пристигнуваат смирувачки вести дека одбраната на Европа ќе се однесува за целата територија, што значи дека и од таа страна нашата држава ужива безбедносни гаранции.
Сепак, спокојството што владее кај македонското раководство кон ситуацијата на Блискиот Исток може да се толкува или како неспособност да се антиципираат идни случувања или како отсуство на капацитет за процена на ризиците. Премиерот во вторникот (10.03.) се пофали во јавноста со високо ниво на реализација на капитални инвестиции и раст на бруто домашниот производ, додека населението, од друга страна, дежура на бензинските пумпи и стравува од нови ценовни и економски шокови. Владата, како што се покажа во изминатите денови се осврна и на можната економска криза и решенијата што ги подготвува, но впечатокот е дека не покажува загриженост од растечката неизвесност во кој правец ќе се развива воениот конфликт.
Метафора на дипломатските промашувања
Наспроти рамнодушноста во Скопје, во регионот има и спротивни примери. Медиумите јавуваат дека Србија во последниот период увезла најмногу софистицирано оружје во целиот регион.
Податоците од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) покажаа дека иако и другите земји во регионот ги зголемиле воените трошоци, разликата во обемот на набавки останува голем и Србија е на 37-мо место во светот по увоз на сложени системи за оружје, пред некои членки на ЕУ во регионот, како Хрватска и Бугарија. Заедно со најголемиот обем на увоз на оружје, Србија има и најголеми трошоци за одбрана во регионот. Во периодот од 2020 до 2024 година, реалната вредност на воениот буџет бил околу шест пати поголема од буџетот на Албанија, која е втор најголем потрошувач во Западен Балкан. Со такво темпо на наоружување и со растечката неизвесност за безбедносната ситуација, Србија се чини повторно станува атрактивна за ЕУ, па така нашиот сосед се враќа и на радарот за проширувањето на Унијата со Западен Балкан.
Северна Македонија со својата преуранета поддршка до САД за интервенцијата во Иран, изгледа како да го загуби чувството за објективно геостратешко позиционирање. Тоа (не)дипломатско истрчување може да ја чини губење на довербата со европските партнери токму во мигот кога треба да се биде поблиску до Брисел отколку до Вашингтон. Еден странски политичар на неодамнешниот настан на Пан – Европската унија во Скопје на кој присуствуваше и премиерот Мицкоски рече дека е попаметно да се има добри односи со соседите отколку со некој далечен роднина. Тоа е совршена метафора за македонските промашувања во надворешната политика. Проблемот е што сега најмалку имаме право на грешки.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
